Поети од шест земји ќе настапат на 38. „Поетска ноќ во Велестово“
- Поети, музичари и уметници од Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија ќе бидат дел од 38. издание на меѓународната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ што од 21 до 23 август ќе се одржи во Велестово и Охрид.
Охрид, 17 јули 2026 (МИА) – Поети, музичари и уметници од Ирска, Хрватска, Србија, Црна Гора, Бугарија и Македонија ќе бидат дел од 38. издание на меѓународната манифестација „Поетска ноќ во Велестово“ што од 21 до 23 август ќе се одржи во Велестово и Охрид.
Фестивалот ќе биде отворен на 21 август со поетски портрет на македонскиот поет Јовица Ивановски, по што ќе следува интернационалното поетско читање „Имаго“ со учество на странските гости. Истата вечер, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово ќе биде отворена изложбата на акварели „Флора“ од Ивана Настески.
Во рамки на програмата ќе бидат промовирани пет стихозбирки од Павле Горановиќ, Томица Бајсиќ, Звонко Карановиќ, Маја Ручевиќ Карановиќ и Вероника Димоска, а ќе се одржат и две интернационални поетски читања „Мозаик“ - во Лапидариумот во Охрид и во Велестово.
Покрај авторите чии книги ќе бидат промовирани, на фестивалот ќе настапат и Моли Туми од Ирска, Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, како и македонските поети Викторија Ангеловска, Диме Ратајкоски, Тони Попов, Никола Наумовски, Ива Шајноска, Звонко Димоски, Илко Димитриевски, Марија Велинова и Андреј Медиќ Лазаревски.
Програмата предвидува и музички настап на Иван Христов и Петар Чухов од Бугарија, како и организирани посети на културно-историското наследство на Охрид и природните убавини на Националниот парк „Галичица“. аб/вг/
фото/плакат