• четврток, 26 септември 2024
МИА Радио флеш

26 септември 2024

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со министерот за надворешни работи на Украина, Андриј Сибиха, на маргините на 79-то Генерално Собрание на ОН во Њујорк, соопшти МНРНТ. -На средбата помеѓу МНРНТ Муцунски и МНР Сибиха беше реафирмирана македонската поддршката кон Украина, посочувајќи дека Македонија ќе продолжи да ја поддржува Украина на патот кон зачувување на нејзиниот територијален интегритет и суверенитет. Министерот Муцунски истакна дека недвосмислената поддршката кон Формулата за мир, Меѓународните коалиции за основање на трибунал за злосторство, агресија против Украина и за враќање на присилно раселените деца, продолжува и понатаму, како и кон останатите иницијативи и формати за обезбедување на практична помош за Украина, се наведува во соопштението.

- Западниот Балкан е составен дел од иднината на Европа и членството на земјите од регионот во ЕУ е на дофат, под услов да продолжат со спроведување на клучните реформи, порача високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија, Жозеп Борел на неформалниот состанок со лидерите од регионот во Њујорк, на кој присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. - Зголеменото злонамерно влијание што ги поткопува реформските напори во регионот покажува дека треба уште потесно да соработуваме. Заедно, ќе создадеме побезбедна и попросперитетна ЕУ, објави Борел на Икс по состанокот. Како што соопшти денеска Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), средбата, одржана доцна синоќа по средноевропско време на маргините на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации, ја одразува посветеноста на Европската Унија за партнерство со идните земји членки од Западниот Балкан. 

-Комитетот на постојани претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (Корепер) донел одлука Албанија да ги започне преговорите за членство со ЕУ по поглавја, со што би била одвоена од земјава на европскиот пат, тврди бриселскиот портал „Еурактив“, повикувајќи се на извори во Советот на ЕУ. ЕУ донесе одлука за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија во пакет во јули 2022, по што двете земји го спроведоа скринингот, но понатамошниот преговарачкиот процес по поглавјата беше запрен – за земјава поради неисполнувањето на преземената обврска за промена на Уставот, а за Албанија поради блокада од Грција, по приведувањето на кандидатот за градоначалник на албанскиот град Химара, Фреди Белери, етнички Грк, под обвинение за поткуп на гласачи пред изборите. Белери, кој во меѓу време беше избран за европратеник од Грција на изборите во јуни, беше ослободен од притвор за да може да го заземе своето место во Европскиот парламент.

-Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, соопшти дека со српскиот претседател Александар Вучиќ, на маргините на Генералното собрание на ОН (ГС на ОН) во Њујорк, детално разговарале за последните случувања во рамките на дијалогот и спроведувањето на Охридскиот договор, во светло на Планот за раст за Западен Балкан, јави дописникот на МИА од Белград. „Разговарав со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на маргините на ГС на ОН детално за последните настани во дијалогот и потребата од повторно ангажирање и спроведување на Охридскиот договор, исто така во светло на Планот за раст на ЕУ за регионот“, изјави Лајчак на социјалната мрежа Х.

-Србија испрати протестно писмо до генералниот секретар на Обединетите нации и до претседателот на Генералното собрание на ОН, како одговор на говорот на претседавачот со Претседателството на Босна и Херцеговина, Денис Беќировиќ, пред оваа организација, во кој тој, како што се наведува, упатил низа неосновани и злонамерни обвинувања против Србија и српскиот народ, јави дописникот на МИА од Белград. Во писмото се предупредува на обидот на Беќировиќ преку злоупотреба на истрошениот наратив за „Голема Србија“ да ги оживее конфликтите од 1990-тите во регионот. Исто така, се нагласува дека политичкиот врв на Србија континуирано и во секоја прилика изразува поддршка за територијалниот интегритет на БиХ, што ги прави уште помалициозни обвинувањата на Беќировиќ дека Србија е закана за некого.

-Израелскиот крајнодесничарски министер за финансии, Безалел Смотрич, денеска го отфрли предлогот за 21-дневен прекин на огнот во Либан и повика на „уништување“ на либанската вооружена група Хезболах, јавија француските меидуми. „Кампањата на северот треба да заврши со еден единствен резултат: уништување на Хезболах и елиминирање на неговата способност да им наштети на жителите на северот“, рече Смотрич на платформата  Х, додавајќи дека прекинот на огнот предложен од САД и нивните сојузници ќе му даде време е Хезболах да се „реорганизира“.

-Израел дал зелено светло за прекин на огнот со либанската шиитска милиција Хезболах, јави денеска телевизијата N12. Целта е да се преговара за потраен договор, објави N12, цитирајќи неименуван соработник на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху. Како што пренесе ДПА, првично нема официјална потврда за извештајот. Портпаролката од канцеларијата на Нетанјаху рече дека не дала таква изјава. Масовното израелско бомбардирање на Либан досега резултираше со повеќе од 600 смртни случаи од почетокот на ескалацијата во понеделникот, соопшти либанското Министерство за здравство. Група земји, вклучувајќи ги САД и земјите од ЕУ, заедно со клучните арапски нации, се залагаат за запирање на борбите.

-Северна Кореја има доволно плутониум и ураниум за да може да произведе најмалку двоцифрен број нуклеарни оружја, изјави утрово јужнокорејскиот пратеник Ли Сеонг-квон, повикувајќи се на јужнокорејската разузнавачка агенција. Ли рече дека јужнокорејската разузнавачка агенција смета дека постои голема веројатност Северна Кореја да ја изврши седмата нуклеарна проба по претседателските избори во САД на 5 ноември. Јужнокорејски пратеник рече дека ретко се случува севернокорејските државни медиуми да известуваат за посетите на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун на постројка за збогатување ураниум, така што покривањето на неговата посета претходно овој месец веројатно може да испрати порака до Вашингтон пред претседателските избори во САД.

-Глобалниот долг достигна рекордни 312 трилиони долари на крајот на вториот квартал од 2024 година, пред се поради растот на задолжувањето во САД и Кина, покажуваат денеска објавените податоци од Институтот за меѓународни финансии (ИИФ). Покрај Кина и САД, долгот го зголемиле и Индија, Русија и Шведска, а значително намалување забележале останатите европски земји и Јапонија. Светскиот долг се зголеми за 2,1 трилиони долари во првата половина од годината и постои можност ситуацијата дополнително да се влоши поради намалувањето на каматните стапки. Зголемувањето на задолжувањето во голема мера е последица на енергетската транзиција и преминот кон обновливи извори на енергија, оценува ИИФ.

 

Остани поврзан