Мисајловски: ВМРО -ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за Николовски и Маричиќ
- Скопје, 30 јануари 2021
Скопје, 30 јануари 2021 (МИА) - Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски денеска на прес-конференција соопшти дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација за вицепремиерот Љупчо Николовски и за министерот Бојан Маричиќ.
Одамне е вклучен црвениот аларм, рече Мисајловски, додавајќи дека земјава со актуелната власт падна на 111 место на листата на корупција на Транспаренси.
- Состојбата со корупцијата е полоша и од Косово, Танзанија, Гамбија и Белорусија. Ова е пад од цели 45 места само во годините на управувањето и на лажните реформи на правниот систем на Зоран Заев. Потребни се оставки, најпрво од таканаречениот вицепремиер за борба против корупцијата Љупчо Николовски и министерот за правда Бојан Маричиќ, зашто не само што не се изборија со корупцијата, туку таа е и засилена. Токму затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе интерпелација во Собранието за Љупчо Николовски и за Бојан Маричиќ. Оставки веднаш. Одговорност веднаш, истакна Мисајловски.
Според него, партизираната администрација, политизираното обвинителство и заробеното судство го испорачаа својот данок.
-Македонија е земја којa од светот е гледана како црна дупка во Европа, точка на криминал, рекет, мито и корупција. Повеќе од година дена нема разрешница за најголемата рекетарска афера во Европа. Бојан Јовановски, кој сите го видовме со полна торба пари, во судница кажа дека парите од рекетот да се бараат кај Зоран и Вице Заеви, а обвинителството не ги ни повика ниту на распитување. Сите го видовме Ден Дончев, како трпа туциња пари во торба, а ЈО требаше барем да започне истрага каде завршија парите. Целата јавност слушна како контроверзниот бизнисмен Миодраг Давидовиќ Дака, кажува дека му дал 300.000 евра на Заев и дека дал ветување за маркица за бензинска, како и дополнителни 2000 метри квадратни простор во комплексот кој ќе го гради на местото на ШИК ЈЕЛАК, а случај повторно нема. Обвинителството и тука молчи, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ. мч/сст/