
29 септември 2023
- Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе се обрати на свеченото отворање на фотоволтаична централа „ФЕЦ Новаци”, нова домашна инвестиција, во Општина Новаци. Како што најавија од владината прес-служба, на настанот ќе присуствуваат и вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори Фамир Битиќи, министерите за економија и за транспорт и врски, Крешник Бектеши и Благој Бочварски. Новата фотоволтаичната централа од 55 MW во Новаци е на компанијата „Меј Енерџи“. Министерот Бектеши ќе ја посети и компанијата „БиМилк“ во Битола, каде ќе оствари средба со менаџментот и ќе направи обиколка на производствените капацитети.
- Република Франција и Република Северна Македонија годинава одбележуваат 30 години дипломатски односи и големиот јубилеј ќе го прославиме со посебна програма, изјави за МИА, францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер. Како што во бракот, заедништвото се слави со бисери, така и ние ќе прославуваме со повеќе настани, бисери поврзани меѓу себе, потврди амбасадорот Бомгартнер. -Ние, оваа година во месец декември ќе ја славиме 30 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу двете земји. Во еден брак кога се слават 30 години заедништво, тоа се слави со бисери. Ние сакаме да направиме еден единствен настан кој ќе поврзи повеќе бисери меѓусебе. Сакаме тоа да биде во рамки на традицијата, а во исто време да има призвук на модерно, современо. На свеченостите ќе има ликовна уметност, но и настани во живо. Сакаме да биде богато со смисла, како што е пријателството меѓу нашите две земји, изјави Бомгартнер.
- Кај прилепското село Алинци се уште чади опожарената депонија, а пожарот на оваа локација е единствениот активен од 26-те што беа регистрирани вчера во државава. Од ЦУК информираат дека изгнаснати се 25 пожари во 24 општини, а гореле неколку депонии, стрништа, отпадоци, сува трева, трње, лозје, грмушки, нискостеблеста и мешана шума – даб и габер, како и борова шума. - Спасувачките екипи од Крајбрежната служба на Грција и денеска, во море, на копно и од воздух, продолжуваат со потрагата на пилотот и приватниот хеликоптер, што вчера се урна во морето во северниот дел на грчкиот остров Евија, подрачјето што беше зафатено од невреме, јави дописничката на МИА од Атина. Од Крајбрежната служба на Грција соопштија дека во потрагата по единствениот патник во хеликоптерот, 69-годишниот пилот, учествуваат четири патролни чамци, две патролни возила од копно, по еден хеликоптер од военото воздухопловство и воената морнарица, два чамци и морско такси.
- Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за прашања на изборите и именувањата и Законодавно правната комисија. Утврдување предлог-одлука за избор на претседател, членови и нивни заменици на Анкетната комисија за скандалот во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, е единствената точка по која ќе дискутираат членовите на Комисијата за изборите и именувањата. Одговорност за случајот со онкологија ќе има и одговорните за евентуална злоупотреба ќе бидат изнесени во јавноста со име и презиме, истакна вчера заменик министерката за здравство Маја Манолева одговарајќи на прашање на пратеникот Петар Ристески ВМРО - ДПМНЕ. Заменик министерката Манолева кажа дека постапката со случајот на онкологија не е завршена и согласно тоа неможе да се даваат квалификации дека никој за ова нема да одговара.
- Во ОВР Крива Паланка денеска започнува „Отворен Кабинет” на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Пред приемот на странки, министерот Оливер Спасовски ќе оствари работен состанок со раководството на ОВР Крива Паланка. Како што најавија од МВР, министерот Спасовски ќе го посети и средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ каде ќе се реализира превентивна активност како продолжение на кампањата „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“. - Во Спортско рекреативниот комплекс во Куманово денеска ќе бидат отворени шестиот меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска Трпеза“ и вториот меѓународен саем за земјоделство, технологии, храна и преработки „АгроМак“. На саемот активно учество ќе земат околу 10.000 луѓе од кои 250 до 300 излагачи од Северна Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Словенија, Република Српска, Босна и Херцеговина, Словачка, Унгарија, Црна Гора, Косово, Турција и други. Саемите имаат уникатна програма која вклучува повеќе содржински компоненти и тоа изложбен, дел на кој преку свои штандови учество ќе земат производители, откупувачи и преработувачи на храна, пијалоци и земјоделски производи, производители на, и трговци со амбалажа, алати, опрема, машини и
механизација, како и производители и трговци на семе и саден материјал, хортикултура и инпути во земјоделско производство.
- Со проекција на македонскиот игран филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, проект во кој кинематографер е Душан Кардалевски, вечер во Битола завршува 44 издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“. Според востановената традиција, пред доделување на фестивалските награди за најдобрите кинематографери за кои одлучуваат неколку жири комисии, на сцената во НУ Центар за култура во Битола ќе биде доделена наградата специјална златна „Камера 300“ за посебен придонес во филмската уметност која годинава му припадна на Шејмус Мекгарви. Лауратот Мекгарви првите филмови ги снимил по дипломирањето во 1988 година, а во 2004 година е награден со медал Лимиер за придонес во уметноста на кинематографијата, кој го доделува Кралското фотографско друштво. Мекгарви кој во Битола одржа мастер клас, двапати е номиниран за Оскар за најдобра фотографија-кинематографија во филмот „Покајание“ и за филмот „Ана Каренина“. Во својата кариера, Мекгарви е потписник на педесеттина филмови, меѓу кои „Педесет нијанси на сивото“, „Годзила“, „Величествениот шоумен“..., а неговиот најнов филм „Вонка“, каде исто така е кинематографер, премиерно ќе биде прикажан оваа година, во декември.
- „Повторното актуализирање на инфлацијата и новата геополитичка реалност во прилог на преосмислувањето на макроекономската политика“ е темата на Деветтата меѓународна истражувачка конференција, којашто Народната банка годинава ја организира во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс (КПБВ). Конференцијата, со поздравни обраќања, ќе ја отворат претседателот Стево Пендаровски и челните претставници на институциите-организатори, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, и извршниот директор на КПБВ, Марк Узан. Воведно обраќање на Конференцијата ќе има и директорот на Меѓународниот монетарен фонд за Европа, Алфред Камер.
- Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека Западот сака да ја глобализира војната во Украина. -Конфликтот мора да биде изолиран, но западните земји сакаат да ја глобализираат војната, изјави Орбан за јавниот сервис, пренесува МТИ. Премиерот Орбан додаде дека ќе се докаже дека Унгарија била во право за војната во Украина и дека Западот не успеал мирно да ја процени ситуацијата на теренот.
- Во говор посветен на заканите по демократијата, претседателот на САД Џо Бајден синоќа во Аризона истакна дека американската демократија е во опасност од дејноста на екстремистичките движења во земјата и го чествуваше „херојството“ на републиканскиот сенатор Џон Меккејн кој почина во 2018 година. Говорот допре до главната потпора за негов реизбор – заштита на демократските институции од разрушувачките тенденции на републикaнскиот кандидат за претседател и експретседател Доналд Трамп. -Во Америка моментално се случува нешто опасно, рече Бајден алудирајќи на неодамнешните закани на Трамп на адреса на актуелни претставници на администрацијата. „Знаеме колку нашите институции изгледаат поткопани во очите на американскиот народ, дури и на светот, од нападите одвнатре изминатите неколку години“, додаде тој.
- Соединетите Американски Држави нудат пет милиони долари за информации кои би довеле до апсење на одговорните за убиството на еквадорскиот претседателски кандидат Фернандо Вилависенсио, објави американскиот државен секретар Ентони Блинкен. „САД ќе продолжат да го поддржуваат народот на Еквадор и да работат на изведување поединци пред лицето на правдата кои се обидуваат да ги поткопаат демократските процеси“, рече Блинкен. Вилависенсио, поранешен пратеник и новинар за борба против корупцијата, беше убиен во Кито на 9 август, помалку од две недели пред претседателските избори. Еквадорската полиција уапси шестмина осомничени, за кои наведе дека се Колумбијци кои припаѓаат на криминални групи.
- Околу 186.000 мигранти и бегалци годинава пристигнаа на југот од Европа, соопшти Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР). Американските медиуми пренесуваат дека најголем број од нив влегле во Италија, повеќе од 130.000, што е зголемување за 83 отсто во споредба со минатата година. Остатанатите заминале за Грција, Шпанија, Кипар и Малта. Истовремено, од јануари до 24 септември годинава загинале или исчезнале речиси 2.800 лица кои се обиделе да го преминат Медитеранот, што е значително зголемување во споредба со 1.680 лица кои загинале или исчезнале во истиот период во 2022 година. Најголемиот број бегалци и мигранти кои се обиделе да го преминат Медитеранот кон Европа се од Тунис - повеќе од 102.000, се наведува во извештајот на Високиот комесаријат.
- Шведскиот премиер Улф Кристерсон го повика врховниот командант на шведските вооружени сили Микаел Бајден да помогне да се спречи порастот на убиства поврзани со конфликтот меѓу криминалните банди. Двајцата денеска ќе се сретнат со началникот на полицијата за да разговараат за улогата на војската, јави Би-Би-Си. Бајден за весникот „Дагенс нихетер“ изјави дека е подготвен да и помогне на полицијата. Не е јасно како точно ќе се вклучи војската, но имаше најави дека војниците би можеле да преземат некои полициски должности за да ослободат ресурси за полицијата за борба против криминалот. Во Шведска овој месец во конфликт меѓу криминални групи загинаа 12 лица, што е најголем број од декември 2019 година, објавија локалните медиуми. Кристерсон рече дека Шведска досега не видела вакво нешто и дека „ниту една друга земја во Европа“ не доживеала ваква ситуација. Тој изјави дека деца и невини случајни минувачи се повеќе страдаат во конфликти со банди.
- Претставничкиот дом на САД усвои нацрт-закон за финансирање на Министерството за одбрана, јавија британските медиуми, забележувајќи дека тоа се случи откако претседателот на Долниот дом на американскиот Конгрес, Кевин Мекарти, го отстрани финансирањето за Украина, на барање на тврдокорните членови на неговата Републиканска партија. Претставничкиот дом на САД, исто така, усвои нацрт-закон за финансирање на Министерството за домашна безбедност. Предлог-законите се меѓу неколкуте изгласани законски проекти, на крајот на седницата во текот на ноќта, што меѓутоа нема да спречи делумно затворање на владата, од недела, 1 октомври.
- Прекинот на работата на американската федерална влада е сè поизвесно поради спорот меѓу демократите и републиканците за буџетските трошења во Конгресот. Затворањето, една минута по полноќ на 1 октомври, ќе наруши многу услуги, ќе влијае на вработените во владата и ќе предизвика нови нарушувања во американската политика, пренесува Гласот на Америка. Демократите во Сенатот гласаа да се отвори дебата за нацрт-законот со кој се продолжуваат федералните трошоци до 17 ноември, но републиканците, кои го контролираат Претставничкиот дом, веќе рекоа дека нема да го поддржат усвојувањето на тој закон.
- Апелацискиот суд во Њујорк го одби барањето на поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се одложи судењето по обвинението, во кое се тврди дека давал лажни информации за вредноста на својот имот. Укинат е и налогот ма еден од судиите, Дејвид Фридман, донесен на 14 септември, да не се објави почеток на рочиштето, додека се разгледува барањето за одложување поднесено од поранешниот претседател, јави Гласот на Америка. Почетокот на тоа судење е закажан за 2 октомври. Судскиот совет ја донесе одлуката два дена откако судијата Артур Енгорон презентираше дека Трамп и неговата семејна фирма наводно ја прецениле вредноста на имотот, со цел да им се дадат подобри услови за кредит и осигурување.
- Повеќе од 84.000 луѓе го напуштија Нагорно Карабах и пристигнаа во Ерменија до утринава, соопшти ерменската влада. „До утринава до 6 часот, во Ерменија влегле вкупно 84.770 раселени лица од Нагорно Карабах“, се вели во соопштението на владината служба. Ерменскиот премиер Никол Пашинјан верува дека за неколку дена во Нагорно-Карабах нема да има Ерменци. „Анализите покажуваат дека во наредните денови нема да има Ерменци во Нагорно Карабах. Ова е директен чин на етничко чистење и депортација, за што долго време ја предупредувавме меѓународната заедница“, рече Пашинјан на владина седница. Министерството за надворешни работи на Азербејџан ги отфрли обвинувањата на Пашинјан дека азербејџанските власти вршат етничко чистење во Нагорно Карабах.
– Од почетокот на годината над 2.500 мигранти загинаа или исчезнаа обидувајќи се да го преминат Медитеранот на пат кон Европа, изјави претставник на Високиот комесаријат на ОН за бегалци. -До 24 септември, над 2.500 лица се евидентирани како мртви или исчезнати годинава. Овој број претставува зголемување за две третини, во споредба со 1.680 лица за истиот период во 2022 година“, рече Рувен Меникдивела, директор на канцеларијата на УНХЦР во Њујорк, на седницата на Советот за безбедност посветена на мигрантската криза во Медитеранот.