• понеделник, 23 јуни 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  14  мај 2025

 

 

Струга - Природо-научниот музеј „Доктор Никола Незлобински“ во рамките на годишната програма работи на истражување и колекционирање инсекти и пеперутки со цел збогатување на збирката, која датира од неговото основање, информира директорката Цветлана Василевска.

Музејската збирка, посочи, е создадена од основачот на Музејот, познатиот руски лекар Никола Незлобински, кој препарирал голем број инсекти и пеперутки, изложени во ентомолошки кутии.

- Со текот на годините, некои од тие кутии се оштетиле, па се јавува потреба од истражување и собирање инсекти и пеперутки, за надополнување, замена и збогатување на оваа збирка. Преку овој проект за истражување и колекционирање инсекти и пеперутки од охридско - струшкиот регион предвидено е да се надополнат и збогатат колекциите со примероци, кои недостасуваат во нашиот музеј, истакна Василевска за МИА.Теренските активности, појасни, се во тек на неколку локалитети на планината Јабланица, Караорман, Галичица, Подгоречко и Лабунишко Езеро и брегот на Охридското Езеро. Собраните примероци ќе бидат препарирани, детерминирани (стручно обработени) и изложени во посебни ентомолошки кутии во музејската поставка. Истовремено, нагласи директорката, ќе се работи и на уредување и одржување на старите ентомолошките кутии со инсекти, кои се многу значајни за музејот, па треба соодветно да се заштитат за да се зачуваат.

Кавадарци - Во првиот квартал од 2025 година, во Општата болница со проширена дејност во Кавадарци се родени 25 проценти повеќе новороденчиња во споредба со истиот период од 2024 година, информираа од болницата.

- Ова се убави вести од оваа јавна здравствена установа. Оваа статистика не е само бројка, таа претставува живот, иднина и надеж. Радосни сме што сѐ повеќе семејства го започнуваат својот најважен животен момент токму во нашата установа, каде што стручноста и грижата за пациентите се на прво место. Гордост е да се биде дел од овој позитивен тренд, а ние продолжуваме со посветеност и љубов да се грижиме за секој нов живот што започнува овде, во Кавадарци, соопштуваат од Општата болница Кавадарци.

Скопје - Без струја утрово од 9 до 12 часот ќе останат корисници од ул. „Иван Аговски“ зграда бр.10 влез1 во општина Карпош, а од 9 до 15 часот  улиците  „Јабланица“ и „Саса“ во населба Пинтија, општина Кисела Вода. 

Прекинот е поради  технички зафати во електродистрибутивната мрежа, информира ЕВН Македонија.

Скопје – Во Општина Ѓорче Петров денеска почнува пролетната акција за бесплатно собирање кабаст отпад што ќе трае до 21 мај. Акцијата, како што велат од локалната самоуправа, е наменета за сите жители на општината, со цел да се подобри хигиената во населените места и да се отстранат старите, нефункционални и габаритни предмети од дворовите и улиците.

-Станува збор за организирана и бесплатна услуга, наменета за одложување на габаритни предмети како стар мебел, електроуреди и друг отпад кој не припаѓа во редовните контејнери. Поставени се вкупно пет фиксни контејнери во Хром Пољана, кај Кочо Рацин во населбата Македонска Војска, кај месната заедница во Даме Груев, во Александрија, кај стара „петка“ – Мирче Ацев и последна станица 5-ка во населбата Дексион, каде ќе биде присутен и камион со капацитет од 18 кубни метри, информираат од општината.

Покрај на фиксните локации, во текот на целата акција специјално ангажирани камиони ќе кружат на секој еден час низ повеќе точки во урбаниот и руралниот дел на општината, и тоа наспроти влезот на Санте Плус, на улиците „Алексо Демниевски“ (бр. 27 и трансформаторот на бр. 1), „Христо Батанџиев“ (наспроти детското игралиште), до кејот на Вардар (на крајот од ул. Кичевска и Рафаел Батино), паркингот кај КАМ – Даме Груев и игралиштето на поранешната „22-ка“ во Даме Груев.

Во руралниот дел специјално ангажирани камиони ќе кружат на секој еден час низ Ново Село (кај трансформаторот по месната заедница), во Стопански двор (пред продавницата Блага Вода), во Кисела Јабука (крстосница на ул. 84 и ул. 46), во Волково (кај кружниот тек и кај Дан Дар) и во Кучково, Орман и Никиштани (сред село).

-Локациите се прецизно утврдени, а целта е секој жител да има брз и лесен пристап до услугата, велат од Општината и апелираат до граѓаните да ја искористат оваа можност, но и да бидат совесни – кабастиот отпад да се остава исклучиво на означените места и во предвидениот период, за да се спречи нерегуларното депонирање и загадување на јавните површини.

Скопје - Без вода денеска од 10:35 часот се дел од корисниците од улиците „Иван Манолев“ и „Алпи“ во општина Бутел.

Како што информира ЈП „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на огрлица (затворач) од ф-80 милиметри на улица „Иван Манолев“ број 197 во населба Бутел 1.

Жителите ќе бидат без вода се до санирање на дефектот.

Остани поврзан