• сабота, 28 септември 2024

Национален рурален парламент: Земјоделството да се модернизира и третира како реална економска индустрија во руралните средини, а не како дополнителна дејност

Национален рурален парламент: Земјоделството да се модернизира и третира како реална економска индустрија во руралните средини, а не како дополнителна дејност

Струмица, 18 јуни 2024 (МИА) - Земјоделството да се модернизира и третира како реална економска индустрија во руралните средини, а не како дополнителна дејност, беше порачано од вториот Национален рурален парламент, кој денеска и утре се одржува во Струмица. Учествуваат повеќе од 80 претставници на граѓанскиот, приватниот и јавниот сектор за да креират препораки за подобрување на квалитетот на живеењето во руралните средини.

Според Петар Ѓоргиевски, претседател на Мрежата за рурален развој на Северна Македонија многу е важно да се има предвид дека младата работна сила во земјоделството ја нема и затоа иновациите во оваа гранка треба да се поврзани со модерните технологии во сите фази на производството.

-Мора да најдеме начин како младите да останат или да се вратат во селата. Ним им е потребна солидна плата, домување, прецизно и насочено образование, исто така е важен социјалниот живот. Значи, тоа е еден цел процес кој треба да биде високо на агендата и стратегијата на се што е поврзано со земјоделството и руралниот развој, рече Ѓоргиевски.

Тој смета дека пред се е најважно да се подобри инфраструктурата, односно подбрување на здравството, образованието и токму преку тоа се гледа јазот меѓу урбаните и руралните средини и затоа треба тој да се намали.

Според Столе Илиев, извршен директор на Локалната акциска група „Плачковица“, најголема пречка за прифаќање на нивните иницијативи за подобрување на условите во руралните средни е незавршениот процес на децентрализација.

-Овој процес е мисловен поим, посебно кога станува збор за фискалната децентрализација. И самите општини не се толку децентрализирани, колку што треба да бидат и мислам дека таа е една од главните пречки која го кочи локалниот развој, односно процесот на децентрализација не е завршен кај нас и не помога самите потреби на граѓаните да дојдат до израз и нашите иницијативи да бидат прифатени, смета Илиев.

Професорката на Факултетот за земјоделски науки и храна, Александра Мартиновска Стојчевска, подвлече дека модернизацијата и инвестициите во земјоделството се значајно младите да се задржат тука.

-Иновациите и вложувањето во знаењето е најдобра инвестиција и затоа образованието треба да се гледа како инвестиција, а не трошок. Многу важно е да се каже за „паметната специјализација“, односно тоа е еден процес кој е започнат пред неколку години и лани беше донесена стратегија за „паметна специјализација“, во којашто земјоделско-прехранбениот сектор е препознаен како едни од приоритетните домени. Паметно земјоделство и храна со додадена вредност е една од областите во која се препознава економски, иновативен и истражувачки потенцијал во кој треба сите чинители да се вклучат интензивно за да се дојде до подобри успеси и сето тоа да ја раздвижи економијата и вложувањата во овој сектор, смета професорката Мартиновска Стојчевска.

Вториот Национален рурален парламент ќе заврши со теренски посети на позитивни и успешни примери од руралното претприемништво, рурален туризам, природни потенцијали и ресурси во струмичко и радовишко.

Настанот е во рамки на програмата на УСАИД за развој на заедницата, имплементиран од Мрежата за рурален развој. рт/

Фото: МИА

 

 

Остани поврзан