• петок, 27 септември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

   26 септември 2024

 

 

Гевгелија - Општина Гевгелија го објави Конкурсот за доделување на општинската награда „Седми ноември“ која се доделува на секои пет години на физички и правни лица.

Наградата се доделува како знак на признание на локалната самоуправа за остварувања во стопанството, науката, публицистиката, уметноста, културата, воспитувањето и образованието, здравствената заштита, социјалната заштита, спортот и физичката култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот, творештвото, што претставува посебен придонес за развојот на Општината и за нејзиниот севкупен напредок и афирмација во државата и надвор од неа.

Наградата за значајни остварувања се доделува на физички и правни лица - државјани на Република Северна Македонија, жители на Општина Гевгелија, односно со седиште во општина Гевгелија доколку се работи за правни субјекти. По исклучок, заради посебен придонес кон напредокот и афирмацијата на општина Гевгелија, се доделува и на физички и правни лица надвор од општината.

Наградата се доделува за остварувања во изминатиот период помеѓу две јубилејни одбележувања на општинскиот празник, како и за подолг изминат период (за животно дело) кој претставува заокружена творечка или континуирана работна целина.

Конкурсот трае заклучно со 12 идниот месец, а формулар за конкурирање за наградата може да се подигне во Општината или на веб-страницата на Општина Гевгелија (www.gevgelija.gov.mk).

Предлозите се поднесуваат по пошта или во Архивата во Општината, во два примерока, до Комисијата за утврдување предлози за доделување на Општинската награда „Седми ноември“.

Битола - Центарот за локални иницијативи почна со имплементација на како што велат, амбициозен проект „Млади социјални претприемачи: Партнери во растот на креативните индустрии", е финансиран од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.

Станува збор за проект чија цел не да ги инспирира младите луѓе  и да ги поттикне да размислуваат подлабоко за можностите кои ги нуди социјалното претприемништво во рамки на креативните индустрии.

-Главната цел на проектот е да се испита и оцени нивото на свесност и разбирање за социјалното претприемништво меѓу младата генерација, особено во полето на креативните индустрии. Преку истражување и анализирање на мислењата на средношколците, проектот ќе добие увид во тоа колку младите се запознаени со овој концепт и како можат да ги применат своите креативни способности за социјално добро. Проектот ги вклучува и активностите кои ќе им помогнат на учениците да го разберат значењето на социјалното претприемништво како остварлива патека за личен и професионален развој, информираа од ЦЛИ-Битола.

Во рамките на проектот е спроведено истражување кое ќе го опфати мислењето и перцепцијата на средношколците за улогата на креативните индустрии во развојот на општеството.

-Проектот ќе ги поттикне младите да размислуваат креативно и иновативно, да разберат како нивната креативност може да биде алатка за позитивна промена во општеството, и како можат да го искористат социјалното претприемништво за да создадат одржливи решенија за предизвиците со кои се соочува заедницата, информираа од Центар за локални иницијативи-Битола.

Според прелиминарните резултати од истражувањето, голем дел од младите во Битола имаат основно познавање за социјалното претприемништво и креативните индустрии, а поголем дел од учениците сметаат дека е важно да се воведат часови и активности кои ќе ги опфатат овие области, со цел да се развијат нови вештини, корисни во иднина.

Скопје - Општина Аеродром деновиве го почнува спроведувањето на есенската дератизација за уништување на глодачите на целата нејзината територија, информираат од Општината.

При дератизацијата ќе бидат опфатени 3.000 шахти, со 9.000 мамци, а ќе бидат вклучени сите основни училишта и градинки во општината.

Есенската и пролетната дератизација, велат од Општина Аеродром, претставуваат мерка за заштита на населението од појава и ширење болести што ги пренесуваат глодачите.

Скопје - Регионалниот центар за управување со кризи информира дека од ЕВН Македонија АД добиле известување дека  денеска без електрична енергија ќе биде дел од општина Сарај.

Како што велат од РЦУК, во периодот од 08.30 до 13.00 часот, прекин во снабдувањето со електрична енергија ќе имаат дел од корисниците од село Кондово во општина Сарај.

Скопје - Поради изведување водоводен приклучок - 80 мм  на улица „Коле Неделковски“ 15а, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците „Антоние Грубишиќ“, „Пиринска“, „Наум Наумовски Борче“ и од „Ленинова“.

Како што информираат од ЈП „Водовод и канализација“ водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со работните активности.

Остани поврзан