
16 јануари 2025
Скопје - Од утре ќе преовладува стабилно време со позитивни дневни температури кои ќе бидат во постепен пораст.
Како што најавуваат од Управата за хидрометеоролошки работи, утринските температури насекаде ќе бидат под нула, а наместа ќе се спуштат и под -8 степени. По котлините ќе има појава на магла и во долините, каде дневните температури ќе останат пониски. Од понеделник се очекува зголемување на облачноста.
Скопје - Намалена видливост поради појава на магла од 50 до 100 метри има на планинскиот превој Ѓавато, соопшти ЈП Македонијапат.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот.
Врнежи од снег со слаб интензитет се бележат во Скопје, Куманово и Гостивар, но во моментов, како што велат од ЈП Македонијапат, не преставуваат пречка за одвивање на сообраќајот.
Скопје - Пратеничката Илире Даути од Алијанса за Албанците на Зијадин Села, која е дел од „Европскиот фронт“ на која и беше изгласана интерпелација, денеска од собраниската говорница додека траеше 30. пленарна седница, побара од претседателот на Собранието да и дозволи во времетраење од 15 минути да ја образложи оставката од функцијата претседател на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади. На ова, претседателот на Собранието Африм Гаши одговори дека сега се утврдува дневниот ред и дека Даути ќе може да ја образложи својата оставка на пленарната седница закажана за 21 јануари. По ова, во Собранието е дадена пауза.
Скопје - Рамномерниот развој е цел која тешко може да се достигне и во најразвиените држави, но со правилно насочени политики може да се доближи развојот на регионите во државата, истакнал министерот за локална самоуправа, Златко Перински на денешната 39.седница на Советот за рамномерен регионален развој.
Како што соопшти Министерството за локална самоуправа, на седницата, која е прва во 2025 година, а втора откако со неа претседава министерот Перински, Советот едногласно ги усвоил одлуките со кои се одредуваат индикаторите за определување на подрачјата со специфични развојни потреби и листата со подрачја со специфични развојни потреби. Листата се ажурира на секои пет години согласно Законот.
Скопје - За 3,2 пати е зголемен бројот на заболени од грип во периодот од 6 до 12 јануари во споредба со првата недела од јануари. Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека пријавени се 1.053 случаи на заболени од грип или на заболувања слични на грипот.
За првпат оваа сезона, пријавената инциденца е над неделната граница на сезонската активност на вирусот на грип, односно надминат е прагот на влез во сезоната на грип.
Во однос на возраста, 633 лица се на возраст од 15 до 64 години, 179 се деца на возраст од пет до 14 години, а 144 до четири години. Деведесет и седум се лица на возраст над 65 години.
Скопје - Вработените во дел од државните институции денеска продолжија со предупредувачкиот получасовен протест барајќи додатоци на плата од 30 отсто и потпишување на колективни договори.
Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски пред Државниот завод за статистика изјави дека 988 вработени се уште немаат земено плата за декември иако е истечен законскиот рок.
Скопје - Полициски службеници од ОВР Неготино вчера во 06.30 часот, го привеле М.А.(34) од село Корешница, демиркаписко, соопштија денеска од МВР.
Тој бил баран по потерница врз основа на наредба на Основен суд Неготино за издржување казна затвор од една година, за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотична дрога, психотропни супстанци и прекурзори“ по член 215 од Кривичниот законик.
Скопје - Георг Георгиев од партијата ГЕРБ на Бојко Борисов ќе ја извршува функцијата министер за надворешни работи во новата Влада на Бугарија, што ќе ја предводи премиерот Росен Жељазков.
Георгиев беше заменик министер за надворешни работи од ноември 2014 година до јануари 2017 година, во време кога бугарската дипломатија ја водеше Екатерина Захариева.
На последните парламентарни избори беше избран за пратеник во 51. Народно собрание, од редовите на ГЕРБ.
Берлин - Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, е „голем напредок“, но предупреди дека претстојат нови предизвици, јави ДПА.
„Ништо не е сигурно, како што често покажува глобалната ситуација, но сега ова е голем напредок“, изјави Бербок за телевизискиот канал АРД.
Брисел - ЕУ денеска соопшти дека ќе обезбеди помош од 120 милиони евра за воено разурната Газа, еден ден по објавувањето на договорот за прекин на огнот и ослободување на заложниците.
„Денеска усвојуваме пакет од 120 милиони евра за Газа за решавање на тековната хуманитарна криза таму“, изјави портпаролката на ЕУ, Ева Хрчирова.
Москва - Русија денеска соопшти дека се надева на „трајно стабилизирање на ситуацијата“ во Појасот Газа по постигнувањето договор меѓу Израел и Хамас за прекин на огнот и ослободување на заложниците, што беше објавено синоќа од посредниците од Катар, Египет и САД.
„Се надеваме дека спроведувањето на сегашниот договор ќе придонесе за трајно стабилизирање на ситуацијата во Појасот Газа и ќе создаде услови за враќање на сите привремено раселените лица“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на својата редовна неделна прес-конференција.