• сабота, 10 октомври 2026

Панел-дискусија „Од визија до геополитички одговор: Проширувањето на ЕУ во новата геополитичка реалност“

Панел-дискусија „Од визија до геополитички одговор: Проширувањето на ЕУ во новата геополитичка реалност“

Скопје, 20 мај 2026 (МИА) - Панел-дискусијата на тема „Од визија до геополитички одговор: Проширувањето на ЕУ во новата геополитичка реалност“ ќе се одржи денеска во Скопје во организација на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Европското движење и Центарот за европски студии „Вилфрид Мартенс“. На панел-дискусијата, што е дел од одбележувањето на Денот на Европа - 9 Мај, се предвидува учество на претставници од државата и странство, на дипломатскиот кор, академската заедница, студенти...

Организаторите најавуваат обраќање на претседателот на Собранието, Африм Гаши, и учество на првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, амбасадорката на Германија во државата, Петра Дрекслер, како и на Стефен Худолин, шеф на соработка во Делегацијата на Европската Унија, Петер Хефеле, директор за политики при Центарот за европски студии, Вилфрид Мартенс, Антонијо Милошоски, потпретседател на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, и Венко Филипче, претседател на Националниот совет за евроинтеграции.

Настанот ќе го отворат Милева Ѓуровска, претседателка на Европското движење, Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, и Петер Хефеле, директор за политики при Центарот за европски студии, Вилфрид Мартенс.

Во рамките на настанот ќе му биде доделена и плакетата за европска личност на годината за 2025 година на интервентниот кардиолог, универзитетски професор и алпинист Сашко Кедев.

Вториот дел од настанот ќе биде организиран како младински клуб на тема: „Младите и дигитална Европа: Од следбеници кон лидери“. Во рамките на младинскиот клуб ќе се одржи дебата со воведни обраќања на Драгана Бојковска, пратеничка (ВМРО-ДПМНЕ)/координаторка на Клубот за младински прашања и политики; Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП; Ана Михајлов, директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност; и Константин Миноски, професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје.

Во рамките на младинскиот клуб ќе се одржат и ораторски натпревар со учество на студенти од повеќе универзитети во земјата, како и квиз на знаење за Европската Унија со учество на средношколци од неколку средни училишта. лв/

фото: МИА архива 

Можно е и ова да ти се допаѓа