• вторник, 24 септември 2024
МИА Општински пул

23 септември 2024

Битола - Светски познатите кинематографери Данте Спиноти, Џон Сил и Кристијан Бергер, во рамки на ИФФК „Браќа Манаки“, приредија мастер чет, поддржан од ИМАГО.

За учесниците на фестивалот, студенти од државата и странство, Спиноти, Бергер и Сил говореа за кариерниот развој и состојбите во светската кинематографија.

-Филмот мора да ти е снимен во глава уште пред да биде вистински снимен. Мора да знаеш во умот дека секоја сцена ќе биде покриена и добра, истакна гостинот од Австралија, Џон Сил, воедно и годинешен претседател на стручното жири.

Според италијанскиот кинематографер Данте Спиноти пред да се почне да се правиш филм мора да се имаат многу предзнаења за тоа, како да се направи филмот. Ние од нашата генерација, рече Спиноти, поминавме низ интересен дел од филмската индустрија кога и немаше толку развиена технологија како денеска.

Пред стручниот аудиториум во Битола, австрискиот кинематографер Кристијан Бергер, истакна дека атмосферата во сцената зависи од осветлувањето и дека светлото е многу важно за филмот.

-Пред снимање лесно е да се каже дека се сфаќа сè. Но во текот на снимањето сè е различно. Некои веруваат повеќе во текстот, други во она што го гледаат. Јас го преферирам второто, нагласи Бергер.

Серијалот работилници, мастер класови и мастер чет на ИФФК „Браќа Манаки“ продолжува и утре во Битола

Куманово - Педесетина пчелари Словенија, разменија искуства со кумановските пчелари за успешно пчеларство, информираа денеска надлежните од пчлерското здружение „Пчела“ од Куманово. Пчеларите од двете држави посетија пчеларник на семејството Стошевски, лоциран во село Драгоманце, општина Старо Нагоричане. Тие разговарале на повеќе теми за одгледувањето, справувањето со последици од климатските промени, пласман и едукацијата на населението од користа од консумација на мед и пчелни производи.

-Посетата на словенечките производители беше планирана три месеци однапред и се спроведува на нивна иницијатива. Присуствуваа педесетина гости од Словенија заедно со нивниот претседателот, кој инаку е претседател на европскиот сојуз на пчелари. Имавме средба и со претставници на повеќе здруженија од повеќе градови. Разменивме искуства како до успешно пчеларење и други теми, изјави претседателот на здружението „Пчела“, Бобан Стошевски.

Пчеларите размениле искуства за стопанисување во областа на органското пчеларство, едукација за маркетинг и продажба на мед, особено на локалниот пазар. Словенечките и кумановските пчелари инсистираат да се консумира мед од локално поднебје. Словенечките производители веќе имаат резултати кои ги споделија со македонските пчелари.

- Понапредни се во однос на едукацијата на населението кое треба да го јаде медот како храна, не како лек. Таму веќе има забележотелни резултати кои сакаме и ние да ги постигнеле. Нивна цел е да не се извезува медот од нивната држава, кажа Стошевски.

Штип - Со поставување на павер елементи ќе се поврзат улиците „Крушевска Република“ и „Јајце“ во штипската населба Баби, најави на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов. Посочи дека станува збор за проект од Програмата за уредување градежно земјиште на општината за што се издвоени половина милиони денари. По барање на жителите од овој дел на градот се преземени активности за уредување на овој потег.

- Овде се започнати активности за поврзување на улицата „Крушевска Република“ со улица „Јајце“, еден потег кој во минатото е доста користен од граѓани, пешаци, но никогаш до сега не бил уреден. Со програмата за уредување на градежно земјиште испланиравме повеќе од половина милион денари се издвоени од Буџетот на општината за да се уреди овој потег, кој ќе се уреди со павер елементи и ќе користи за пешаците, изјави Јорданов.

 Активностите на терен продолжуваат и во наредниот период. Јорданов истакна дека во населбата Баби ќе се работи и  на уредување на тротоарските површини и подобрување на условите за живот на граѓаните во овој дел од градот.

Штипскиот градоначалник, Јорданов најави дека освен во населбата Баби, во текот на овој период на терен  ќе се работи во сите населени места во Штип. 

Делчево - Во рамки на проектот „Направи Разлика“ чија имплементација со локални активности се спроведува и во Општина Делчево, во наредниот период ќе се реализира активноста „Опремување и осветлување на Градскиот парк во Делчево“, информираше денеска градоначалникот на Делчево, Горан Трајковски. 

Иницијативата за ваква активност, како што додаде тој, произлезе од членовите на Младинска Банка Делчево кои се поддржани од Колеџот на заедницата Делчево. 

- Активноста опфаќа набавка и монтажи на урбана опрема односно клупи. Предвидена е замена на постојните клупи во градскиот парк во Делчево но и поставувaње на нови клупи на неколку локации во градот. Во првата фаза од проектот преку набавка спровеена од општина Делчево набавени се 10 стандардни клупи и 8 клупи со должина д 31 метар наменети за паркот кај паднатите борци и фонтаната „Бесконечност“ во Делчево, истакна Трајковски.

Втората фаза ќе биде реализирана со набавка на дополнителен број на клупи од страна на Здружението Регионален центар за застапување како носител на проектот кој ќе набави уште 48 клупи.

Куманово - Едукативни работилници и изложби се дел од настаните што ги организира националната установа Музеј Куманово во рамки на одбележувањето на Европските денови на културното наследство, соопштија денеска надлежните.

Во дворот на НУ Музеј основци учествуваа на едукативна работилница која ја организираа вработените од установата. Секој работен ден, ученици, основци, средношколци, граѓани од сите генерации ќе можат да присуствуваат на настани кои ги организира установата во рамки на одбележување на европските денови на културно наследство.

- Од 23 до 29 септември годинава се одбележуваат европските денови на културно наследство. Станува збор за партиципативен настан којшто опфаќа различни културни настани во европските земји потписнички на европската конвенција за култура. Според информациите кои ги добивме, годинава на европско ниво има 70.000 настани од културен карактер и со ваквите настани се свртува вниманието на јавноста кон културата, кон културното наследство и неговата заштита, изјави директорката на НУ Музеј Куманово, Марија Миљуш Божурска.

Учениците од основните училишта ќе учествуваат на настаните „Археолог на еден ден“, едукативен квиз „Археосфера“ се настаните со кои преку работилници и едукативни игри се запознаваат со историјата и наследството.

Во вторник во државното средно училиште „Киро Бурназ“ ќе се одржи промоција на три етнолошки филмови „Мека душа за тврдо железо“, „Таму негде горе во планината“ и „Голубарот“. Во среда се одржува работилницата „Детски игри од минатото“. Во четврток по седми пат се организира настанот „Сподели богатство“. Средношколци од Куманово заедно со стручните лица од кумановскиот музеј ќе го посетат локалитетот „Тумба Маџари“.

- Како целна група се децата, учениците генерално за да научат какво е значењето на нашето културно наследство. Важно е да се всади љубовта кон културното наследство од најрана возраст, изјави Миљуш Божурска.

Кочани – Комплетно нов сообраќаен пристап и паркинг простор ќе добие детската градинката „Бисерчиња“ во Зрновци. Градежните работи се во тек, изведувач е компанијата „Ленди груп“, а носител на активностите е Локалната самоуправа на Зрновци.

Инвестицијата е дел од проектот за подобрување на сообраќајната инфраструктура со кој е почната изградбата на нов локален пат од 2,5 километри од Зрновци до селото Мородвис, а за што од Министерството за транспорт и врски беа обезбедени околу 30 милиони денари.

-Се работи на реконструкција на пристапната улица до градинката, при што се гради и тротоарска површина во должина од 150 метри и паркинг простор за дваесетина возила, што ќе биде наменет за родителите кои ги носат своите дечиња. Со оваа инвестиција сакаме да ја подобриме безбедноста на пешаците и на останатите учесници во сообраќајот, да го доуредиме просторот и естетскиот изглед околу детската установа, истакна Борчо Коцев, градоначалник на Општина Зрновци.

Во инвестицијата за подобрување на сообраќајната инфраструктура во Зрновци е вклучена и изградбата на улицата „Филе Ристов“, како и спој на улицата „Никола Карев“ со нова сервисна улица. Според договорот, градежните работи треба да с екомплетираат до крајот на октомври.

Скопје -  Со спектакуларен концерт заврши одбележувањето на „Денови на Општина Ѓорче Петров“.

Преубава атмосфера на завршувањето на Денови на Општина Ѓорче Петров во реонскиот парк на вчерашните настани кои траеја до доцните вечерни часови. Позитивна енергија, одлична музика и насмеани лица го собраа сиот позитивен импулс од настапите на Даниел Дан, Мијата, Куку Леле и Паркети. Сите изведувачи, од Даниел Дан и Мијата до Куку Леле и Паркети, ја креираа незаборавната атмосфера, исполнета со енергични настапи и хитови кои ги разиграа присутните, претворајќи го концертот во спектакл што долго ќе се памети.

На овој вечерен концерт му претходеа неколку дневни настани кои започнаа со детскиот фестивал „Поточиња“, „Баскерфест“ и караванот „Македонијо во срце те носиме“. На радост на најмалите, Детскиот фестивал „Поточиња“ на отворената сцена собра најмногу симпатии и љубопитни погледи кај дечињата кои во еден глас како химна ги пееја сите фестивалски хитови. Познатиот уличен фестивал „Баскерфест“ го раздвижи платото пред корзото и го преполни реонскиот парк. Жонглери, кловнови и многу други интересни содржини приредија вистинско шоу за сите генерации.

Крива Паланка - Со предавање за младите за примена на различни видови алтернативен транспорт и викенд-планинарска тура низ Осоговските планини Европската куќа Крива Паланка ја одбележа Европската недела на мобилност.

- Реализираме активности со и за младите за одбележување на сите значајни датуми кои можат да им ја подигнат свеста и да придонесат за позитивни промени во различни области. По повод Европската недела на мобилност денес младите се запознаа со бенефитите од пешачње, возење велосипед или електричен мопед, наместо користење автомобили, што од една страна е далеку поекономично, од друга страна, не влијае на животната средина, а дополнителни бенефити и здравствени придобивки, пак, имаат и самите млади, велат од Европската куќа Крива Паланка.

На настанот беше посочена потребата од редуцирање на транспортните средства, за поголема безбедност на патиштата, помалку бучава, помало загадување на воздухот и подобар квалитет на живот. 

- За да се поттикнат луѓето почесто да пешачат и да возат велосипед, треба да има повеќе висококвалитетна посветена инфраструктура и сообраќајни правила на кои им се приоритет пешаците и велосипедистите. Јавните власти имаат алатки за спроведување на промени во политиките и инфраструктурата кои поддржуваат трајно преминување кон одржлива мобилност. Но мора да истакнеме,  градовите во кои живееме се обликувани од индивидуалните избори што ги правиме, затоа треба да работиме заедно за да го подобриме заедничкиот јавен простор, посочуваат од Европската куќа Крива Паланка.

Остани поврзан