• недела, 16 август 2026

Преку ликовниот конкурс "Капка што спасува живот", Црвен Крст Крива Паланка ги промовира солидарноста и хуманоста помеѓу младите

Преку ликовниот конкурс

Крива Паланка, 17 јули 2026 (МИА)- Во Центарот за култура Крива Паланка, денеска, на завршната изложба од конкурсот "Капка што спасува живот", одговорните од општинската организација на Црвен Крст ги наградија авторите на најдобрите креативни уметнички дела преку кои ја искажале нивната перцепција на хуманоста.

На изложбата се поставени вкупно 44 цртежи, работени во различни сликарски техники, од ученици во основните и средното општинско училиште во Крива Паланка.

-Преку конкурсот „Капка што спасува живот“ имавме можност да видиме како учениците ги доживуваат хуманоста и доброволното крводарителство, нивните размислувања преточени во ликовни творби.На конкурсот пристигнаа творби од вкупно 44 ученици и сакам искрено да им се заблагодарам на сите за учеството на конкурсот, како и на нивните наставници и ментори за вложениот труд, поддршката и мотивирањето на младите да бидат дел од оваа хумана иницијатива.Им честитам на наградените, но и на сите учесници. Без разлика на освоеното место, секој од вас придонесе да се пренесе пораката за значењето на доброволното крводарителство и хуманоста, порача во обраќањето пред присутните Маја Илиевска, секретар на Црвен Крст на Република Македонија, општинска организација Крива Паланка.

Илиевска изрази надеж дека интересот на младите за активности поврзани со работата на најголемото хумано семејство во светот ќе расте, како и дека ќе има уште поголем број учесници и на следните конкурси на оваа тема, со уште повеќе креативни творби и посилна порака за солидарност и хуманост. иб/вг/

Фото: општинската организација на Црвен Крст