
30 мај 2023
- При крај се подготовките за ревидирање на позитивната листа на лекови и за околу една недела, заинтересираните компании ќе бидат повикани да аплицираат. Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека станува збор за голема проблематика, што трае над 10 години, а со ревидирањето на листата пациентите ќе добијат најквалитетни лекови. - Деновиве сме при крај со сите подготовки и мислам дека за една недела ќе бидат повикани сите групи на компании за да аплицираат и еднаш засекогаш пациентите да почнат да користат најквалитетни иновативни и ефективни лекови со цел да имаме поздраво население. Комисијата е формирана одамна. Последните подготовки се во тек и ќе почне да се аплицира, после тоа ќе се одлучува, нормално. Се разбира, од сите аплицирања ќе се види кој лек е најпотребен. Тоа ќе го прават нашите експертски групи што ќе ги избереме во комисиите, одговори Меџити, на новинарско прашање до каде е процесот за ревидирање на позитивната листа на лекови.
- Од моментот на доставување на иницијативата за уставни измени во Собранието до нивното усвојување минимално се потребни 4,5 месеци. Процесот може да почне и без постигнат политички дијалог и да се искористат триесетте дена до првото гласање за постигнување договор, истакна на денешниот брифинг со новинарите претседателот на Собранието Талат Џафери. -Процедурално не е пречка да се отпочне процесот и да продолжат преговорите за политички консензус. Не е невозможна мисија имајќи ги предвид овие рокови. И додека течат тие рокови има време за дебата. Процедурално е можно, рече претседателот на Собранието.
- Северна Македонија денеска, на МЕФ форумот 2023, уште еднаш доби потврда дека има поддршка од Еврпската унија во спроведувањето на енергетските реформи, како и дека ЕУ е нејзин сигурен партнер за забрзување на енергетската транзиција. Но, испорачани и беа и препораки - да обезбеди поголема вклученост на приватниот сектор и граѓаните во целиот овој процес и да обезбеди проекти со јасна методологија и критериуми преку кои ќе биде утврден приоритетот на инвестициите. Како што рече заменик амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјава Џулијан Васало, во март годинава Северна Македонија доби 72 милиона евра. Сепак е клучно, потенцира, сите држави од Западен Балкан да ги завршат реформите во енергетиката.
- Имаме 1.500 лица со мултипла склероза и сакам да истакнам дека не се сами. Нивните приказни нè инспирираат да поттикнеме поинклузивно општество, изјави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, на настанот организиран од Националното здружение за помош и поддршка на лица со мултипла склероза, а по повод одбележувањето на Светскиот ден на мултипла склероза.
-Фискална одржливост и прудентни јавни финансии, во услови на криза, со каква што се соочуваме во моментов, се клучен услов за економски раст и обезбедување просперитетна иднина за сегашните и идните генерации. Во таа насока клучни се спроведувањето кохерентни, интегрирани и одржливи политики. Ова го порачал министерот за финансии Фатмир Бесими на Самит на гувернери и министри за финасии и директори на даночни управи во регионот во Бечиќи, Црна Гора, на тема „Финансиска и монетарна стабилност на регионот, во време на неизвесност на прологирана геополичка и економска криза“.
- Се прават последните анализи од Регулаторната комисија за енергетика за цената на струјата, која, како што изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, не се регулира не само со стапката на ДДВ, туку и со другите одлучувачки параметри во нејзиното финално креирање. На новинарско прашање за цената на струјата, Битиќи потсети дека законското решение автоматски предвидува од 1 јули да се врати старата даночна стапка.
- Свечена изјава дека во вршењето на функцијата јавен обвинител ќе го почитуваат Уставот и законите и дека непристрасно и одговорно ќе ги заштитуваат слободите и правата на граѓанинот и интересите на другите правни субјекти, денеска пред Советот за јавни обвинители дадоа 18 обвинители. Свечена заклетва за основен јавен обвинител на Штип даде и обвинителката Татјана Кацарова. Претседателот на Советот Антонио Јолески по потпишувањето на Изјавите, кои се одвиваа во две групи, им посака успех во работата и им порача да ја оправдаат функцијата јавен обвинител. Додаде дека со нивната работа очекува да се подобри перцепцијата за правосудството во државата.
– Непријатни се таквите укажувања и изјави, но во целата оваа состојба ве уверувам дека работиме согласно законот и тој не е прекршен, изјави претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, по негативните оценки на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп и на претседателот на државата Стево Пендаровски за работата и случувањата во Советот, додавајќи дека не навлегуваат во политички видувања и констатации на кои, како што рече, тие имаат право. - Ако имаат некаков сомнеж, бидејќи се спомнуваа некакви коруптивни елементи, има надлежни институции и тие нека ја испитуваат работата. Јас сум назначен неполн месец и можам да одговарам, и индивидуално, и колективно, и доколку има некакви сомнежи институциите слободно нека проверат, изјави Георгиев денеска за медиумите откако Судскиот совет вчера се огласи и со соопштение.
- Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на Гази Хамед Алфадли, новоименуван амбасадор на Државата Кувајт во Република Северна Македонија, со седиште во Софија.Претседателот Пендаровски посочи дека Република Северна Македонија и Државата Кувајт, низ годините, изградија билатерални односи и соработка кои традиционално се базираат на пријателство, меѓусебно разбирање и заемно почитување, при што ја нагласи подготвеноста за натамошно унапредување на меѓусебната соработка во сите области од заемен интерес.
- Бројот на живородените деца во првото тримесечје од 2023 година, во споредба со истиот период лани, е намален за 8.8 % и изнесува 3 656 живородени деца, соопшти Државниот завод за статистика. Бројот на умрените лица, пак, во првото тримесечје од 2023 година бележи намалување од 29.5 % во споредба со истото тримесечје од 2022 година и изнесува 5 233 лицa, а од нив пет се умрени доенчиња. Природниот прираст е негативен - 1 577 лица што значи, за толку лица бројот на живородените деца е помал од бројот на умрените лица.
- Министерот за здравство Фатмир Меџити денеска изјави дека сме најдобри во регионот во обезбедување терапија за мултипла склероза. - Ние во делот на мултипла склероза, јас како невролог професионалец ви тврдам со одговорност, дека сме најдобри во регионот за обезбедување на терапијата. И ќе продолжиме, ќе се стремиме што повеќе пациенти да вклучиме и бројот што чекаат не е голем. Ние точно ја одредуваме дијагнозата и кога треба да се почне со терапијата. Имаме нормално и модулаторна терапија, првите симптоми, прво одлучуваме како што - тоа е професионално меѓу нас на неврологија, но ви кажувам и ви тврдам со одговорност дека сме најдобри во околината, во регионот, нагласи министерот, одговарајќи на новинарско прашање.
-Враќањето на урбаниот и технизираниот човек кон природата ќе биде во фокусот на меѓународната научна конференција со наслов „Екоантропологија: помеѓу човекот и околината” што започна денеска во Скопје во организација на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“ при УКИМ. Претседателката на Институтот, Лидија Стојановиќ, во изјава за МИА, истакна дека станува збор за враќање на хармонијата меѓу човекот и природата. - Да, кон природата со цел да се врати неговата внатрешна хармонија, да се врати она единство со природата која што човекот исконски ја носи во себе. Но, знаеме 20-иот век дека носеше доста технолошки возбудувања, технологија, медицински инженеринг и други трансдициплинарни истражувања коишто не се ни малку пријатни за човекот како битие, изјави Стојановиќ.
- Во тек е исплата на образовниот додаток за трет мерен период за учебната 2022/2023 година. Како што соопшти Министерството за труд социјална политика (МТСП), исплатата на додатокот за образование се врши во четири мерни периоди. За првиот мерен период исплатата е во текот на декември во тековната календарска година, а за вториот мерен период во текот на февруари во наредната календарска година. За третиот мерен период во текот на мај во тековната календарска година и за четвртиот мерен период исплатата се врши во текот на јули во тековната календарска година.
- Советот на Општина Босилово по шести пат ја одби иницијативата и барањето на советникот Стојан Велков -Трн, од редовите на активистите кои се против отворање на рудник на оваа територија, за донесување одлука за мислење во врска со иницијативи за вршење на геолошки истражувања и експлоатација на металични минерални суровини. Велков-Трн пред почетокот на седницата постави транспарент со своето барање. Според него, со ваква одлука Општината ќе се заштити и во иднина од експлотација на металични суровини. - Ако точката помине на дневниот ред, тогаш ќе бидеме заштитени од сите напаѓачи на нашата животна средина. Доколку Вишиот управен суд донесе одлука да се одземе концесијата на „Еуромакс ресоурцес“, тогаш оваа точка ќе биде поврзана со овој рудник и постапката ќе мора да почне одново, а ние како Совет ќе се заштитиме со тоа што сме кажале дека не сакаме да имаме ваква индустрија, вели Велков-Трн.
- Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денеска, откако српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека е во интерес на Загреб соборување на неговата Влада, рече дека Хрватска нема скриена агенда за соборување на која било влада во соседната земја, додавајќи дека Белград е премногу оптоварен со пишувањето на хрватските медиуми. - Хрватската Влада и хрватските институции немаат скриена агенда за соборување на која било влада во која било соседна земја, дури ни во Србија, изјави Пленковиќ денеска пред новинарите по прославата на Денот на државноста кај Споменикот на Татковината.
-Американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина Мајкл Марфи оцени дека Русија во моментов нема планови да ја загрози стабилноста на Западен Балкан со нешто како воена интервенција, но сепак претставува закана која треба сериозно да се третира. Во интервју за Ал Џезира Балкан, Марфи рече дека е јасно дека Русија ги поддржува екстремистичките десничарски групи во регионот кои шират етничка омраза и ги зголемуваат тензиите, а сето тоа е дел од сценариото во кое рускиот претседател Владимир Путин се обидува да ја уништи безбедносната архитектура во Европа. Знаеме дека Русија финансираше некои политичари (од регионот), вклучително и оние од Босна и Херцеговина, рече американскиот амбасадор, додавајќи дека сите мора да бидат внимателни и подготвени да се спротивстават на малигното руско влијание.
– Окружниот суд во јапонскиот град Нагоја денеска пресуди дека забраната за истополови бракови е неуставна. Тоа е втора пресуда што судот ја прогласува за неуставна од четири случаи во изминатите две години и најверојатно ќе го зголеми притисокот за промена на Уставот на Јапонија, според кој бракот е заедница меѓу маж и жена. Окружниот суд во Осака минатата година ја прогласи забраната за истополови бракови за уставна, што е во спротивност со пресудата од 2021 година на Окружниот суд Сапоро, која ја прогласи забраната за истополови бракови за неуставна. Судот во Токио подоцна ја потврди забраната за истополови бракови, но истакна дека недостатокот на правна заштита на истополовите заедници ги крши нивните човекови права.
-По последните случувања во Косово реагираше албанскиот држaвен врв, министри, како и лидери на политичките партии. Албанскиот претседател Бајрам Бегај во денешната реакција најостро ја осудува „злоупотребата на српското население на северот на Косово и неприфатливото насилство врз мировните трупи на КФОР“. Во реакцијата на социјалните мрежи Бегај наведува дека „не може да се користи никаков изговор за да се спречи целосното спроведување на договорот од Брисел и Охрид, што го покажува вистинскиот начин за решавање на отворените проблеми и нормализирање на односите меѓу Косово и Србија“. - Никој не може да го доведе во прашање суверенитетот и интегритетот на Република Косово, како и нејзиното право да гради и консолидира демократски и мултиетнички институции. Јавно го повторувам мојот братски апел до косовските власти за повеќе трпение и разумност и особено тесна координација со нашите партнери, напиша Бегај.
– Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро изјави дека неговата земја е заинтересирана за членство во БРИКС. - Ако нè прашаат дали Венецуела сака да биде дел од БРИКС, ние велиме дека сакаме да бидеме скромен дел од БРИКС и да бидеме во чекор со променливата геополитичка ситуација, истакна Мадуро на вчерашната заедничката прес-конференција со бразилскиот претседател Луис Инасио Лула де Силва. Тој додаде дека БРИКС може да помогне во консолидирањето на јужноамериканските нации и дека организацијата „како магнет привлекува држави кои сакаат мир и соработка“. - Повеќе од 30 земји веќе аплицираа за членство во БРИКС, наведе Мадуро.
– Девет загинати и двајца спасени е билансот од несреќата со мигранти што во петокот се случи североисточно од грчкиот остров Миконос, откако денеска биле откриени безживотните тела на уште пет лица, јави дописничката на МИА од Атина. Како што соопштија од Крајбрежната служба на Грција, со помош на нуркачи била извршена подводна потрага во потонатиот глисер што се наоѓа на длабочина од приближно 30 метри и биле извлечени телата на четири жени и еден маж. Во спасувачката акција во петокот беа пронајдени двајца мажи во добра здравствена состојба, но и телата на тројца мигранти.