• четврток, 28 март 2024

Традиционален „Градски – Селски Велигден“ во битолско Јени Маале

Традиционален „Градски – Селски Велигден“ во битолско Јени Маале

Битола, 21 април 2023 (МИА) - Битолската населба Јени Маале или Нова Маала која битолчани ја нарекуваат Генимаале, датира од 16 век и континуирано се населува се до 19 век кога се оформува како урбано место за живеење над дотогашните ниви и други земјоделски површини на Битолското Градско Поле.

Според истражувањата на м-р Валентин Соклевски, етнолог и етнокореолог, населбата името го добила од турцизмите Јенни Махали, Ени Махала, се до денешниот најчест термин Ѓенимале која се развивала од централното место, викано Средсело и се проширувал во концентрични кругови со големи куќи и дворови.

- Ѓенималци биле претежно бавчанџии, но имало и касапи, мезеџии, терзии, бербери, а и други занаети и професии. Населението што се доселувало, претежно од селата, со себе ги носело и своите афтентични обичаи и семејна слава, но практикувале и заеднички обичај каков што е Градски, односно Селски Велигден. Зошто се вика Градски-Селски Велигден!? Затоа што гостите кои од селата доаѓале во градот го нарекувале Градски Велигден, а домаќините во градот кои пречекувале гости од селата, го нарекле Селски Велигден. Така почнало, така е и денес, појаснува Соклевски.

Од архивите на м-р Валентин Соклевски, може да се прочита дека обичајот „Градски-Селски Велигден“ секоја година почнува во четврток по Велигден, а продолжува во петок и се одвива цел ден, до приквечерина.

- Гостите од битолските села доаѓаат во четврток и ја посетуваат црквата Света Недела каде учествуваат на вечерна богослужба. Потоа во дворот на црквата се одржува голем народен собор и се игра и се пее до зори. Во петок наутро, почнува одбележувањето на верскиот празник „Источен петок – Балаклија“, а пред ручек гостите тргнуваат в град, во Битола. Според искажувањата на претци, дел од гостите прво оделе на Житни Пазар на бендисвање, а поголемиот дел во Ѓенимале на ручек кај своите роднини и пријатели. По ручекот се упатувале на средсело каде што се одржувал соборот. На средсело се збирале тајфи свирачи, но и продавачи на шеќерни јаболка, шеќерна волна, проматари со играчки и други работи. Песната и орото се слушале до приквечерина, а потоа гостите си заминувале со што соборот завршувал, вели Соклевски.

Нашиот соговорник, етнолог и етнокореолог, воедно и активен член на културно уметничкото друштво „Илинден“-Битола, инспириран од традицијата и сведоштвата за обичајот „Градски – Селски Велигден“, изработи сценска адаптација на овој познат обичај.

- Истражував и подготвував подолго време, се додека не се уверив дека преку ансамблите на КУД „Илинден“ на најдобар начин ќе го пренесам обичајот за што подготвив комплексна сценска презентација во форма на фолклорна музичко – играорна приказна во времетраење од 45 минути со сите фази од обичајот. Низ сценската адаптација на соодветен начин се презентираат и интерпретираат вокалните и орските содржини со сценско доловување на амбиентот на различните локации каде се одвива обичајот, односно во црквата Света Недела се интерпретираат црковните песни „Возбраној Воеводе“ и „Богородице Дево“, во дворот на црквата се играат традиционалните ора „Старско битолско“, „Марица“ и „Гајда“, и притоа се се одвива со инструментална придружба од оркестарот кој користи гајда, кавали, кемене, тамбура, тапан. По завршување на настанот во црквата, учесниците се упатуваат низ битолските сокаци и чаршии каде се пее „Излегов да се прошетам“ се до Ѓенимаалско средсело каде ги пречекува чалгаџиски оркестар со кларинет, канон, уд, виолина, тарабука и тапан, појаснува Соклевски.

На средсело во Јени Маало и годинава ќе се одбележи „Градски – Селски Велигден“, ќе се изведуваат традиционалните ора „Пилето ми пее“, „Касапско“, „Пештреф“, „Беранче“, ќе се пејат староградските песни „Фросино моме убаво“, „Ми го сардисале славно Генимале“, „Ми е мерак“...

- Со реализацијата на сценската адаптација на „Градски – Селски Велигден“ се овозможи генималската традиција како дел од македонската традиција да се презентира ширум светските културни простори, а новите генерации да се запознаат со обичаите кои се негувале со векови. Во таа смисла, сакам да истакнам и да го поздравам востановувањето на новиот детски фолклорен фестивал „Весел Петок“ во организација на КУД „Илинден“ од Битола, како составен дел на празникот „Источен петок Балаклија“, односно „Градски – Селски Велигден“. Ансамблите од државата и странство, заедно со своите домаќини, членовите на КУД „Илинден“ ќе играат и пејат на Средсело во Ѓенимаале. Тоа ќе биде најголемиот собор. Нека е аирлија и за многу години, порача м-р Валентин Соклевски, етнолог и етнокореолог.

Марјан Танушевски

Фото: КУД „Илинден“-Битола

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан