• петок, 27 септември 2024
МИА Радио флеш

20 септември 2024 

-Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски вчеравечер во Будимпешта оствари работна вечера со министрите за транспорт на Белгија, Малта, Грција, Германија и Кипар. На средбата министрите разговараа за развој на транспортниот сектор во регионот. Како што информираат од Министерството за транспорт, Николоски ги претставил приоритетите на нашата земја, со посебен фокус на изградба на брза пруга на Коридор 10 како и олеснување на транспорот и трговијата меѓу земјите од Западен Балкан. Нагласена беше важноста и од изградба на Коридор 8. Во рамки на денешниот министерски собир, министерот Николоски ќе оствари работни средби и со министрот за транспорт на Италија, потоа со министерот на Унгарија и Австрија, како и со претставници на ЕУ каде ќе ги претстави проритетите на Македонија.

-Македонија е на прагот на значајни промени во енергетскиот сектор, преку поставување на темелите за енергетска независност. Во период кога глобалните енергетски предизвици се сè поприсутни, државата се соочува со потребата од модернизација на енергетската инфраструктура, како и пренасочување кон обновливи извори на енергија. Вака, реномираниот специјализиран српски  електронски медиум „Енергетски портал“ во своето магазинско издание го претставува интервјуто со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска. На прашањето што ќе биде цел на новоформираното министерство, Божиновска се осврнува на плановите за иднината на Македонија на енергетски план. 

-Универзитетската клиника за детски болести во Скопје ќе добие нов мобилен рентген апарат, во рамките на GGP програмата на Амбасадата на Јапонија во земјава, која е наменета за мали грантови за основни човекови потреби и човекова безбедност. Договорот за грант денеска потпишаа министерот министерот за здравство Арбен Таравари, амбасадорот на Јапонија во земјава, Оцука Казуја и директорот на УК за детски болести, Реџеп Мемеди. Како што посочи денеска Таравари во своето обраќање пред потпишување на договорот, со овој нов мобилен рентген апарат, ќе се унапреди пристапот на најмладите пациенти до потребните дијагностички процедури. Тој изрази благодарност до Амбасадата на Јапонија во нашата држава за соработката и континуираната поддршка која е во насока на зајакнување на капацитетите во нашиот здравствен систем.

-Министерот за здравство Арбен Таравари денеска информира дека акцелераторот во Штип воопшто не е користен, а не е ниту распакуван. Не е лошо, истакна Таравари, да се размисли дали може акцелераторот да се стави во употреба каде било. -Вчера бев во штипската Болница, го прашав раководството каде е апаратот. За жал, апаратот се уште не е во Штип, се чува некаде, најверојатно уште не е распакуван и воошто не е користен. Не  е лошо да се размислува за идејата дали може да се стави во употерба каде било, зашто воопшто не е користен. Таму бункерот не е среден за да се распакува апаратот кој не е ни отворен, рече министерот, одговорајќи на новинарски прашања по потпишувањето на Договорот за набавка на мобилен рентген апарат. 

-Oдлуката на Уставниот суд за „балансерот“ министерот за здравство Арбен Таравари вели дека е избрзана, но тоа е одлука на Уставен суд, иако, како што вели „не ни требаат вакви тензични состојби“. Според Таравари, владината коалиција имала договор прво да се донесе Законот за правична застапеност на сите заедници, меѓутоа не само етничка припадност, туку и за други категории. - Уставниот суд, за жал, се судии кои што се избрани и иако судиите треба да бидат неутрални. Меѓутоа, мислам дека не ни требаат вакви тензични состојби во овој период. Напротив, ние и така имавме договор со ВМРО-ДПМНЕ пред да почне коалицијата дека треба да се договориме за Законот за правична застапеност на сите заедници и потоа „балансерот“. Меѓутоа, некако се избрза. Некој можеби сакаше да се зборува за ова и да се дефокусира од другите побитни теми, изјави Таравари, одговарајќи на новинарски прашања по потпишување на договорот за грант меѓу Јапонскат амбасадаа и УК за детски болести.

- Во Основниот кривичен суд Скопје почна судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски.На обвинителна клупа седнаа  првоосомничениот Љупчо Палевски, како и Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски. Судот на почетокот на денешното судење не го прифати предлогот на Обвинителството за исклучување на јавноста. Зорица Ѓорчевска, мајка на убиеното девојче Вања Ѓорчевска преку нејзиниот полномошник поднела барање до Обвинителството јавноста да биде исклучена од цела јавна расправа за судењето за убиството на девојчето и велешанецот Причините кои ги навела мајката се заштита на приватниот живот и траумите кои ги доживеала таа и нејзината помала ќерка од медиумското известување.

-ТАВ Аеродроми, меѓународната групација со седиште во Истанбул, најави дека подготвува мастер-план за развој на двата македонски аеродроми. Мастер-планот, кој како што информирааат, интензивно се подготвува со поддршка од мнозинскиот сопственик на ТАВ Аеродроми, француски АДП, се очекува да биде готов во следните два месеци и до крајот на годинава, концесионерот ТАВ Македонија, како подружница на ТАВ Аеродроми, ќе ѝ го презентира планот на македонската влада. Главен извршен директор на ТАВ Аеродроми, Серкан Каптан, на денешната прес-конференција во Анталија порача дека, на македонскиот пазар работат од 2010 година и досега, за неполни 15 години, со поддршка од Владата и од сите надлежни владини институции, успеавме да го развиеме авиосообраќајот во земјата, со цел да овозможиме патувањето со авион да биде достапно на што поголем број луѓе.

-Кина и Јапонија постигнаа во август консензус за испуштање на радиоактивна вода од нуклеарната централа Фукушима, соопшти денеска кинеското Министерство за надворешни работи. Двете страни се согласија дека Јапонија треба да воспостави долгорочен меѓународен аранжман за мониторинг и да им овозможи на заинтересираните страни да спроведат независно тестирање и мониторинг, се вели во соопштението на Министерството. Забележано е дека Кина за време на разговорите нагласила дека прво треба да се изврши независно тестирање пред „постепено“ да продолжи каков било увоз на јапонски производи од морска храна.

-Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1 490 повици на  Единствениот број за итни случаи 112. - Од нив „реални“ повици биле 54,69 отсто, а 40,54 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 71,60 отсто, кон Итната медицинска помош 24,51 отсто, a кон пожарникарите 2,33 отсто од реалните повици кон 112, се вели во соопштението. ЦУК информира дека во последното деноноќие немало регистрирани пожари на отворено на територија на цела држава. 

- Грција станува сѐ посилна, напиша на Фејсбук грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, за одлуката да набават уште една, четврта по ред фрегата Белара, што според него е „неопходна за заштита на земјата и приоритет за кој не се преговара“, јави дописничката на МИА од Атина. За време на вчерашната церемонија на бродоградилиштата на компанијата „Навал груп“ во Лорен, Франција, за лансирање на втората фрегата Белара, министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас соопшти дека земјата има намера да започне преговори за набавка и на четврта фрегата.

-Главниот град на Унгарија се подготвува за огромен воден бран што в сабота треба да го достигне својот максимум во Будимпешта - се очекува нивото на водата на Дунав да достигне 8,5 метри. -Поради обилните дождови и поплавите, ситуацијата е критична во цела Централна Европа, изјави унгарскиот премиер Виктор Орбан на социјалната платформа „X“. Најголемата европска река, Дунав, веќе се излеа од коритото во Будимпешта и стигна до зградата на унгарскиот Парламент, јавуваат локалните медиуми. Снимките и фотографиите објавени на социјалните мрежи покажуваат надојдена вода околу зградата. И покрај сериозноста на ситуацијата, Орбан смета дека имаат доволно средства за борба против поплавите.

- Украина за првпат учествуваше во вежбата со беспилотни летала на НАТО, што се одржа од 10 до 20 септември во Холандија, соопшти прес-службата на алијансата. Повеќе од 450 претставници од 19 земји на НАТО и три земји партнери учествуваа на годишната вежба, на која беше тестирана техничката интероперабилност на мерките за спротивставување на беспилотни летала. -За првпат Украина учествува заедно со претставници на приватниот сектор и научната заедница, соопшти прес-службата на НАТО, додавајќи дека сојузниците тестирале повеќе од 60 системи и технологии како што се сензори, системи за водење беспилотни летала, заглавувачи и кибер-пресретнувачи.

- Повеќе од 130 шефови на држави или влади се очекуваат од недела во Њујорк на годишниот состанок на ОН, како што оценуваат во дипломатските кругови, во „експлозивен момент за светот“, бидејќи меѓународната заедница не е во состојба да ги запре конфликтите во Газа, Украина, Судан. -Од Блискиот Исток до Судан, во Украина се уште гледаме куршуми и бомби како касапат и убиваат, тела се натрупуваат, населението е трауматизирано, згради во урнатини, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш. Иако е загрижен поради регионалната ескалација на војната во Газа или нуклеарниот ризик поврзан со руската инвазија на Украина, тој оценува дека светот и покрај поделбите може „да избегне да оди кон трета светска војна“.

-Социјалните мрежи и видеоплатформите собираат огромни количини лични податоци на корисниците и ги споделуваат со широк опсег на трети лица, потврдува нов извештај на американската Федерална комисија за трговија (ФТЦ). Извештајот, објавен вчера, ги разгледува практиките за собирање податоци на девет компании: „Фејсбук“, „Ватсап“, „Јутјуб“, „Дискорд“, „Редит“, „Х / Твитер“, „Амазон“, „Снеп“ и „Тикток“, меѓу јануари 2019 и 31 декември 2020 година. Наодите на ФТЦ ги потврдуваат долгогодишните сомнежи и наводи за „длабочината и широчината“ на практиките на „надзор на корисниците од голем обем“, пишува „Гардијан“. ФТЦ му препорачува на Конгресот на САД да усвои федерални прописи за приватност врз основа на она што е документирано. Конкретно, агенцијата ги повикува законодавците да признаат дека деловните модели на многу од овие компании не прават доволно за да поттикнат делотворна саморегулација или да ги заштитат податоците на корисниците.

- Џенаро Гарсија Луна, кој со години ја водеше борбата на Мексико против насилната трговија со дрога во таа земја, треба да го помине остатокот од својот живот во затвор откако примил мито за да ги заштити картелите со кои требаше да се бори, соопшти американското Министерство за правда. Гарсија Луна (56) се соочува со казна на 9 октомври во федералниот суд во Бруклин пред американскиот окружен судија Брајан Коган, откако беше осуден во февруари 2023 година за учество во криминален потфат за дрога, учество во разни заговори и давање лажни изјави. Обвинителите соопштија дека Гарсија Луна, министер за јавна безбедност на Мексико од 2006 до 2012 година, земал милиони долари мито од картелот Синалоа, некогаш предводен од Хоакин Гузман Лоера, попознат како Ел Чапо.

Остани поврзан