• петок, 19 април 2024

Ристе Миладинов, директен потомок на браќата Миладиновци, љубовта кон театарот и публиката го држат на сцена 55 години

Ристе Миладинов, директен потомок на браќата Миладиновци, љубовта кон театарот и публиката го држат на сцена 55 години

Струга, 18 април 2023 (МИА) - Пет ипол децении театарска дејност и 15 години драмско студио „Миладин“ со 100-тина режирани, а дел и одиграни претстави, говорат за љубовта кон театарот, творењето и создавањето на стружанецот Ристе Миладинов. Годините поминати на сцената и за сцената се одраз на неговата енергија и креативност, а публиката го мотивира со голем жар да подготвува нови премиери. Директен потомок, на браќата Миладиновци, четврто колено од Димитрија Миладинов, Христо Миладинов или меѓу сограѓаните познат како Ристе Миладин со гордост зборува за своето потомство. Тоа било дополнителен мотив и животна водилка да ја продолжи културната дејност на Миладиновци. Иако со заокружувањето на 50 години театарска дејност сакал да се откаже од создавањето драми и да продолжи да ужива во мирните пензионерски денови, публиката и актерите во аматерското драмско студио го мотивирале да продолжи.

Во разговор за МИА тој раскажува за неговите почетоци, љубовта кон драмската дејност, поддршката што ја добива од публиката со полните сали, но и за неговите корени.

- Најголем мотив ми е публиката што 55 години не ме разочарала, не ме отфрлила, не се изразила лошо, а доказ за тоа се полните сали. Полните сали покажуваат дека на Струга и недостасува театарски живот, а стружани уживаат во секоја нова претстава, вели Миладинов.

Со емоции раскажува дека кога ќе види полна сала и срцето му е полно, а секоја создадена претстава ја гледа како свое дете и како нивни творец сите ги сака подеднакво.

Публиката ме остави на сцената

Полната сала во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ и позитивните реакции од публиката го исполнуваат овој креативен стружанец неуморно да се вложува во создавањето нови дела и да носи радост кај гледачите, но и актерите. Од формирањето на драмското студио „Миладин“ до неговиот 10. роденден, чичко Ристе направил 50 претстави, односно во годишниот календар биле запишувани по пет премиери, по две за возрасни и за деца и една за Велигден. Последните пет години, пред се поради немањето услови бројката е намалена на три, по една за возрасни и за деца и традиционалната за Велигден.

- Сето тоа го правев со љубов. Не чувствував дека сум уморен или оптоварен, но бев постојано во трчање. На секои три-четири месеци вадев претстава комплетно направена со сценографија, костимографија, музика, осветлување. Се правев сам со децата, кои глумат. Додека можам и додека имам сили во себе, а љубов имам, јас ќе работам на драмската активности и никогаш нема да ја оставам публиката без претстава, дали една или две, важно ќе гледаат, ветува Миладинов.

На свеченоста со која одбележа 50 години театарска дејност, иако сакал да најави дека ќе заврши со драмските активности, бил спречен од неговиот духовен отец.

- Кога му кажав на отец Стефан Санџакоски, кој беше со мене на бината, дека ќе најавам оти со оваа прослава ги завршувам активностите, тој ми рече „стани и сврти се кон публиката. Овој народ го гледаш, тој е дојден за тебе не е дојден за мене и ти сега сакаш да ги разочараш. Какво завршување, Господ ќе ти даде сила ќе продолжиш. Ќе завршиш кога нема да можеш, а и тогаш ќе правиш“. Тоа ми падна многу тешко, дури и се расплакав. Му реков добро, да не најавувам, ама што ќе биде... Па еве ... сега не работам по пет претстави, како што правев. Сега правам по три, се навраќа Миладинов.

На слична реакција наишол и кај младите актери, кои во тој период, пред околу пет години, отишле дома да го замолат сега 74-годишниот режисер и драматург на аматерскиот театар, да продолжи со театарската дејност и заедно да создаваат нови дела.

- Кога им кажав на децата дека неможам повеќе, имам 70 години и неможам да се вклопам со нив и нивните сфаќања, тие ми рекоа дека ќе прават се како што ќе кажам само да не си одам, да останам, додава Ристе.

Задоволен е што во 55 години работа со аматерскиот театар во Струга, публиката никогаш не го изневерила. На ниту една претстава не биле помалку од 400, 500 гледачи во салата. Во неговите дела улоги оствариле околу 300 аматерски актери, а интерес има и кај нови.

Почетоците со театарската уметност

Навраќајќи се на своите почетоци, чичко Ристе ги спомена и почетоците на театарската дејност во неговиот роден град, кои се поместени во неговата книга „105 години организиран театарски живот во Струга“.

- Во далечната 1908 година прв пат во Струга од страна на тогашниот директор на училиштето „Јаким Деребан“ била изведена претставата „Геновева“ со учителите и учителките од училиштето. Ова како сведоштво го кажува Ристо Крле во неговата автобиографија. Тој како дете ја гледал претставата и кај него побудила интерес, така и почнал со пишување драми, раскажува Миладинов.

Дваесеттина години подоцна, неговиот татко, Димитри Миладинов заедно со Владимир Санџакоски, како тинејџери почнале да прават претстави.

- Прво претставите ги изведувале на чардакот од куќата на Санџакоски, за публика од 20-тина души. Интересот бил голем, па се преселиле на уличен театар. Ќе избереле некое потесно сокаче, ставале завеса и глумеле, а од другата страна ги следела публиката. Така, во Струга почнал да се развива театарот. Во 1930 година, татко ми, Димитри Миладин заедно со Петар Чакар, формираат културно уметничко друштво „Црн Дрим“ со повеќе активности меѓу кои и театарска дејности. За театарската дејност бил задолжен татко ми. Оттогаш почнува активно да живее театарот во Струга, истакна Миладинов.

Ученикот подобар од учителот

Како дете бил љубопитен да види што прави неговиот татко, со останатите актери, одел по нив, ги гледал. И покрај желбата да биде дел од тимот, неговиот татко не сакал да го вклучи за да не слушне негодувања од сограѓаните.

- Татко ми ме бркаше, не сакаше да ме вклучи. Јас го молев, земи ме и мене, земаш други деца земи ме и мене. Не, не сакам утре да речат дека правам фамилијарен театар, дека своите си ги вклучувам. И така не ме земаше во ниту една претстава. Подоцна јас кога почнав со моите активности го земав да глуми кај мене, вели Миладинов.

Во основно училиште пројавил интерес кон уметноста и пишаниот збор, се истакнувал во добро читање и рецитирање и бил забележан од учителите. Активностите ги продолжил и како средношколец во струшката Гимназија, кога ја одиграл и првата професионална претстава.

- Професорот по македонски јазик Науме Трајкоски ми понуди да ја работиме заедно претставата „Сенки“ од Ката Мисиркова Руменова, која обработуваше тема за Македонците во Егејскиот дел. Јас го глумев 93-годишниот старец. Претставата ја поставивме во 1968 година. Со неа се пријавивме на Драмските смотри во Скопје, кога добив прва награда за машка улога. Тоа ми даде мотив и поттик за работа. Почнав сам да работам, истакнува Миладинов.

Кога ја поставил претставата „Лоша жена“ од Стерија Поповиќ му понудил улога на татко му, но да игра според негови правила, за што секако имало негодување, но сепак прифатил.

- Јас немав гајле што ќе каже народот, дали е фамилијарно или не. Јас сакам да направам убава претстава. Тогаш, стружани рекоа „Види види, ученикот испадна по јак од учителот“, раскажува Миладинов.

Зад себе има оставено 100-тина претстави, кои ги режирал, а во дел и глумел. Во најголемиот дел комплетно негова е и сценографијата, музиката, костимографијата... Дел од неговата биографија се и многубројните награди и признанија, а како врвно и посебно драго достигнување му е признанието „Мирко Стефановски“ за посебен придонес во унапредување на драмскиот аматеризам во СР Македонија.

Резултати без поддршка од државата и општината

Низ аматерската театарска кариера, закитена со многу награди и признанија, чичко Ристе раскажува дека чекори сам, без речиси никаква поддршка од институциите. Државата вели немала слух ниту за издавањето на неговите книги „105 години организиран театарски живот во Струга“ и монографијата по повод 50 годишниот јубилеј театарска дејност. До пред некоја година добивал средства за по една претстава годишно, но со исклучок на минатата година, државата го заборавала.

- Сам се снаоѓам со материјали, на сопствен трошок или од спонзори. Сам ги цртам сликите за претставите, а ако неможам да ги нацртам тогаш земам готови. Сега го цртам бродот на Капетан кука, детската претстава која ја спремаме за по велигденските празници. Многу ми е жал и прославата за јубилејот 50 години театарска дејност ја правев сам, со помош на хорот „Калистрат Зографски“ од Калишта и литургиската заедница од Калишта. Без никаква помош и поддршка од локалната и од државата, вели Миладинов.

Во несоодветни услови подготвуваат претстави и полнат сали

Условите во кои работи аматерското драмско студио Миладин, не се опишуваат со зборови. Трошна барака е голем збор. Бараката е толку руинирана што кога ќе ја погледнете однадвор не би претпоставиле дека објектот е во функција. Внатрешноста пак со нехумани услови, во кои уметниците со сопствен напор се потрудиле да му дадат живот. Но и покрај желбата да и дадат топла атмосфера на просторијата, временските неприлики тоа го оневозможиле. И најмалиот дожд прокиснува, па токму од таа причина сликите и експонатите се собрани за колку што е возможно да бидат заштитени.

- Кога врне, проби одржуваме во еден ќош, каде што не тече. Печурки растат на таванот, со тага посочува Миладинов.

Директен потомок на браќата Миладиновци

Уште како мал, кога дознал за неговото потомство, се чуvствувал гордо. Впрочем, тој го носи името на таткото на истакнaтите дејци, браќата Миладиновци, Христо, а по традиција името се наследува од колено на колено. Неговиот татко се викал Димитрија, додека синовите му се Димитар и Константин, а традицијата продолжува и со внуците.

- Сакам традицијата на Димитар и Константин Миладинови да продолжи. Во истиот дух ги воспитувам и своите деца и внуци, гордо нагласува Миладинов.

И неговите наследници имаат афинитети кон театарот, двајцата синови и внуците глумеле во повеќе претстави, но поради професионални ангажмани тешко стигнуваат, па затоа и не се често дел од сцената.

Семејството на Миладиновци горди на своите корени неизостава да ги одбележи јубилеите поврзани со успесите на нивните претходници.

Чичко Ристе на публиката и вети дека нема да ја изневери и годинава. По велигденските празници со членовите на аматерското драмско студио „Миладин“ подготвуваат премиера за детската претстава „Петар Пан“, а за наесен ја планира комедијата „Бог да ја прости тетка“.

Слаѓана Стојкова Костоски

Fото: МИА и архива на Ристе Миладин

Остани поврзан