• сабота, 23 ноември 2024
МИА Радио флеш

31 октомври 2024 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски учествува на Министерската конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на претседателот Зеленски од Украина, која се одржува во Монтреал, Канада. Конференцијата е организирана во ко-партнерство од министерствата за надворешни работи на Канада, Норвешка и Украина. Фокусот е ставен на третманот на политичките и воените заробеници, незаконски притворените цивили и присилно депортираните деца, информираат денеска од Министеството.

Во рамките на обраќањето на пленарната сесија која се одржала при отворањето на конференцијата, министерот Муцунски истакнал дека суштината на конференцијата допира не само до рамката на меѓународното хуманитарно право, туку и до суштината на, како што рекол, нашата заедничка човечност.

-Ние силно ја осудуваме агресивната војна на Русија против Украина, која досега предизвика непоправливи загуби на човечки животи и разурнување. Целосната инвазија на Украина од страна на Русија претставува напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и флагрантно прекршување на основните начела на меѓународното право и, пред сè, вредностите на човештвото, истакнал Муцунски во своето обраќање.

Скопје - Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за економски криминал и корупција во координација со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Сектор за криминалистички истраги, Единица за финансиски криминал до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 став 4 во врска со став 1 од КЗ против Б.К.С. од Битола, како поранешен министер во Министерството за култура.

Како што соопшти денеска МВР, пријавената Б.К.С., во својство на службено лице – избран министер во Владата на РСМ за Министерството за култура, на 19.02.2024 ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност.

Скопје - Министерството за образование и наука информира дека е изготвен нов предлог Закон за учебници во основното и средното образование и дека е  поставен на владиниот ЕНЕР-систем (Електронски национален регистер на прописи). Со неговото донесување ќе биде заменет актуелниот закон од 2008 година. 

-Сите заинтересирани граѓани може да дадат свој придонес во усвојувањето на најдобрата верзија што ќе биде проследена во собраниска процедура. Во предлог-законот се интегрирани сугестиите на издавачките куќи во Македонија со чии претставници раководството на МОН и на Педагошката служба имаа конструктивна работна средба, соопшти МОН. 

Скопје - Новиот Единствен регистар на сметки којшто се очекува да биде воспоставен согласно одредбите од Законот за платежни услуги и платни системи бил во фокусот на разговор на средбата на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова.

Регистарот ќе содржи податоци и информации за платежни сметки, депозити и сефови, до кои достапност ќе имаат релевантните државни институции во земјата, вклучувајќи ги Народната банка и Управата за јавни приходи.

Белград - САД воведоа санкции за речиси 400 нови поединци и компании од десетици земји поради воена поддршка на Русија, вклучително и за две компании од Србија и од Црна Гора, јави дописникот на МИА од Белград.

Во соопштението од Секретаријатот за финансии, српската компанија Вентраде ДОО од Суботица извезла радија од воена класа во руската компанија Промсвјазрадио, која произведува опрема за радио емитување и увезува високоприоритетна технологија за двојна употреба во Русија, јавува Гласот на Америка.

Компанијата од Србија Вентраде ДОО е означена за санкции врз основа на извршната наредба на американската влада, бидејќи на руската компанија „Промсвјазрадио“ и давала финансиска, материјална и технолошка поддршка или и испраќала стоки и услуги.

Подгорица - Европската комисија (ЕК) во најновиот извештај нагласува забрзување на европската интеграција на Црна Гора од почетокот на работата на 44-та влада, истакнувајќи ја политичката и надворешнополитичката стабилност на земјата, изјави главниот преговарач на Црна Гора со ЕУ, Предраг Зеновиќ за порталот РТЦГ.

Тој го оцени извештајот како најпозитивен и најеохрабрувачки досега, но и како јасна порака за сложеноста на натамошниот европски пат на Црна Гора.

- Извештајот нагласува забрзување на европската интеграција од почетокот на работата на 44-та влада, истакнувајќи ја политичката и надворешнополитичката стабилност на Црна Гора. Оваа година се карактеризира со успеси во реформите за владеењето на правото, одржување на меѓувладини конференции, завршување на реформската агенда и добивање позитивен оценка за исполнување на обврските за влез во ЕУ, рече Зеновиќ.

Анкара - Суд во Турција нареди притвор за градоначалникот на Есенјурт, Ахмет Озер, член на опозициската Републиканска народна партија (CHP), под обвинение дека е поврзан со Курдската работничка партија (ПКК), која е прогласена за терористичка организација во Турција, ЕУ и САД.

Озер ги негираше обвинувањата, а неговата партија најави дека ќе го брани од, како што велат, „неосновани обвинувања“. Лидерот на CHP, Озгур Озел, изјави дека апсењето се темели на „апстрактни обвинувања“ и е обид за „нарушување на народната волја“.

-Без сомнение, ќе го победиме овој злобен план кој не ја почитува народната волја, изјави Озел на социјалните мрежи, повикувајќи ги граѓаните на протест пред општинската зграда на Есенјурт.

Брисел – Канцеларијата на Европското јавно обвинителство во соработка со белгиската полиција ги разгледува наводите за измама и корупција, вклучително и за злоупотреба на фондовите на ЕУ, од страна на лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Манфред Вебер во текот на кампањата за изборите за Европскиот парламент во 2019 година. 

Според белгиската полиција, нејзини припадници сослушале три лица, меѓу кои и двајца високо позиционирани членови на изборниот штаб на Вебер, во врска со нивните обврски и активности за време на кампањата за евроизборите во 2019 година. 

Истрагата е фокусирана на тоа дали трите лица противзаконски примале донации од ЕПП и од нејзината Пратеничка група во Европскиот парламент.  

Брисел - Европската комисија ќе отвори формална постапка против кинеската платформа за онлајн-продажба Тему со цел да испита дали ги крши правилата за спречување на продажба на нелегални производи, пренесува „Блумберг“ повикувајќи се на анонимни извори. Истрагата, исто така, ќе утврди дали Тему го прекршил европскиот Закон за дигитални услуги (DSA), додава њујоршката агенција.

По формалната истрага на ЕУ, Тему има право да предложи контрамерки за решавање на загриженоста на Европската комисија и да избегне потенцијални високи казни.

Истражната постапка следуваше откако ЕУ на 11 октомври побара од Тему да објави какви мерки презема за да спречи продажба на фалсификувани или небезбедни производи на платформата.

Киев - Украинската влада идентификуваше тројца севернокорејски генерали – Ким Јонг Бок, Ри Чанг Хо и Син Кум Чеол, за кои Киев тврди дека се наоѓаат во Русија со илјадници севернокорејски војници.

Во изјава пред Советот за безбедност на ОН, украинската делегација соопшти дека тројцата генерали се дел од најмалку 500 севернокорејски офицери испратени во Русија.

Според информациите, планот е севернокорејските трупи да бидат распоредени во најмалку пет формации од по 2.000 до 3.000 војници и да бидат интегрирани во руските единици за да се прикрие нивното присуство во борбите, се наведува во соопштението.

Тбилилси – Повторното пребројување на гласовите на околу 12 проценти од изборните места од спорните парламентарни избори во Грузија ја потврди победата на владејачката партија Грузиски сон, соопшти денеска Изборната комисија.

Повторното броење на гласовите од околу 12 отсто од гласачките места и на приближно 14 проценти од гласачките ливчиња не доведе до значителна промена на претходно објавените официјални резултати, се наведува во соопштението на грузиската Изборна комисија.

Грузиски сон е на власт во кавкаската, поранешна советска република од 2012 година. Опозицијата не ги признава официјалните изборните резултати, според кои владејачката партија 54,8 отсто. 

Њујорк-  Со оглед на тоа што изборите во САД се за само неколку дена, функционерите во најконкурентните држави се подготвуваат за дезинформации, теории на заговор, закани и можно насилство, јавија американските медиуми.

Во Филаделфија, Детроит и Атланта, три од омилените цели на поранешниот претседател Доналд Трамп за лажни тврдења за измама на гласачите, официјалните лица ги зајакнаа своите операции против повторувањето на хаосот од 2020 година. 
Местото каде ќе се бројат гласачките ливчиња во Филаделфија сега е опкружено со ограда со бодликава жица . 
Во Детроит и Атланта, некои изборни канцеларии се заштитени со стакло отпорно на куршуми.

Пјонгјанг - Северна Кореја соопшти дека денеска тестирала интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ), „најмоќното стратешко оружје во светот“, додека Сеул предупреди дека Пјонгјанг може да добие ракетна технологија од Русија за помошта во војната во Украина.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун присуствуваше на лансирањето на ракетата и рече дека тестот е предупредување за непријателите кои ја загрозуваат безбедноста на земјата, јави државната агенција КЦНА.

-Пробното лансирање е соодветна воена акција која целосно ја исполнува целта за информирање на ривалите, кои неодамна намерно ја ескалираа регионалната ситуација и претставуваат закана за безбедноста на нашата земја, за нашата подготвеност да дејствуваме, рече Ким, цитиран од КЦНА.

Отава - Канадската агенција за кибер безбедност, која е одговорна за спречување странци да се инфилтрираат во компјутерските мрежи во Канада, за првпат во извештај ја дефинира Индија како „кибер закана“, пренесува Анадолија.

Извештајот за Национална проценка на кибер закани (NCTA) се однесува на „кибер заканите“ со кои се соочуваат институциите и граѓаните во Канада.

Во извештајот се наведува дека Индија спроведува кибер активности за да ги шпионира канадските владини мрежи.

Њујорк - Нов извештај на Обединетите нации открива дека светот ќе се загрее за двојно повеќе од целта од 1,5 степени Целзиусови утврдена со Парискиот договор, доколку земјите не успеат да ги намалат емисиите на стакленички гасови.

Глобалните температури ќе се зголемат за 3,1 степен Целзиусов над прединдустриските нивоа до 2100 година ако не се постават поамбициозни климатски цели и ако луѓето не ги променат своите навики, предупредува новиот извештај на Обединетите нации. Вакво ниво на затоплување е двојно повеќе од целта од 1,5 степени утврдена со Парискиот договор од 2015 година — правно обврзувачки договор за климатски промени, потпишан од 196 држави, што би го довело светот до климатска катастрофа.

 

Остани поврзан