Научниците ги повика граѓаните со фотографии да ги следат промените во Јадранското Море
- Граѓаните можат да придонесат за научни истражувања и заштита на морето со фотографирање на морски видови и појавите.
Ровињ, 11 јуни 2026 (МИА) - Научниците од Центарот за морски истражувања при хрватскиот Институт „Руѓер Бошковиќ“ ги повикаа граѓаните да придонесат за научни истражувања и заштита на морето со фотографирање на морски видови и појавите. Кампањата наречена „Не уште една од морето. Една ЗА морето!“ - е лансирана како дел од настанот на тема „Наука и иновации за одржливо море“ во Ровињ.
Целта е граѓаните да фотографираат алги, медузи, школки, риби, морска трева, инвазивни видови, морски отпадоци или некој необичен феномен додека се покрај морето и да ги пријават своите набљудувања преку апликацијата „Crafting the Sea (Обликувајќи го морето)“, соопшти Институтот.
Пораката гласи: „Веќе имаме доволно фотографии од морето. Ова лето, да направиме една ЗА морето“, се вели во објавата.
- Пораката на кампањата е јасна: Не бараме најубава фотографија од морето, туку набљудување што може да ѝ помогне на науката - нагласи раководителката на Центарот за морски истражувања во Ровињ, Мирта Смодлака Танковиќ. - Апликацијата „Крафтинг“ покажува како граѓаните можат да се вклучат во следењето на морскиот живот, а самоуправувачките бродови и сензори покажуваат како науката развива сè попрецизни алатки за разбирање на промените во морето - додаде таа.
Во Ровињ беа презентирани проекти насочени кон следење на промените во Јадранското Море, инвазивните видови, паметното следење на морето и иновациите за одржлива сина економија. си/јт/
Фото: МИА архива