• вторник, 24 септември 2024
МИА Радио флеш

  23 септември 2024

 

Скопје - Земјотрес со локална магнитуда од 3.4 Рихтерови степени со епицентар во скопското подрачје ноќеска во 2.02 часот регистрирала Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет. 

-Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван од населението на градот Скопје и околината, со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала, информираше Сеизмолошката опсерваторија.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска Давкова упати честитка до лицата со оштетен слух и говор по повод одбележувањето на 23 септември, Меѓународниот ден на знаковниот јазик.

Претседателката Сиљановска Давкова, како што се наведува во соопштението од нејзиниот кабинет, честитката ја упати преку видео порака на знаковен јазик.

Њујорк - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска ќе има средба со министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис. Ова е прва средба меѓу двајцата министри, која ќе се одржи на маргините на 79. Генерално собрание на ОН.

Скопје - Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и Комисијата за прашања на изборите и именувањата.

Скопје - Оваа недела се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од владината одлука за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи. Цените на 73 прехранбени производи кои се дел од есенската потрошувачка кошница треба да бидат пониски до 31 октомври. 

Од Министерството за економија велат дека одлуката ќе почне да се применува веќе следниот ден откако владината одлука ќе излезе во Службен весник. 

Скопје - Претседателката на Собранието на Република Албанија, Елиса Спиропали денеска ќе биде во посета на Северна Македонија.

Според собраниската прес-служба, Спиропали ќе оствари неколку средби. Предвидено е да има тет-а-тет средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а најавени се и средби со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со Талат Џафери, поранешен претседател на Собранието, како и со лидерот на СДСМ Венко Филипче.

Скопје - Министерството за образование и наука известува дека Американската амбасада го објави повикот за прием на апликации за програмата „Study of the United States Institutes“.

Програмата е спонзорирана од Бирото за образовни и културни прашања на Стејт департментот на САД, а ќе се реализира преку Амбасадата на САД во Република Северна Македонија.

Скопје - Во последните два месеца, бројот на заостанати предмети во подрачните одделенија на Агенцијата за катастар на недвижности е намален за 85%. Како што се наведува во соопштението од Агенцијата, по назначувањето на новото раководство и по интерната реорганизација, бројката од 5600 нерешени предмети е сведена на само 980 предмети, од кои 300 се тековни и 680 се заостанати предмети. 

Скопје - Четвртата самостојна изложба „Монумент за неродените“ на македонскиот автор Иван Аџиевски вечер ќе биде отворена во Мобилната/монтажна галерија во Паркот на франкофонијата.

„Монумент за неродените“ е дел од програмата на Центарот за современи уметности – Скопје (Center of Contemporary Art – CAC) за изложби во 2024 година.

Скопје - Во Кинотеката денеска ќе биде организирана конференција за наставници на тема „Примена и креирање видеосодржини за наставни цели“, која е дел од проектот „..и Акција!“ во рамки на Програмата на „Еразмус +“, подржан од Европската Унија.

Кинотеката е една од петте партнери во овој проект и ќе учествува со свои излагачи. Меѓу нив се: Игор Старделов, советник филмолог и раководител на филмскиот архив во Кинотеката, кој ќе има  презентација на тема: „Да се заштити и да се прикаже: прилози за развојот на филмската архивистика“, и Александар Трајковски - виш филмолог во одделението за прибирање, заштита, обработка, чување на аудиовизуелни дела и придружна филмска документација, кој ќе ја презентира темата: „Технички елементи на продукција на едукативно видео“.

Скопје - Младинскиот образовен форум и Здружението на глуви и наглуви „Млад знак“ во рамки на активноста на УСАИД за млади кои активно создаваат можности, вечерва ќе го одбележат Меѓународниот ден на знаковниот јазик.

Одбележувањето на овој ден ќе почне во 18 часот во Младинскиот културен центар во Скопје.

Скопје - Македонската филхармонија в четврток (26 септември) ќе гостува во Дубровник со концерт на сцената на Кнежев двор. 

Солистка на концертот ќе биде  хрватската виолинистка Џана Кариман, концертмајстор на Дубровничкиот симфониски оркестар, а оркестарот ќе го води диригентот  Бојан Цанев.

Вашингтон - Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека е загрижен за тензиите на Блискиот Исток и увери дека „ќе стори сé што може“ за да избегне проширување на конфликтот.

-Ќе направиме се што можеме за да избегнеме избувнување на поширока војна. И ќе продолжиме со нашите напори, рече Бајден од Белата куќа.

Вашингтон - Претседателот на Претставничкиот дом на САД Мајк Џонсон денеска предложи тримесечен нацрт-закон за привремено финансирање на владата, кој не вклучува мерка за имиграција што ја бара Доналд Трамп, бидејќи пратениците се обидуваат да избегнат делумно затворање на владата на крајот на месецот.

Џонсон го претстави планот во писмо до колегите, објавено осум дена пред истекот на тековното финансирање од 1,2 трилиони долари (делот од буџетот што Конгресот може слободно да го доделува секоја година, без обврска, за различни владини програми и проекти).

Вашингтон – Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа пристигна во САД каде на американскиот претседател Џо Бајден ќе му ги претстави деталите од неговиот „план за победа“ со цел да се стави крај на руската инвазија, уверувајќи дека оваа есен ќе биде одлучувачка.

 -Пристигнавме во САД. Главната цел е да ја зајакнеме Украина и да го заштитиме целиот наш народ. Оваа војна може да заврши само со праведен мир благодарение на меѓународните напори, напиша Зеленски на Х.

Брисел - Европската Унија е крајно загрижена поради ескалацијата на непријателствата во Либан, по нападите во Бејрут во петокот, при што беа убиени и најмалку три деца, како и поради зголеменото прекугранично насилство меѓу Израел и Хезболах, проследено со напади и на израелска и на либанска територија, порача високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел во врска со најновите тензии на Блискиот Исток. 

Сан Франциско – Елон Маск вети дека ќе го однесе на Марс „секој што сака да патува таму“, но истакна дека тоа нема да се случи ако Камала Харис стане претседателка на САД.

Маск синоќа на X објави дека ќе испрати пет вселенски бродови на Марс за само две години. „На крајот ќе има илјадници Старшип кои ќе одат на Марс. Тоа ќе биде прекрасна глетка“, рече Маск.

Ерусалим - Околу половина од околу вкупно уште 100-те заложници кои се држат во Појасот Газа од минатата година се сè уште живи, изјави израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесоа израелските медиуми.

Нетанјаху зборуваше за темата заложници за време на состанокот на парламентарните комитети за надворешни работи и за безбедност во Ерусалим, јавуваат медиумите. 

Коломбо – Премиерот на Шри Ланка Динеш Гунавардена поднесе оставка, јави локалната телевизија Сираса.

Заминувањето на премиерот од функцијата се случува еден ден откако Анура Кумара Дисанајаке го победи претходниот претседател Ранил Викремесинге на изборите за шеф на државата, спроведени во време на тешка финансиска криза.

Киев – Две лица се ранети откако напаѓач вчера отворил оган во продавница во округот Обухив, Киевска област, јавија украинските медиуми.

Напаѓачот е фатен, соопшти Националната полиција.

Според украинските власти, инцидентот се случил вчера попладне, кога полицијата добила дојава дека непознат маж влегол во продавница во областа Обухив и почнал да пука.

Газа – Израелските одбранбени сили (ИДФ) соопштија дека нападнале команден центар на палестинската милитантна група Хамас, сместен во зграда во центарот на Газа, која претходно се користела како училиште.

- Центарот за команда и контрола, кој беше вграден во комплексот што претходно служеше како училиште „Калед ибн ал-Валид“, беше користен од терористите на Хамас за планирање и извршување терористички напади против трупите на ИДФ и државата Израел, соопшти израелската војска.

Мелбурн - Австралија издвои 82,5 милиони долари од почетокот на војната во Газа, а владата најави дека ќе обезбеди дополнителни 10 милиони австралиски долари (6,8 милиони американски долари) хуманитарна помош за Газа.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг рече дека финансирањето ќе овозможи „помош за спасување животи, со фокус на жените и девојчињата“ преку агенциите на Обединетите нации УНИЦЕФ и УНФПА.

Пјонгјанг – Шефицата на севернокорејската дипломатија, Чое Сон-Хуи, изјави дека Пјонгјанг ќе внимава на какви било непријателски дејствија на Корејскиот полуостров, тврдејќи дека безбедносната ситуација на полуостровот се приближува до опасна фаза, пренесува Јонхап.

-Во последно време безбедносната ситуација се приближува до опасна фаза“, изјави Чое на четвртиот Евроазиски форум на жени што се одржа во Санкт Петербург.

Тел Авив/Бејрут - Израелските одбранбени сили (ИДФ) ги предупредија жителите на јужен Либан да заминат од близина на локациите што ги користи милицијата на Хезболах пред „обемните, прецизни напади, против терористички цели, јави ДПА .

„Наскоро, ИДФ ќе се вклучи во обемни, прецизни напади, против терористички цели кои се широко распространети низ Либан“, се наведува во објавата на ИДФ на Телеграм, што ја пренесува германската агенција.

Токио – Најмалку шест лица загинаа, а 10 се водат како исчезнати откако рекордните врнежи предизвикаа поплави и свлечишта во делови од јапонската префектура Ишикава.

Градовите Ваџима и Сузу, кои сè уште закрепнуваат од разорниот земјотрес што ја погоди областа на 1 јануари, беа меѓу најтешко погодените од поплавите. И двата града вчера регистрираа двојно поголема количина на дожд од вообичаеното за септември, јавија локалните медиуми.

Остани поврзан