• вторник, 24 септември 2024
МИА Радио флеш

23 септември 2024

- Претседателката на Врховниот суд на Република Северна Македонија, Беса Адеми, остварила работни посети на сите апелациони и основни судови, како и на Управниот и Вишиот Управен суд. Со посетите на судовите, како што соопшти Врховниот суд, се овозможи непосреден увид на состојбите и проблемите  со кои се соочуваат судовите, а кои предизвикуваат реперкусии во нивното функционирање. -Воедно, посетите имаа за цел да се унапреди соработката помеѓу судовите во Република Северна Македонија, заснована на принципите за независност на судството од законски, функционален и финансиски аспект, велат од Судот.

- Управата за јавни приходи ги повикува даночните обврзници и сметководителите да не го чекаат последниот рок, 25-ти септември (среда) 2024 година до полноќ, за поднесување на ДДВ-04 пријавите за последниот оданочив период. Од УЈП денеска упатија апел навреме да се поднесат ДДВ – 04 пријавите со цел да се избегне непотребен стрес и дополнително чекање на обработка на пријавите доколку истите ги испратите последниот ден. - Во моментов, системот на УЈП работи непречено, до денеска  поднесени се 1706, ДДВ – 04 пријави од вкупно очекуваните 7405, што е  23,4% од вкупно очекуваните ДДВ – 04 пријави за овој оданочив период. Обврска да поднесат ДДВ-04 пријава, имаат сите даночни  обврзници, вклучително и оние кои во соодветниот период немале извршен оданочив промет, се посочува во соопштението од УЈП.

– Косовската полиција објави дека во саботата вечерта спречила шверц на стока – обувки и облека - од Косово во Северна Македонија, во близина на граничниот премин Генерал Јанковиќ/Блаце меѓу двете држави, при што уапсила македонски државјанин кој се судрил со возилото со кое ја превезувал стоката низ нелеган пат, јави дописникот на МИА од Приштина. Во вчерашното соопштение на полицијата се наведува дека прексиниќа околу 20 часот, во атарот на село Сеќиште кај Генерал Јанковиќ, е забележано сомнително возило како се обидува да ја премине граничната линија и веднаш се преземени дејствија за негово сопирање. Возачот на возилото, со иницијали З.А., македонски државјанин од албанска националнот, на возраст од околу 40 години, откако увидел дека бил забележан од патроли на граничната полиција, при обид да побегне во правец на територијата на Република Северна Македонија, предизвикал сообраќајна незгода со материјална штета.

 - Пет преведувачи со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици влегоа во последниот круг на селекцијата за наградата за најдобар превод „Драги“. Како што одлучи жири комисијата во состав на д-р Јана Михајловска, д-р Зорица Николовска и Владимир Јанковски, петте финалисти се Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански на „Интимен живот“ од Николо Аманити, во издание на „Антолог“ 2024 година, Ѓоко Здравески за преводот од хрватски на „Тројца за картал“ од Миљенко Јерговиќ, во издание на „Бегемот“ 2024 година, Екатерина Бабамова за преводот од англиски на „Градот на победата“ од Салман Ружди, во издание на Артконект 2023 година, Елисавета Поповска за преводот од француски на „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, во издание на „Илика“ 2024 година и Ирена Јурчева за преводот од англиски на „Силмарилион“ од Џ. Р. Р. Толкин, во издание на „Паблишер“ 2023 година. Како што е најавено, соопштување на наградите ќе се случи на 2 октомври во 12.30 часот во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитниците и номинираните. Настанот ќе се случи во рамки на јубилејното десетто издание на Фестивалот на европска литература „BookStar“ 2024.

 - Основното училиште „Киро Глигоров“ е вториот објект во општината  кој доби фотоволтаични панели на покривот. На кровната површина се поставени 720 панели со максимална инсталирана моќност од 396,00 Kw (киловати) за производство на електрична енергија. Како што информираат од Општината, нивниот приклучок се очекува наскоро, а градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека целиот процес за набавка и инсталирање на фотоволтаичната централа е од општинскиот буџет и е во висина од 7.3 милиони денари. - Според истражувањата на пазарот, за реализирање на оваа инвестиција од општинскиот буџет првично планиравме 18 милиони денари, ама на Јавната аукција цената се симна на 7.3 милиони денари. Со поставувањето на оваа фотоволтаична централа ние очекуваме значително да се намалат вкупните трошоци за електрична енергија, што нам како локална самоуправа ќе ни овозможи да вложиме повеќе средства во одржување на високиот квалитет на услугите за образование на децата, потенцирал Герасимовски.

- Во текот на минатиот викенд, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за отстранување десетина диви депонии лоцирани во неколку скопски општини. Подигнати се 25 кубни метри градежен отпад одложен на јавни и сообраќајни површини во општината Чаир, во близина на градинката Фидани, како и повеќе диви депонии на булеварот Македонско-косовска бригада, во населбата Топаана. Повторно е интервенирано и на булеварот Никола Карев (Пластичарска улица), каде што е отстранета обемна дива депонија лоцирана на аголот со улицата Максут Садик, во непосредна близина на Амбасадата на САД.  Екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје отстранија и неколку диви депонии лоцирани на улицата Никола Пушкаров во општината Ѓорче Петров, како и на булеварот Србија во скопската општина Аеродром.

 – Билатералните односи, мигрантското и кипарското прашање, според грчките медиуми се очекува да бидат темите на средбата на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган што ќе се одржи утре во Њујорк на маргините на Генералното собрание на ОН, јави дописничката на МИА од Атина. -Ќе ги оцениме работите по средбата и во длабочина ќе ги видиме прашањата. Во едно многу турбулентно време и кога на Блискиот Исток се создава криза, фактот што можеме да разговараме за сите овие прашања е позитивно достигнување. Има позитивно влијание врз позитивната агенда, дури и за прашањата за кои не се согласуваме да не доведат до ескалација на теренот, рекол висок владин извор грчката новинска агенција за АНА-МПА. Во однос на кипарското прашање владиниот извор објаснил ќе го покрене грчката страна и дека „постои умерен оптимизам за продолжување на разговорите“, додека пак за мигрантскиот проблем рекол дека Атина изразува задоволство од нивото на соработка со Турција по ова прашање.

– Папата Францискги откажа сите состаноци за денеска поради болест, а Ватикан објасни дека 87-годишниот понтиф боледува од „благ грип“. Како што пренесе ДПА, тој исто така ќе го искористи времето за одмор пред претстојното патување во странство, во чии рамки в четврток ќе замине за Луксембург, а потоа во Белгија. Папата Франциск во последните месеци мораше повеќе пати да откажува состаноци поради неговото здравје. Сепак, тој успешно го заврши 12-дневното патување во Азија и Пацификот во првата половина на септември. Поради болки во коленото и проблеми со колкот, папата роден во Аргентина обично седи во инвалидска количка за време на јавните настапи.  Папата Франциск во декември ќе наполни 88 години. Тој е најстариот папа во повеќе од еден век.

- Советот  на ЕУ денеска реши од Фондот за солидарност на Европската унија да одвои дополнителни една милијарда и 28,54 милиони евра помош за Италија, Словенија, Австрија, Грција и Франција наменети за справување со последиците со елементарните непогоди што ги зафатија овие земји во текот на минатата година.  Од вкупните средства, кои вклучуваат и 231,78 милиони евра авансна исплата, 446,64 милиони евра ќе бидат наменети за помош на Италија за справување со последиците од поплавите во регионите Емилија-Ромања (378,83 милиони евра) во мај и Тоскана (67,81 милиони евра) во октомври и ноември 2023 година.  За санирање на штетите од поплавите во август минатата година, Словенија ќе добие дополнителни 428,41 милиони евра, а Австрија 5,20 милиони евра.  Грција како помош во санација на штетите од поплавите предизвикани од медитеранската бура „Даниел“ лани во септември ќе добие 101,53 милиони евра, а Франција дополнителни 46,76 милиони евра помош за поплавените области во регионот Норд-Па-де-Кале во ноември 2023 година. 

- Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант изјави дека разговарал со американскиот министер за одбрана Лојд Остин за последните воздушни напади на израелската армија против Хезболах во Либан и за развојот на ситуацијата на северната граница на Израел со Либан. „На министерот му ја пренесов оценката за ситуацијата во врска со заканите на Хезболах и го информирав за операциите на израелските одбранбени сили (ИДФ) кои имаат за цел да ја ослабнат способноста на Хезболах да изврши напади врз израелски цивили“, објави Галант на мрежата Х. Како што додаде, разговарале и за пошироката регионална ситуација и заканите од „Иран и неговите застапници“.

- Новиот претседател на Шри Ланка, Анура Кумара Дисанајака, денеска положи заклетва во главниот град Коломбо, еден ден по прогласувањето на победата на изборите и две години по економската криза што ја принуди земјата на строги мерки на штедење. Дисанајака, 55-годишниот лидер на левичарската партија положи заклетва пред претседателот на Врховниот суд, а церемонијата беше пренесувана на телевизија. „Конечно се оствари сонот што го имавме... Подготвени сме заедно да ја испишеме историјата на Шри Ланка“, напиша синоќа Дисанајака на мрежата Х, по објавувањето на изборните резултати. Економската криза го забрза падот на поранешниот претседател Готабаја Рајапакса, кој беше избркан од претседателската палата од демонстрантите кои беа гневни од инфлацијата и немаштијата.

 - Луис Армандо Албино на шест години бил киднапиран додека си играл во парк во Оукленд, Калифорнија, САД, во 1951 година. Сега, повеќе од 70 години подоцна, Албино е пронајден. „Мерќури њуз“ прв објави дека внуката на Албино, Алида Алекин, користејќи ДНК-тест, исечоци од весници, но и со помош од полицијата, ФБИ и Министерството за правда - го нашла нејзиниот вујко кој живее на сосем спротивниот, Источен Брег на САД. Албино, според неговата внука, сега е пензиониран пожарникар, но и ветеран од Виетнамската војна, како и татко и дедо... Всушност, 63-годишна жителка на Оукленд го препознала Албино и го известила неговото семејство. Албино и петте негови браќа и сестри, доселени од нивната мајка од Порторико, се преселиле во
Калифорнија летото 1950 година, пред неговото киднапирање во февруари.

Остани поврзан