• недела, 16 август 2026

Охрид: Започна реализацијата на проектот „ADVENTOUR II“ за развој на пристапен и инклузивен туризам

Охрид: Започна реализацијата на проектот „ADVENTOUR II“ за развој на пристапен и инклузивен туризам

Охрид, 16 јули 2026 (МИА) - Во Охрид се одржа првиот координативен состанок во рамки на проектот „ADVENTOUR II – Accessible Adventure Across the Borders“, што се реализира преку ИПА програмата во рамки на прекугранична соработка со соседна Грција.

На состанокот на кој учествуваа претставници на Општина Охрид и проектните партнери од Солун, Грција, беа усогласени активностите и утврдени следните чекори во спроведувањето на проектот, како и зајакнување на соработката меѓу партнерите.

Во рамки на проектот, Општина Охрид ќе реализира активности за подобрување на пристапноста на пет јавни плажи на Охридското крајбрежје преку поставување пристапни патеки, урбана опрема, соблекувални, санитарни јазли и други решенија наменети за лицата со попреченост. Предвидена е и набавка на специјализирано возило кое ќе биде ставено на располагање на лицата со посебни потреби.

„Со реализацијата на проектот очекуваме подобрување на пристапноста на охридските плажи, зголемување на можностите за туризам за лицата со попреченост, како и развој на инклузивна и одржлива туристичка понуда“, изјави раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, Ѓоко Апостолов.

Претставникот на YMCA од Солун, Димитрис Папас, истакна дека проектот ќе придонесе за продлабочување на прекуграничната соработка и создавање пристапна авантуристичка туристичка рута, која ќе ги поврзе планинските и езерските дестинации во двете земји.

Од Мрежата за рурален развој од Скопје посочија дека нивната улога ќе биде насочена кон зголемување на свеста кај локалните заедници, организирање обуки и поголемо вклучување на сите заинтересирани страни, особено на лицата со попреченост.

Проектот „ADVENTOUR II“ има за цел создавање нови можности за развој на пристапен и инклузивен туризам, подобрување на туристичката инфраструктура во прекуграничниот регион и овозможување поголемо учество на лицата со попреченост во туристичките и рекреативните активности. аб/вг/

фото/Општина Охрид