• петок, 26 април 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

31 мај 2023

Прилеп - Во прилепското средно училиште „Ѓорче Петров“ денеска за завршените основци се одржа Отворен ден на училиштето. Учениците се запознаа со петте струки што се изучуваат: медицинската, козметичката, геолошко-рударската, текстилната и дрвно-преработувачката и можностите што ги имаат за идната професија.

За новата учебна година треба да се запишат 322 ученици во 10 паралелки. Останува најголем интересот за медицинските струки.

-Најголем е интересот за медицинските струки. Така е и оваа година. Воопшто, основците се заинтересирани да се запознаат со нашата програма. Сите струки се конкурентни на пазарот на трудот, а ние сме тука да ги објасниме предностите. Имаме и дуални паралелки, имаме учење преку работа кај работодавач што е исто така предност. Учениците имаат можност да ги усовршат своите знаења и вештини и да се стекнат со сето тоа што им е потребно, за по завршувањето да може да се вработат или да си отворат свој бизнис, изјави в.д директорката Жанета Видевска.

Штип - Шеест и девет проценти од средношколците во прва година се запишани во средните стручни училишта, истакна директорот на Центарот за стручно образование обука Шериф Мифтари на денешната регионална средба на средните стручни училишта, која се одржа во СОУ „Коле Нехтенин“-Штип.

-Во  учебната 2021-2022 година имаше само 64 отсто, а сега 2022-2023 имаме 69 отсто од учениците кои се запишани во средни училишта, што значи еден голем број и бројот на ученици расте од година во година. Тоа е благодарение на фирмите, на кампањата од МОН, Стопанските комори и сите образовни институции, вели Мифтари.

Учење едни од други и споделување на успешни приказни беше целта на денешната регионална средба, чиј домаќин беше СОУ „Коле Нехтенин“ во Штип.

Директорката на СОУ „Коле Нехтенин“ Јованка Шалева вели дека со практичната настава се опфатени ученици од трета и четврта година, кои во текот на учебната година еден ден одеа на практична настава во одредена компанија, каде теоретски наученото го применувале практично. Посочува дека резултатите допрва ќе се видат, а учениците со работа ќе продолжат и во летниот период.

Струмица - Струмица е единствена општина во државата која има функционален Совет за превенција, којшто ги решава проблемите и е во функција на граѓаните.

Ова го истакна градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов, кој за функционирањето на Локалниот совет за превенција зборуваше пред новиот амбасадор на Мисијата на ОБСЕ во нашата држава, Килиан Вал, партнерите во Советот и градоначалници од Југоисточниот регион.

-Благодарение на функционалниот Локален совет за превенција ги решивме дивите продавачи на земјоделски производи и текстил коишто беа распослани долж булеварите, околу пазарот „Чешел“, а со силна и заедничка одлука на сите партнери во Советот го формиравме и првиот стационар „Лана“ и системски го решаваме проблемот со бездомните кучиња. Продолжуваме со нови предизвици, како што се вандализмот врз урбаната опрема и уличните менувачи на девизи, рече Костадинов.

Според началникот на СВР Струмица, Томе Весев, Локалниот совет за превенција заедно со градоначалникот, полицијата и јавниот обвинител се носители на организацијата на работата.

-Со тој координиран пристап најважно е што тука се среќаваме и преземаме соодветни активности во насока на решавање на проблемите на граѓаните во локалната самоуправа. И од тоа имаме многу придобивки, посебно во однос на заштита на животната средина, нелегалната трговија, сообраќајните површини, воспоставување на сообраќаен режим на општината и решавање на сите други проблеми кои се од интерес на граѓаните, рече Весев.

Струмица - Од утре до 9-ти овој месец во Струмица, во Центарот за култура „Антон Панов“, во Градската уметничка галерија и Црквата „Свети петнаесет Тивериополски свештеномаченици“, ќе се одржува вториот „Струмица класика интернационален фестивал“, на кој освен солистичка и хорска музика, најголемиот дел од програмата е посветен на камерната музика.

Идејниот творец и селектор на фестивалската програма, професорот Васил Атанасов, на денешната прес - конференција ја објави фестивалкската програма, на која ќе има пет концерти.

-Ќе имаме гости од Бугарија, Србија и Словенија, но ќе ги претставиме и врвните македонски уметници кои ја негуваат камерната музика. Струмица е град со традиција и историско културно наследство од сите сфери, град кој ја сака музичката уметност, театарот, филмот, сликарството и културата воопшто и има убава традиција на културни настани. Со овој фестивал сметаме дека ќе го збогатуваме културното живеење на Струмица и регионот, бидејќи градот го заслужува тоа не само заради традицијата која ја има, туку и заради местоположбата на градот со соседите со што ќе стане уметнички центар на Балканот, рече Атанасов.

Фестивал утревечер ќе го отвори Дуо „Селена“ од Бугарија со настапот на Кохар Андонијан и Лилијана Стоева на Келтски харфи, а во во наредните денови ќе настапат камерни музичари од земјава и странство.

Фестивалот е финансиски поддржан од градоначалникот и Советот на Општина Струмица.

Тетово - Со поставување на табли, но и со интернет апликации, граѓаните ќе се информираат за можноста и забраните за движење со моторни возила во секоја од зоните во националниот парк Шар Планина. Таблите се подготвуваат во дирекцијата на установата, а ќе се поставуваат на влезовите во националниот парк.

-На таблите е посочено моторно возило кај има право и кај нема право да се движи. Секако во Национален парк има и зони во кои не е дозволено да се движат моторни возила. Од друга страна навиката на Шар Планина била таква што секој одел кај сакал со моторно возило или пак кај можело да оди моторното возило. Сега тоа нема да биде целосно возможно, ние откако ќе бидат ставени овие табли на сите влезови, ако успееме да ставиме на сите влезови, многу влезови има на Шара, од Јажинце па до Дуф има 90 до 100 влеза, изјави директорот Ибрахим Дехари.

На новинарско прашање дали ќе се регулира движењето на моторцикли со четири тркала, кои сега масовно се користат а имаат и деструктивно дејство врз природната околина, директорот рече дека со нив ќе се постапува исто како со сите моторни возила.

Крива Паланка – Во пресрет на утрешниот Меѓународен ден на детето - 1 јуни, Националната установа Центар за култура Крива Паланка реализира повеќе активности во кои директни учесници се дечињата и младите од предучилишна и училишна возраст: работилница за креации од отпадни материјали, уметност под менторство на академски сликар и детска анимирана серија со „Биби и Боби“.

-Крајот на месецот со повеќе активности го посветуваме на најмладите, на децата. Од минатата недела беше отворена нова група за помлади дечиња во ликовното студио под менторство на академскиот сликар, Роберт Цветковски, кој повеќе од една деценија работи во установата со талентираните деца од градот, во изминатите три дена се реализираше работилницата „Она што за некого е отпад, за некого е парче уметност“ која заврши денес со мини изложба и доделување благодарници. Вечерва, пак, во пресрет на Денот на детето, во киното на НУ Центар за култура ни доаѓаат најомилените детски ликови, а сите дечиња од градот ќе можат да уживаат со авантурите на Биби и Боби со проекцијата на „Пролетни авантури“, изјави директорот на НУЦК Крива Паланка, Дарко Стоилковски.

Истовремено, во центарот за култура во тек е реализацијата на театарската претстава „Во име на слободата“, проект од национален интерес поддржан од Министерство за култура во режија на Енџи Николовска, учесници се членови од детското драмско студио, а во Културно – уметничкото друштво „8 Октомври“ што работи во установата, а младите игроорци од КУД „8 – ми Октомври“ при НУ Центар за култура Крива Паланка усовршуваат нова кореографија под водство на кореографот Јовица Блажевски од НУ Ансамбл „Танец“ – „Моме Митро“.

Струмица - Во паркот пред Домот на АРМ во Струмица денеска се одржаа 33. Републички детски ликовни средби, на кои 70 ученици распоредени во екипи од повеќе градови од државата, заедно со нивните ментори цртаа на отворено на хамер со сув пастел на штафелај на тема цвеќе.

Според организаторот, Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица, покрај цртањето на отворено е поставена и изложба во фоајето на Домот.

-Во галерискиот простор се изложени 200 ликовни творби, кои пристигнаа по распишаниот конкурс, а најуспешните ќе бидат соодветно наградени, исто како и најуспешните од цртањето на отворено, рече директорката на Домот за деца и млади „Благој Мучето“, Светлана Мазгалоска Вучетиќ.

По завршувањето на цртањето на отворено беше отворена изложбата и беа доделени наградите на најдобрите млади ликовни творци од двата настани чии дела ги оценуваше жири комисија.

Охрид – Околу 6.000 британски туристи се очекуваат ова лето во Охрид со воведувањето на двете нови авиолинии на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“ од аеродромите во Лондон и Манчестер што од денеска почна да ги реализира авиокомпанијата ТУИ ервејс Велика Британија.

На официјалната церемонија за пречек на првиот лет од Манчестер, присуствуваа министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт и извршниот директор на ТУИ Ервејс Велика Британија за скијање, езера и планини, Крис Логан.

-Убеден сум дека овие нови дестинации значително ќе придонесат за развој на целиот регион, развој на авиосообраќајот, бидејќи нови авиолинии значат зголемен број на туристи, а тоа е значаен чекор кон обезбедување економски и туристички развој, истакна министерот Бочварски.

Говорејќи за важноста на Охрид како најголем туристички центар во државата, потсети на политиките на Владата за обезбедување негов забрзан развој.

-Ова поврзување на Охрид до аеродромите во Лондон и Манчестер е голем бенефит исто така и за сите наши граѓани, бидејќи тие аеродроми овозможуваат значајни врски кон остатокот од Европа и светот. Продолжуваме да ги реализираме нашите успешни политики за обезбедување квалитетни услови во авиосообраќајот, за нови дестинации за граѓаните и зголемен број туристи во нашата земја, рече Бочварски.

Струмица  - Размена на искуства и предизвици од имплементацијата на законите за посебни текови и управување со отпад, како и законот за проширена одговорност на производителот се главна тема на работилницата што во организација на Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија се одржува вчера и денес во Струмица.

-Сметам дека преку воспоставување на добра и отворена комуникација, размена на искуства и предизвици со кои се соочуваат сите чинители во процесот со управување со отпад во спроведувањето на законите од областа и проширената одговорност на производителите ќе си помогнеме едни на други во поуспешна имплементација на законите и исполнување на националните цели за собирање на отпад, изјави министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова.

Таа потенцираше дека Министерството има издржани планови и политики поткрепени со силен сет на еколошки регулативи во кои е предвидено преземање на акција во секоја фаза од производството и потрошувачката, но потребна е силна општествена одговорност и на производителите и на потрошувачите, промена на целокупниот концепт и пристап во областа при што ќе зборуваме за управување со ресурси, а не со отпад или ѓубре, но и усогласување и обезбедување на услови за секоја и најмала општина за селекција, собирање и рециклирање на отпадот.

Прилеп - Под мотото „Враќање дома“ на 9 јуни на платото пред прилепскиот Дом на културата „Марко Цепенков“ ќе биде отворен 57 Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински. Од 20:30 часот со видеоесеи, ќе им биде оддадена почит на лауреатите на наградата за животно дело Петар Темелковски и Петар Мирчевски. Првата од десетте претстави во конкуренцијата која ќе го отвори Фестивалот е претставата на велешкиот театар „Нема струја за електричниот стол“ во режија на Дејан Пројковски. Претставата е на отворањето од 21:30 часот и е наместо најавената и предходно серлектирана претстава „Инферно“. Театарот од Велес се реши на промената поради технички причини.

Претходно, во 19 часот, во Градската библиотека „Борка Талески“ ќе биде отворена ретката и роднокрајна збирка во чест на авторот во фокус Коле Чашуле.

Освен десетте претстави во официјалната програма, фестивалот од 9 до 16 јуни ќе понуди и пет во независната, тркалезни маси, програма за деца, автор во фокус

И Македонскиот народен театар има промена на претходно селектираната претстава во официјалната конкуренција. Селекторката Ана Стојаноска ја избра претставата „Бесачи“ во режија на Јавор Грдев, но учеството е откажано.

-Иако имаше предлози овие две претстави да се играат на нивните матични сцени, сепак, како Собрание на фестивалот одлучивме дека МТФ „Војдан Чернодрински“ се одржува во Прилеп и дека не е во ред да носиме публика од градот за некои претстави да се изведат на матичните сцени. Ова нека биде и вид апел за сите да работиме повеќе на подобрувањето на техничките можности на сцените во Прилеп, вели Стојаноска.

Охрид - Обвинителството достави нови медицински докази во случајот со Христијан Пендиков, против прво обвинетиот Илија Спасески, по што одбраната побара одлагање на рочиштето за да ги анализира доказите, но судијата Бојан Мартиноски не дозволи. Адвокатите на обвинетиот ја напуштија судницата, а Спасески рече дека не сака да се брани сам и побара одлагање.

Судијата му даде поука на обвинетиот Спасески дека доколку не ангажира адвокат за следното рочиште, тоа ќе се одржи. Рочиштето, како што посочи судијата Мартиноски ќе се одржи и доколку новоангажираните или актуелните бранители ја напуштат салата на таков начин.

Застапникот на Пендиков, адвокатот Стефан Камишевски смета дека од процесен аспект одбраната има право да побара одлагање, бидејќи имало дополнување на медицинското вештачење. Лекувањето, посочи, се уште трае и медицинската документација беше доставена подоцна. Тој потврди дека постои уште еден напаѓач на Пендиков, што се гледало и на снимката која беше изведена како доказ во судот.

- Постапката ќе продолжи, со каков тек останува да видиме. Тврдењата на одбраната изнесени до сега паѓаат во вода. Одбраната тврдееше дека Христијан Пендиков не поседува бугарско државјанство, но веќе поседува. Тврди дека оштетениот е истепан од други лица, но на кобната вечер не постои запис во МВР дека постои друг кривични правен настан како тој и не постои друго лице кое се јавило во болница со такви повреди од таков кривично правен аспект. Генерално обвинението е основано, вели Камишевски.

Прашан за тоа на кој јазик ќе го дава исказот Пендиков, неговиот застапник рече дека ќе го дава на македонски јазик и оти ќе биде присутен на следното рочиште закажано за 12 јули.

-Тука е роден, завршил основно образование и тоа претпоставува дека одлично го владее македонскиот јазик. Најверојатно ќе биде присутен на следното рочиште. Со оглед на тоа што се уште му трае лекувањето. Повредите се тешки и сериозни и има потешкотии при патувањето, рече Камишевски.

Куманово - Важна е поддршката од институциите за развојот на занаетчиството и на малите и средни претпријатија, бидејќи тие се двигател на локалната економија, сметаат занаетчиите и претставниците на малите и средни претпријатија кои денеска ги изложија своите производи на саемот на малото стопанство кој се одржа во Куманово.

Манифестацијата ја организира Регионалната занаетчиска комора во партнерство со Фондација за развој на мали и средни претпријатија Куманово со поддршка од општина Куманово. Чевлари, кожари, пчелари, резбари, кројачи, месари, козметичари, фризери беа дел од излагачите на саемот. Кумановци ги разгледаа нивните производи.

Куманово втора година по ред ги субвенционира занаетчиите, годинава со 15.000 денари за регистрираните стари занаетчии.

- Даваме пример како се чува и негува, културата, традицијата, старите занаети. Заедно со локалната власт работиме на таа насока да имаме просторија каде ќе се продаваат нивните продукти и општината треба да изнајде соодветно место. Имаме регистрирани десет занаетчии. Ова е поттик да се регистрираат и други и да добијат ваква помош и да бидат повидливи. Имаме повеќе стари занаети во Куманово, но за жал не се регистрирани, и се надеваме дека ќе ги поттикнеме и придобивки ќе имаат сите, изјави претседателот на ЗКРСМ и на Регионалната занаетчиска комора, Агрон Фазлији

Организаторите размислуваат за регионален, балкански саем на кој ќе учествуваа 300 излагачи од државата и соседните земји.

- Тоа треба да го постигнеме за да бидеме повидливи и поконкурентни на пазарот и фирмите да вмрежуваат, изјави Фазлији.

Градоначалникот Димитриевски кажа дека општината годинава ја зголемила субвенцијата од претходната година од 10 на 15.000 денари за старите занаетчии.

Куманово - Министерството за труд и социјална политика ги одзеде ингеренциите на општина Куманово за поставување директор на градинката „Ангел Шајче“, соопшти на денешната прес-конференција кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски. Тој најави дека решението ќе го обжали пред надлежен суд.

-Во текот на вчерашниот ден до Општина Куманово пристигна решение од Министерството за труд и социјална политика на коешто е потпишана ресорната министерка дека се одземаат ингеренциите на Општина Куманово за поставување и разрешување на директор во ЈОУ Детска градинка „Ангел Шајче“ и исто така за поставување и разрешување на в.д. директор во оваа институција, изјави Димитриевски.

Тој кажа дека е разочаран и според него се повторува историјата.

-Оваа централна власт не се согласува со неистомислениците, секогаш мора да се работи по нивен диктат и ова е најгрубо кршење на децентрализацијата во државата. Со ова само потврдуваат уште еднаш дека имаат за намера спротивно статутот на оваа институција да постават директор во истата институција која веќе незаконски е околу 20 години директор на ЈОУ Детската градинка Ангел Шајче, кажа Димитриевски.

На прес-конференцијата кажа дека ќе ги искористиме сите правни средства, решението ќе го обжали пред надлежен суд и дополни дека ќе се залага за поголема децентрализација.

Штип - Ученици од основни и средни училишта денеска се натпреваруваа во давање на прва помош, натпревар традиционално организиран од страна на општинската организација „Црвен крст - Штип“. Во ООУ „Ванчо Прке“, шест екипи основци и средношколци се натпреваруваа во три категории и ги покажаа своите вештини научени во изминатиот период за пружање прва помош. Повреда на рака, нога, изгореници, повреди од електрична енергија, беа само дел од повредите, со што се соочија натпреварувачите на терен.

Секретарот на „Црвен крст - Штип“, Деспина Димитровска појасни дека на натпреварот имаше и забавен дел, а сите победници на крајот добија пехари за освоено прво место.

- На општинскиот натпревар по прва помош, учество зедоа шест екипи, три од основните училишта и три од средните училишта. Натпреварот беше во една траекторија со шест работни бази, од кои три беа од областа на првата помош, една од забавен карактер и една дисиминација. За успешна реализација на настанот беа ангажирани судии, двајца шминкери, како и голем број на волонтери, додаде Димитровска.

Таа посочи оти целта на ваквите натпреварувања е младите уште од најмала возраст да научат да даваат прва помош, кога тоа е најпотребно.

 

Остани поврзан