Музичари дел од ансамблот „Алтус НЗ“ со концерт во Истанбул
- Во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, на 21 мај во 19 часот, концерт ќе одржат Елена Стојческа, Гонца Богоромова-Краповски, Паскал Краповски и к.г. Ромен Петио. Истиот концерт претходно ќе се одржи вечерва во Битола во НУ КИЦ „Официрски дом“ и утревечер во НУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, исто така со почеток од 19 часот.
Скопје, 18 мај 2026 (МИА) - Во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул, на 21 мај во 19 часот, концерт ќе одржат Елена Стојческа, Гонца Богоромова-Краповски, Паскал Краповски и к.г. Ромен Петио. Истиот концерт претходно ќе се одржи вечерва во Битола во НУ КИЦ „Официрски дом“ и утревечер во НУ „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“, исто така, со почеток од 19 часот.
Музичарите се дел од ансамблот „Алтус НЗ“ и на концертот ќе изведат програма од македонските композитори Дарија Андовска, Дамјан Темков, Бојан Димитровски, францускиот композитор Алберт Русел и латиноамериканските композитори Астор Пјацола, Мануел Мариа Понс и Хеитор Вила Лобос, како и американската композиторка Кери Јакобс Бонд, пишува во денешното соопштение на ансамблот „Алтус НЗ“.
- Гонца Богоромова-Краповски, сопран, настапувала со Македонската филхармонија, Минхенскиот камерен оркестар, Оркестарот на Државната опера во Пловдив и со „Солипс“. Оперското деби го има како Магда во La Rondine од Пучини во Созопол, Бугарија, а во Македонија дебитира како Церлина во „Дон Џовани“ од Моцарт. Особено е посветена на современата македонска музика и е прв изведувач на дела од Панде Шахов, Дамјан Темков и Бојана Петровиќ-Алексов. Елена Стојческа, флејтист, остварува активна кариера како солист, камерен и оркестарски музичар. Добитник е на награди на меѓународни натпревари, концертира во Европа и САД и одржува мастер-класи во Македонија, Косово и Франција. Член е на дуото „Солипс“ од 2011 година и е посветеник на дела од Масимилијано Месиери, Дарија Андовска, Рафаела Занебони, Лоренс Шер и Јан Вркоч. Професор е на Регионалниот конзерваториум во Ремс, Франција. Паскал Краповски, виолончелист, гради активна концертна кариера во Македонија и во странство. Потекнува од музичко семејство и студирал во Скопје и на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“ во Софија. Во 2018/2019 престојува на Универзитетот во северно Колорадо во Денвер. Денес е водач на групата виолончела во Македонската филхармонија, а активно настапува и како камерен музичар. Се занимава и со педагошка и со истражувачка работа и е еден од основачите на ансамблот „Алтус НЗ“. Францускиот гитарист Ромен Петио настапувал во Франција, Италија, Чешка, Белгија, Македонија, Косово, Босна и Херцеговина, Португалија, Русија и Шпанија. Посветеник е на дела од Масимилијано Месиери, Лоренс Шер, Рафаела Занебони, Дарија Андовска и Јан Вркоч. Студирал на École Normale de Musique de Paris и Националниот висок конзерваториум на Париз. Денес живее во Париз и предава во конзерваториумот во l’Haÿ-les-Roses - се додава во соопштението.
Ансамблот „Алтус НЗ“ (Altus NB) е проект кој е од особено значење за македонската култура како ансамбл што во континуитет ја одржува потребата за изведба и создавање, а со тоа афирмација и зачувување на македонското современо музичко творештво.
- Оформувањето на ансамблот настана од потртебата за наследник на работата на претходните ансамбли - „Алеа“ и „Кон темпора“, а со тоа, членовите на „Алтус НЗ“ го следат патот поплочен од ансаблот „Св. Софија“ - првиот македонски ансамбл за современа музика. Со своето основање во 2021 година, со својот македонско-француски состав, ансамблот постави и платформа за меѓународна соработка помеѓу исклучителни уметници - љубители на современата музика и сето тоа со едноставна премиса: да се понуди висок изведувачки квалитет, мобилност и флексибилност на концертниот подиум, како и вмрежување на изведувачи, композитори, универзитети и институции за култура и образование. И покрај тоа што е релативно нов протагонист на современата музичка сцена, ансамблот веќе вбројува настапи на домашните и на меѓународните подиуми, со учество на фестивалите Охридско лето, Денови на македонска музика, Скопско и Штипско културно лето, Les Musicales de Quiberon во Франција, Dynamik Fest во Салцбург и Kosovo Composers Festival во Приштина - се истакнува во соопштението. бд/ац/
Фото: Алтус НЗ ансамбл