• вторник, 24 септември 2024
МИА Радио флеш

24 септември 2024

Скопје - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски ќе присуствува на поставување на камен темелник за изградба на нова спортска сала во Подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев Беровски“, кое се наоѓа во населбата Хром, Општина Ѓорче Петров.

Оваа современа сала е дел од заложбите за подобрување на условите за образование и физичка активност на нашите најмлади и претставува важен чекор кон создавање подобри услови за развој на спортските таленти на учениците, соопшти владината прес-служба.

Новата спортска сала ќе има вкупна површина од 476 м², со димензии 27,40 x 15,6 метри и максимална височина до 12,4 метри. Оваа пространа и модерна сала ќе понуди соодветни услови за различни спортски активности. Изградбата ќе се спроведе со користење на енергетски ефикасни и еколошки материјали, што ја прави оваа сала не само функционална, туку и одржлива на долг рок.

Њујорк - Во Њујорк денеска во 9 часот започнува Генералната дебата на 79. Генерално собрание на Обединетите нации, на која ќе учествува и македонската делегација предводена од претседателката Гордана Сиљановска Давкова. Темата на годинешново собрание е „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“. 

По официјалниот пречек на шефовите на држави и влади од страна на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш следува отворањето на кое тој ќе има воведно обраќање. По него традиционално се обраќа претставник на Бразил, а потоа ќе зборува американскиот претседател Џо Бајден. Трет говорник е турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Со сесијата ќе претседава камерунецот Филемон Јонг. 

На Генералното, кое ќе трае до 30 септември, се очекува да присуствуваат 133 шефови на држави и влади, тројца потпретседатели, 80 потпретседатели на влади и 45 министри од земјите членки.

На покана на претседателот на САД Џо Бајден, претседателката Сиљановска Давкова денеска ќе присуствува на состанок на тема „Глобална коалиција за справување со заканата од синтетички дроги“, а потоа и на Годишниот состанок на Платформата на жени – лидери на Генералното Собрание на Обединетите Нации, на тема „Еднакво учество на жените во процесот на донесување одлуки: обезбедување на мир, социо-економски можности, одржлив развој и човечко достоинство за сегашните и идните генерации“, јави известувачот на МИА од Њујорк. 

Брисел - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска престојува во Брисел, каде на покана на унгарското претседателство со Советот на ЕУ, ќе учествува на денешното заседание на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК). 

Главна тема на состанокот на ГАК е Извештајот на Европската комисија за владеењето на правото за 2024 година, со кој од годинава покрај земјите членки на ЕУ се опфатени и четирите држави од Западниот Балкан вклучени во пристапниот процес – Северна Македонија, Албанија, Србија и Црна Гора. 

Од тие причини на денешното заседание на министрите или државните секретар за европски прашања на земјите членки на ЕУ се поканети и претставници на четирите земји од регионот. 

Скопје - Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши денеска ќе учествува на конференција на министри за економија во рамки на Берлинскиот процес што се одржува во Берлин, Сојузна Република Германија.

Како што информираат од Министерството за економија и труд, Дурмиши со колегите министри за економија од земјите од Западен Балкан на бизнис форум ќе дискутираат на тема „Десет години Берлински процес-Западен Балкан како економска област на патот на ЕУ“.

На конференцијата ќе присуствуваат и министрите за економија на Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Скопје - Нардониот правобранител во рамките на проектот „Зголемување на улогата на народниот правобрантел во еколошката правда“ финансиран од Норвешкото министерство за надворешни работи, а спроведуван во соработка со Програма и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН, денеска во Скопје организира тркалзена маса на тема „Зголемување на соработката на народниот правобранител со здруженијата на граѓани во еколошката правда“.

Воведни обраќана на тркалезната маса ќе имаат народниот правобранител Насер Зибери, постојаниот престставник на Програмата за развој на ОН (УНДП) Армен Григоријан и советникот за човекови права во Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН, Тања Темелковска.

Скопје – Националната кампања „Во ист ритам“ во организација на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација со поддршка на Холандската амбасада во Северна Македонија ќе биде промовирана денеска во просториите на Европска куќа со почеток во 12 часот. 

Кампањата има за цел да ги промовира демократските вредности и процеси, да ја информира јавноста за придобивките од родово сензитивно образование кое вклучува и сексуално образование, како и политики за поддршка на родова еднаквост во земјата. Особен фокус на кампањата се младите, и нивно поттикнување на младинско учество и младински активизам во сите демократски процеси кои се од нивен интерес. 

Битола - Филмот е национална добробит и мора континуирано да се прави. Филмот е одлична комуникација со светот и затоа треба да се инвестира во филмот, вели во интервју за МИА, професорот во пензија Димитар Грбевски, основач на Катедрата за филмска и ТВ монатажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје, познат и признат македонски филмски и телевизиски монтажер, годинешен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Наградата што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија-ДФРМ, беше врачена на ИФФК „Браќа Манаки“ за исклучителен придонес на Грбевски во македонската кинематографија.

Скопје - Со промоција на публикацијата „Прекарно за почетници“ вечер во националната галерија „Мала станица“ се затвора меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“, којашто беше отворена на 3 септември годинава. Почетокот на настанот е во 19 часот.

Уредници на брошурата „Прекарно за почетници“ се Виолета Качакова и Ивана Васева, лектурата и преводот се на Невенка Николиќ, графичкиот дизајн и илустрациите се на Немања Трајковиќ, а продукцијата на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).

Скопје – Презентацијата на резултатите од истражувањето за нелегални шумски активности спроведено во рамките на проектот „Борба против нелегални шумски активности“ кој го спроведува ЗГ РЕФОРД, во соработка со US Forest Service, ќе се одржи денеска од 10:30 часот во хотел „Панорамика“.

Како што информираат од 3Г РЕФОРД, во рамките на проектот било реализирано истражување на јавното мислење за нелегалните шумски активности кај корисниците на производи од дрво, сопствениците на приватни шуми, дрво-преработувачите и осум општини, по една од секој плански региони. 

Скопје - Регионалната работилница насловена „Ориентација и градење капацитети за зајакнување на интеграцијата на сексуалното и репродуктивното здравје во националните планови за универзална здравствена покриеност и процесите во Западен Балкан“, ќе биде денеска отворена во хотелот „Холидеј ин“ во Скопје, со почеток во 9:00 часот

Работилницата, која е организирана од Светска здравствена организација (СЗО) и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во партнерство со Министерство за здравство, ќе трае од 24 до 26 септември.

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Скопје – Времето денеска ќе биде променливо облачно и релативно топло. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Претежно во западните делови и особено од пладневните часови ќе има локална појава на повремен пороен дожд и услови за ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 12, а максималната ќе достигне од 22 до 27 степени Целзиусови.

Во Скопје ќе биде сончево со мала до умерена облачност, поголема попладне кога ќе има услови за појава на краткотраен дожд. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 24 степени.

Брисел – Европската комисија предложи од т.н. земјоделски резерви на ЕУ да се одвојат 119,7 милиони евра како директна поддршка за земјоделците од Бугарија, Германија, Естонија, Италија и Романија, кои беа погодени од исклучително неповолни климатски настани во текот на пролетта и почетокот на летото оваа година. 

Според предлогот на ЕК, во знак на солидарност 10,9 милиони евра треба да и се доделат на Бугарија, 46,5 милиони евра на Германија, 3,3 милиони на Естонија, 37,4 милиони на Италија и 21,6 милиони евра на Романија, наменети за обештетување на земјоделците во овие земји кои претрпеа штети во своето производство и приходи како последица на временските непогоди. Овие суми може да се надополнат и со средства од националните буџети во износ до 200 отсто. 

Вашингтон - Соединетите Американски Држави не поддржуваат ескалација на конфликтот што се случи во последните денови меѓу Израел и Хезболах, изјави висок функционер на Стејт департментот.

„Не можам да се сетам, барем не во последно време, дека каква било ескалација или интензивирање на конфликтот доведе до деескалација. Стабилизацијата не може да се случи на таков начин“, рече претставникот, наведувајќи дека Вашингтон интензивно ќе разговара со своите сојузници за конкретни идеи за смирување на ситуацијата и спречување на проширување на војната.

Во понеделникот Израел изврши жестоки воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан, при што загинаа 492 лица, повеќе од 1.500 луѓе беа ранети, а десетици илјади избегаа за да најдат побезбедно место.

Бејрут – Либанското Министерство за здравство синоќа соопшти дека бројот на загинати во израелските воздушни напади се искачи на 492 лица, а уште 1.645 се ранети.

Како што пренесува ДПА, Министерството соопшти дека 35 деца и 58 жени биле убиени откако Израел го започна својот најсмртоносниот бран воздушни напади врз милицијата Хезболах, поврзана со Иран, од 2006 година.

Нападите, фокусирани на јужен и источен Либан, почнаа вчера наутро и во нив беа погодени 1.300 цели на Хезболах, изјави израелскиот министер за одбрана Јоав Галант.

Њујорк - Се поблиску сме до крајот на војната, поблиску отколку што мислиме, изјави претседателот на Украина Володимир Зеленски во интервју за Еј-Би-Си Њуз.

Зеленски во интервјуто уште еднаш ги повика Вашингтон и другите партнери да продолжат да ја поддржуваат Украина, бидејќи како што рече, „само силната позиција на Украина може да го охрабри рускиот претседател Путин да ја прекине војната“.

Зеленски од недела престојува во САД каде ќе учествува на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации. Украинскиот претседател ќе ја искористи оваа можност за бројни средби со светските лидери, а ќе разговара и со актуелните американски кандидати за нов претседател Камала Харис и Доналд Трамп.

Њујорк - Франција побара итен состанок на Советот за безбедност на ОН за да се разговара за ситуацијата во Либан, каде се интензивираат судирите со Израел, изјави новиот француски министер за надворешни работи Жан Ноел Баро, цитиран од француските медиуми.

-Во овој момент мислам на либанскиот народ, откако израелските напади однесоа стотици цивилни жртви, вклучително и десетици деца. Овие удари на двете страни на Сината линија (линијата за разграничување меѓу Израел и Либан, повлечена од Обединетите нации) и пошироко во регионот мора веднаш да престанат, рече Баро од говорницата на Генералното собрание на ОН.

Њујорк - Соочена со руската агресија, Украина се бори не само за сопствен опстанок, туку и за вредностите и идеите на кои се темели демократскиот свет, така што за ЕУ поддршката за Украина не е манифестација на алтруизам, туку прашање за заштита на сопствената слобода, изјави претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола. 

-Повеќе од две и пол години, на Украина и е потребно нашето внимание, од очигледни причини. Разбираме дека Украина се бори не само за сопствен опстанок, туку и за истите вредности и идеи кои не држат заедно како глобални демократски заедници. Како ќе одговориме е лакмус тест на нашата политичка генерација, рече Мецола во Њујорк, за време на говорот на годишниот форум под покровителство на Универзитетот Конкордија, што се одржа како дел од сесијата на Генералното собрание на ОН, пренесува Укринформ. 

Њујорк – Обидот на Републиканската партија да ги промени изборните правила во Небраска, така што на претстојните претседателски избори сите електорски гласови од таа американска сојузна држава му припаднат на поранешниот американски претседател, републиканецот Доналд Трамп, не успеа.

Еден локален пратеник, исто така републиканец, не ги поддржа своите сопартијци за промена на законот. Сенаторот Мајк Мекдонел од Омаха рече дека се противи петте електорски гласови од Небраска, која е наклонета кон републиканците, да се доделуваат врз основа на принципот „победникот зема се“, според правилата во 48 од 50 американски држави.

Њујорк - Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел, како домаќин на неформалниот состанок на Советот за надворешни работи на ЕУ во Њујорк за време на Генералното собрание на Обединетите нации, изјави дека меѓународните правила никогаш не биле толку занемарени како денес.

„Светот беше погоден од многу кризи, до таа мера што меѓународните правила никогаш не биле толку занемарени. Меѓународниот систем на правила никогаш не бил толку слабо спроведен и почитуван. Вчера светна светлина на надеж: усвојувањето на 'Пактот за иднината' укажува на тоа дека постои голема побарувачка за мултилатерализам значи дека секој го има својот глас, дека сите ги земаат предвид интересите на сите, а не само на големите сили“, рече Борел.

Њујорк - Германскиот канцелар Олаф Шолц уште еднаш потврди дека Германија нема да ги укине ограничувањата на Украина за напади со западно оружје на руска територија.

-Јасно е дека ние секогаш сме многу фокусирани да го поддржиме тоа што навистина помага и што е неопходно... Ова исто така го подразбира фактот дека Германија нема да ги укине ограничувањата за употреба на западно оружје со долг дострел. Ова не зависи од мојот личен став. Ние нема да го направиме тоа и имаме добри причини за тоа, изјави Шолц непосредно пред средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Њујорк, пренесува Тагешау.

Ватикан - Стремежот за општ мир е целта, а тоа подразбира општо разоружување и особено елиминација на нуклеарното оружје, изјави Пјетро Паролин, државен секретар на Ватикан, во пресрет на 79-то заседание на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.

Паролин додаде дека целиот свет е зафатен од опасна криза и дека е време да се одбрани човечкото достоинство.

Москва - Руските власти планираат следната година да ги зголемат трошоците за одбрана на 6,2 отсто од бруто домашниот производ на земјата, во услови на војна против Украина, објави Блумберг, врз основа на увид во нацрт-буџетот на Руската Федерација за 2025 година.

Според документот, руската влада има намера да ги зголеми трошоците за одбрана на 13,2 трилиони рубљи (142 милијарди долари) во 2025 година од 10,4 трилиони рубљи планирани за оваа година, или 6,2 отсто од БДП.

Буенос Аирес – Аргентински суд вчера нареди апсење на голем број владини претставници на Венецуела, вклучително и претседателот Николас Мадуро, како дел од случај за злосторства против човештвото.

- Аргентинската правда нареди апсење на Николас Мадуро, Диосдадо Кабело и други лидери на венецуелската влада за злосторства против човештвото, соопшти аргентинскиот Форум за одбрана на демократијата кој го покрена случајот.

Пуерто Ескондидо – Ураганот Џон, проследен со силен ветер и обилни врнежи од дожд, го погоди јужниот пацифички брег на Мексико.

Оваа временска непогода се засили од тропска бура во ураган за само неколку часа, а брзото засилување на бурата ги изненади властите кои се обидуваа навреме да ги ажурираат советите до населението.

Невремето го зафати крајбрежниот појас на јужно Мексико како ураган од трета категорија, заканувајќи се на туристичкиот центар на државата Оахака со максимални ветрови до 190 километри на час.

Токио – Земјотрес со јачина од 5,9 степени според Рихтеровата скала ја погоди Јапонија по што цунами висок 50 сантиметри денеска го погоди островот Хачијо јужно од Токио, соопшти Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА).

Според полицијата, засега нема повредени.

Епицентарот на земјотресот бил во водите кај Торишима во архипелагот Изу, на длабочина од околу 10 километри.

Остани поврзан