• четврток, 19 ноември 2026

Меѓународна научна конференција „Повеќедимензионална сиромаштија: мерење, трендови и предизвици“ на Филозофскиот факултет

Меѓународна научна конференција „Повеќедимензионална сиромаштија: мерење, трендови и предизвици“ на Филозофскиот факултет

Скопје, 28 септември 2026 (МИА) - На Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје почнува дводневната меѓународна научна конференција „Повеќедимензионална сиромаштија: мерење, трендови и предизвици“.

Како што информираат од Факултетот, покрај научните дебати за повеќедимензионалната сиромаштија, конференцијата има цел да ги претстави наодите од научноистражувачкиот проект „Детерминанти на повеќедимензионалната сиромаштија: просторно мапирање и нови одредници за социјалните и развојните политики на национално ниво“, финансиран од Министерството за образование и наука, во рамките на јавниот повик за финансирање научноистражувачки проекти на државните факултети, научните институти и МАНУ.

- Речиси шест отсто од домаќинствата во земјата, или приближно 34.900 домаќинства, живеат во повеќедимензионална сиромаштија според резултатите од новото истражување спроведено од страна на Филoзофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Истражувањето ја мери повеќедимензионалната сиромаштија во сите 80 општини и осум плански региони во земјата преку 12 индикатори, од кои седум мерат социо-економски лишености - ниско образование, рано напуштање на образованието, невработеност на младите, несоодветни санитарни услови, дотраени домови, недостиг на греење и недостиг на вода од водовод, а пет мерат оддалеченост од основно и средно училиште, здравствена установа, болница и зелена површина. Сиромашните домаќинства во просек се соочуваат со четири до пет од вкупно дванаесет мерени лишености, на пример, оддалеченост од училиште или болница, ниско образование и лоши услови за домување - се додава во соопштението.

Според податоците, најголема повеќедимензионална сиромаштија имало во Југоисточниот Регион (10,3 %), а потоа во Вардарскиот (9,0 %) и Североисточниот Регион (8,9 %). Скопскиот Регион имал најниска стапка (2,3 %) или речиси четири и пол пати помалку од Југоисточниот. Разликите меѓу општините биле многу поголеми од националниот просек. Во Чашка повеќе од две третини од домаќинствата биле повеќедимензионално сиромашни (71 %), а следувале Старо Нагоричане (66 %), Конче (58 %), Могила (56 %) и Новаци (49 %).

- Резултатите покажуваат дека повеќедимензионалната сиромаштија е најизразена во малите и оддалечени општини, каде што големата оддалеченост од училиштата и здравствените услуги често се јавува заедно со ниско образовно ниво. Поради тоа, социјалните и развојните политики треба да се насочуваат кон конкретните општини и видови лишеност, а не само кон националните просеци“ - се додава во соопштението.

Според најавата, на конференцијата ќе бидат промовирани првичните истражувачки резултати. бд/вг/

Фото: Соопштение