Прием во општина Куманово за претставници на шест земји, учеснички на Меѓународен фолклорен фестивал
- На годинешното издание на Меѓународниот фолклорен фестивал во Куманово настапуваат ансамбли од Парагвај, Порторико, Турција, Казахстан, Србија и Македонија.
Куманово, 17 јули 2026 (МИА) - Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, денеска во просториите на Општината оствари прием со претставници на фолклорните ансамбли од Парагвај, Порторико, Турција, Казахстан, Србија и Македонија, кои учествуваат на седмото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал во Куманово, во организација на КУД „Панче Пешев“.
Посакувајќи им добредојде, успешни настапи и пријатен престој во Куманово, Димитриевски истакна дека фестивалот претставува значајна културна манифестација, која преку фолклорот, музиката и традицијата ги поврзува народите, придонесувајќи за развојот на меѓународната културна соработка и промоцијата на универзалните вредности на културното наследство.
Претставниците на ансамблите изразија благодарност за гостопримството и топлиот прием, нагласувајќи дека учеството на фестивалот претставува можност за размена на искуства, зближување на различни култури и воспоставување нови пријателства.

Во знак на меѓусебно почитување и соработка, на приемот беа разменети пригодни подароци и сувенири.

На годинашното издание на Меѓународниот фолклорен фестивал во Куманово настапуваат ансамбли од Парагвај, Порторико, Турција, Казахстан, Србија и од Македонија.
Фестивалот, кој се одржува од 16 до 19 јули, има за цел да го афирмира богатството на светскиот фолклор, да ја негува традицијата и да ги зајакнува врските меѓу народите преку играта, песната и културната размена. ам/вг/
Фото: Општина Куманово