• петок, 19 април 2024

Состанок на раководството на АД ЕСМ со претставници на ММФ

Состанок на раководството на АД ЕСМ со претставници на ММФ

Скопје, 6 јуни 2023 (МИА) – Планираното и досегашното производство на електрична енергија, набавката на електрична енергија, начинот и постапката за утврдување на цената на струјата, инвестициите во енергетскиот сектор, мерките кои се презеле во изминатиот период со цел справување со кризата како и снабдувањето со топлина, беа дел од темите за кои се разговараше на работниот состанок на генералниот директор Васко Стефанов и дел од раководството на АД ЕСМ со шефот на мисијата на ММФ Жак Миниан, членот на мисијата на ММФ од Вашингтон, Томас Гејд и Фатон Сулејмани, локален економист во Канцеларијата на ММФ во Скопје.

-Набавката на електрична енергија минатата грејна сезона беше помала од планираното, а тоа се должи на значително зголеменото домашно производство на електрична енергија. Ова се должи на навременото планирање и набавка на енергенси кои се потребни за производство, како јаглен, мазут и гас, како и добро планирање на целокупниот производствен процес, а дополнително олеснителна околност беше благата зима. Со капацитетите со кои располага АД ЕСМ во наредниот период не се очекува драстично зголемено производство од она што го имавме во минатата грејна сезона, но може да имаме благо зголемување што се должи на подобрената хидрологија. Дали во наредниот период и наредната грејна сезона ќе има набавки на електрична енергија зависи од обврските кои ќе ни бидат дадени од Владата. АД ЕСМ е спремен да одговори на тие обврски, без оглед дали треба да се обезбеди 50, 70 или 100 отсто од електричната енергија од домашно производство, соопшти АД ЕСМ.

Оттаму најавуваат дека во наредниот период кога потрошувачката на електрична енергија е помала ќе се прават редовни ремонтни активности на капацитетите за да се продолжи нивниот век и да бидат подготвени за следната сезона да има непречено и безбедно производство.

-Што се однесува до топлинската енергија за Градот Скопје, АД ЕСМ по задолжение од Владата го презеде и овој товар и даде посебен напор и немаше прекин во снабдувањето со топлинската енергија. АД ЕСМ продолжува да се движи кон зеленото сценарио и ќе се стреми во иднина да бидеме енергетски независна земја која произведува електрична и топлинска енергија од обновливи извори на енергија. Поддршката и соработката со институции како ММФ е од клучно значење и со нивна поддршка ќе се зголемат инвестициите во енергетскиот сектор и ќе придонесе за побрза и полесна транзиција кон Зелената агенда за Западен Балкан, велат од АД ЕСМ.вј/лв/

Фото: АД ЕСМ

Остани поврзан