МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

13 мај 2025
Скопје - Нема да има реконструкција на Владата, туку само смена на министри, информираат од Владата за МИА по синоќешната изјава на Арбен Таравари дека АА излегува од Владата.
Алијанса за Албанците во Владата има две министерски места - за здравство кое го предводи Таравари и вицепремиерско и министерско место за добро владеење на кое сега е Арбен Фетаи. Во Парламентот, партијата има шестмина пратеници.
Засега се уште не се знае како ќе се одвива смената на министрите, дали и кој од АА ќе поднесе оставка или Владата ќе ги разреши министрите и други функционери од крилото на АА. Исто така е неизвесно колкумина од шестмината пратеници на АА ќе останат со Таравари.
Скопје - Има приватни универзитети кои постојат како трговски претпријатија, „штанцале“ дипломи години наназад и Владата им се спротивстави, но има и приватни универзитети кои навистина добро работат. Не сум против отворање приватни школи, универзитети и слично, но секој мора да го почитува законот и уште поважно, тие да не се отвораат исклучиво за бизнис цели, туку со мисија навистина да помогнат во подобрување на квалитетот на образованието во државата и да градат добро подготвени млади генерации, рече денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска на панел дискусијата во рамки на 14. Самит на Македонија 2025.
Како што подвлече Јаневска, наместо кон квантитет, мора да се ориентираме кон квалитет.
Министерката оцени и дека реформите во образованието со дисперзираните студии не го дадoa очекуваниот резултат. Се продуцираа кадри со недоволно висок квалитет, а дел од нив се вработените во државните институции.
Скопје - Целосна имплементација на новиот Закон за буџети и спроведување прудентна фискална политика преку усвојување конкретни мерки за фискална консолидација, намалување на дефицитот, зајакнување на ефикасноста на прибирање на приходите во буџетот, се дел од препораките за Република Северна Македонија од заедничките заклучоци од 11. Економски и финансиски дијалог меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство во Брисел, на кој учествуваше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
- Усвоените заеднички заклучоци во рамки на дијалогот коишто се однесуваат на зајакнување на фискалното управување, имплементирање на капиталните инвестиции, зајакнување на оперативноста на даночната администрација и следење на фискалните ризици, се во линија на реформите предвидени како со реформската агенда, така и со Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Скопје – Лидерите на верските заедници од земјава, денеска, по иницијатива на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) и Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОЗРГ), потпишаа Декларација на верските лидери во Република Северна Македонија против насилен екстремезам. На потпишувањето беше посочено дека верските заедници се меѓу клучните чинители за превенција и спречување на насилниот екстремизам, бидејќи нивното присуство и активностите со верниците можат да бидат од голема полза во зајакнувањето на заедниците како целина.
Потписници на Декларацијата се архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија г.г. Стефан, реисот на Исламската верска заедница Шаќир еф. Фетаху, скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов, суперинтендентот на Евангелско – методистичката црква Марјан Димов, претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, како и директорката на КОЗРГ Оливера Трајковска и директорот на МЦМС Александар Кржаловски.
Скопје - Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска се сретна со турскиот амбасадор Фатих Улусој, придружуван од неговите советници за внатрешни работи.
На средбата, како што информира МВР, соговорниците се согласија дека двете земји негуваат одлични пријателски односи и соработка.
Амбасадорот Улусој искажал благодарност за досегашната соработка меѓу двете земји и се заблагодарил на поддршката и соработката со Министерството за внатрешни работи.
Скопје - Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство денеска даде поддршка на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за дивечот и ловството и на Предлог-законот за изменување на Законот за фитофармација, двата во прво читање.
Измените и дополнувањата на Законот за дивечот и ловството се со цел да се овозможи непречено спроведување на постапката за доделување на дивечот во ловиштата на користење и за допрецизирање на законските одредби за олеснување на постапката за известување за полагање на ловечки испит.
Се врши и усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за основање на Државна комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.
Брисел - Ние бевме првата земја што го заврши договорот за предфинансирање во рамки на Планот за раст на Западниот Балкан, со што покажавме дека чекориме сигурно, знаеме што сакаме и посветено работиме со забрзана динамика на реализација на обврските, изјави за МИА министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која денеска во Брисел учествуваше на редовниот годишен Економски и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и регионалните партнери.
- Мораме да имаме предвид дека оваа Влада се уште нема една година како функционира и сега во толку краток рок беше потребно да се воспостави комуникација внатре во институциите за тековни работи, а дополнително беа и барањата од Планот за раст. Затоа велам дека во периодот што следи очекувам да одиме дури и со позабрзана динамика, па се надеваме дека ќе си го вратиме она прво место што го имавме, особено што во однос на земјите од Западниот Балкан бевме пред сите. Тажно е да знаеме дека во изминатите години сме го изгубиле, но верувам дека за многу кус период ќе се вратиме на првото место во исполнувањето на обврските кои ни се зададени, рече Димитриеска-Кочоска.
Скопје – Сметам дека Судот не ги ценеше во доволна мера искреното каење и личноста на сторителот. Казната е превисока, изјави бранителот на Васил Јованов, адвокат Сашко Дуковски во изјава за медиумите пред Кривичниот суд Скопје, по објавувањето на пресудата за прегазувањето на Фросина Кулакова во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
Дуковски посочи дека очекувана била осудителна пресуда бидејќи признал вина, но дека оваа пресуда во ваква висина, не е во согласност со воспоставената судска пракса на територијата на Апелациниот суд во Скопје.
- Иста ваква сообрќајна незгода 2019 година на истото тоа место, на истиот пешачки премин, само од другата страна, е завршена правосилно со 3,5 години. Сетете се на предметот во Велес, има еден прекршок повеќе од Васил. Има еден прекршок повеќе од Васил затоа што се даде сторителот во бегство и два дена беше недостапен. Правосилно заврши со осум години. Само за тоа приговарам, изјави Дуковски.
Белград - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека никој од Европа не побарал од него да распише избори.
Вучиќ нагласи дека никој од Европа не побарал да се распишат избори, ниту пак некој од Европа прашал дали оние што се занимавале со криминал или упаднале во институции се ослободени.
„Никој не ме праша кој е уапсен, бидејќи претпоставувам дека во Европа, за разлика од блокадерите, знаат дека тоа е работа на обвинителот, судовите и судските власти во оваа земја. И никој не ме праша, не слушнав дека европското барање за овие лаги е за звучен топ“, рече Вучиќ.
Како што додаде, воопшто не чул од некого што правел во болничката соба посетувајќи ранети и повредени лица од Кочани.
Анкара – Лидерот на најголемата турска опозициска партија Републиканската народна партија (ЦХП), Озгур Озел денеска изјави дека владеењето на правото, правдата и демократијата доведоа до успешен мировен процес со Курдската работничка партија (ПКК).
- Решението за сите проблеми во нашата земја, вклучително и курдското прашање е во владеење на правото, правдата и демократијата. Овој процес треба да се управува не со скриени мотиви и изборни планови, туку со сеопфатен пристап што не исклучува ниту еден политички став, партија или општествен сегмент, објави Озел на платформата Икс.
Тој наведе дека ЦХП очекува процесот за распуштање на ПКК и прекин на вооружената борба да биде финализиран во сите негови фази и тероризмот да заврши засекогаш.
Прага - Чешкиот претседател Петр Павел ги закажа изборите за Долниот дом на Парламентот на 3 и 4 октомври, пренесоа агенциите, повикувајќи се на соопштение од претседателството во Прага.
Долниот дом има четиригодишен мандат и го одобрува премиерот и неговиот кабинет, формиран по изборите.
Женева - Протерувањето на мигрантите од САД предизвикува сериозна загриженост, изјави високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк. Тој конкретно се осврна на испраќањето на Венецуелци од САД во затвор со максимална безбедност во Ел Салвадор.
Според Турк, загриженоста е дека основните права може да бидат прегазени, како што се правото на заштита од произволно притворање и тортура или правото на еднаквост пред законот.
Во март, американскиот претседател Доналд Трамп се повика на закон од 1798 година во врска со странските непријатели, кој досега се користеше исклучиво во време на војна за притворање на Венецуелци осомничени за членство во криминални банди и нивно протерување без судење во Ел Салвадор, откако таа земја се согласи да ги прифати. Повеќето од овие протерани беа испратени во затвор со максимална безбедност. Ел Салвадор доби шест милиони долари од САД во замена за согласност за прифаќање на затвореници.
Берлин - Германската економија годинава ќе опадне за 0,2 проценти, оставајќи ја земјата и натаму во рецесија, покажуваат најновите прогнози на Германскиот економски институт (IW).
Германија е силно погодена од трговскиот конфликт предизвикан од царините на американската влада, објасни германскиот институт.
Глобалната неизвесност ги обесхрабрува компаниите да инвестираат и тоа придонесува за падот, а со тоа паѓаат и големите купувања, како што се оние на нови машини и возила.
Високите оперативни трошоци во Германија дополнително ја комплицираат ситуацијата.
Институтот заклучува дека Германија, со бруто-домашен производ (БДП) што се намали за 0,2 проценти во 2024 година, и годинава ќе остане во рецесија.
Париз - Францускиот претседател Емануел Макрон и првата дама Брижит ќе престојуваат во официјална посета на Велика Британија од 8 до 10 јули, соопшти денеска Елисејската палата.
Посетата е на покана на британскиот крал Чарлс Трети и неговата сопруга, кралицата Камила. Кралската двојка беше во официјална посета на Франција пред две години.
За време на посетата, Макрон и британскиот премиер Кир Стармер ќе претседаваат со 37-от француско-британски самит, на кој ќе учествуваат и министри од двете земји.
Копенхаген – Европа мора драстично да ги зголеми своите трошоци за одбрана, изјави денеска поранешниот генерален секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен.
Воените трошоци треба да се зголемат на четири или повеќе проценти од бруто домашниот производ (БДП), рече тој на почетокот на самитот за демократија во Копенхаген.
Европските земји членки на НАТО трошат значително помалку за одбрана, што американскиот претседател Доналд Трамп постојано го критикува, пренесе ДПА.
Дводневниот самит, чиј организатор е и Расмусен, се одржува по осми пат во главниот град на Данска.
Москва - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека Москва не ги прифаќа, како што изјави, пристрасните заклучоци на Советот на Меѓународната организација за цивилно воздухопловство ИКАО (ICAO) дека Русија е одговорна за соборувањето на авионот на малезиската авиокомпанија „Малезија ерлајнс“ во 2014 година.
-Нашиот став е добро познат. Знаете дека Русија не беше земја што учествуваше во истрагата за овој инцидент. Затоа, не прифаќаме никакви пристрасни заклучоци, изјави Песков за руските медиуми.
Русија отсекогаш негираше каква било вмешаност во соборувањето на авионот, тврдејќи дека ракетата што го соборила авионот била лансирана од територија контролирана од Киев.
Малезискиот „Боинг МХ17“, што леташе од Амстердам до Куала Лумпур, беше урнат на 17 јули 2014 година во близина на Донецк.
Во авионот имало 298 лица и сите загинаа.
Газа - Нивоата на неухранетост во Газа се зголемуваат, а гладот би можел да има трајни последици врз „цела генерација“, изјави денеска претставникот на Светската здравствена организација (СЗО) за окупираните палестински територии, Рик Пеперкорн.
Тој додаде дека видел деца во болници кои изгледале неразвиени за нивната возраст.
-Без доволно хранлива храна, чиста вода и пристап до здравствена заштита, цела една генерација ќе биде трајно погодена, рече Пеперкорн на прес-конференција преку видео врска од Деир ал-Балах, предупредувајќи на опасните здравствени услови во кои живеат Палестинците во Газа.
Пекинг - Кина денеска ги повика САД да престанат да ја обвинуваат за кризата со фентанил и ги осуди „неоправданите царини“ што ги наметна Вашингтон поради билатералниот спор.
Коментарите на Пекинг дојдоа еден ден откако двете светски сили објавија договор за драстично намалување на казнените царини што ги наметнуваат едни на други веќе 90 дена.
Дополнителните царини што ги наметнаа САД за кинески стоки, покрај оние што веќе се во сила, достигнаа 145 проценти и ќе бидат намалени на 30 проценти.
Останатите 30 проценти вклучуваат 20 проценти што ги наметна американскиот претседател Доналд Трамп за да изврши притисок врз Пекинг да се справи со трговијата со фентанил. Моќниот синтетички опиоид убива десетици илјади Американци секоја година.
Трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, вчера изјави дека Вашингтон и Пекинг ќе работат „конструктивно“ по прашањето на фентанилот, за кој некои од хемиските прекурсори се произведуваат во Кина.