Претседателот на Никарагва Даниел Ортега предложи уставни измени за зголемување на надлежностите
- Втора цел на реформата е да се зголеми претседателскиот мандат од пет на шест години и официјално да се промени статусот на потпретседателот - функција која моментално ја извршува 79-годишната сопруга на Ортега, Росарио Муриљо - во „копретседател“.
Манагва, 21 ноември 2024 (МИА) - Претседателот на Никарагва, Даниел Ортега, предложи уставна реформа за проширување на овластувањата на претседателот над другите столбови на моќта, јавија британските медиуми, повикувајќи се на официјален документ.
Втора цел на реформата е да се зголеми претседателскиот мандат од пет на шест години и официјално да се промени статусот на потпретседателот - функција која моментално ја извршува 79-годишната сопруга на Ортега, Росарио Муриљо - во „копретседател“.
Мандатот на пратениците во Националното собрание под контрола на владата (парламентот на Никарагва), исто така, ќе биде зголемен од пет на шест години, се наведува во документот што го видел Ројтерс.
Муриљо, која е во брак со Ортега од 1979 година и станаа потпретседателка во 2017 година, се претвори во заштитно лице на владата, бидејќи самиот Ортега ретко се појавува во јавноста. Со години наназад се шпекулира дека претседателот е во лоша здравствена состојба.
Предлогот предвидува и проширување на државната контрола врз медиумите со цел „да се спречи нивното потчинување на странски интереси“.
Никарагва веќе има таканаречен закон за кибер криминал, според кој секој што ќе биде прогласен за виновен за објавување лажни вести на социјалните мрежи или во вестите може да биде затворен до четири години.
Предлогот за реформи му дозволува на претседателот да и нареди на војската да се вклучи во „поддршка“ на националната полиција на земјата кога е потребно. Тој, исто така, ќе ги овласти воените и полициските службеници „привремено“ да заземаат позиции во извршната власт „кога тоа го бара највисокиот интерес на нацијата“.
Предлогот вчера беше испратен на разгледување во Собранието и се очекува во најкраток можен рок да биде разгледан и одобрен.
Британските медиуми потсетуваат дека од 2018 година владата на Ортега спроведува сериозна репресија врз политичките противници, затворајќи луѓе кои ја критикуваат владата. Меѓутоа, тоа води до контрареакции и воведување санкции од меѓународната заедница, вклучително и САД и Европа.сд/
фото:ЕПА