• понеделник, 23 јуни 2025
МИА Општински пул

13 мај 2025

Куманово - Во тек е административната постапка на пријавените кандидати на јавниот оглас за вработување приватни специјализанти во Општата болница Куманово, информираа денеска надлежните од јавната здравствена установа. Планирано е специјализанти од областите на педијатрија, гинекологија, кардиологија, офталмологија, урологија, психијатрија, ортопедија, хирургија, интерна медицина, дерматовенерологија, пулмологија, оториноларингологија …

-Триесет години во здравството недоволно било вложувано, ниту во опрема, ниту во кадар. Дојде време да се реализира вработувањето на приватните специјализанти. Општа болница Куманово доби можност за вработување на 28 специјализанти, што е најголема бројка во Македонија. Огласот беше распишан на 1 април за вработување на специјализанти, заврши на денот на здравството - 7 април. Следеше период на регрутирање, минатата недела се тестираа пријавените на факултетот во Штип, вчера беа интервјуата со специјализантите, денеска треба да се известат примените, изјави директорот на болницата Сашо Стошевски.

Битола - Општина Битола во соработка со Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) изврши инспекциски контроли и увид во образовни објекти, детски градинки и училишта, а со цел зголемување на безбедноста и континуирана грижа за најмладите.

Од секторот за односи со јавност на Општина Битола соопштија дека во консултација со Дирекцијата за заштита и спасување констатирани се неправилности во детската градинка во село Бистрица и до отстранување на неправилностите децата ќе бидат згрижени во детската градинка во село Кравари. Исто така во ОУ „Крсте Петков Мисирков“-Бистрица  ќе се врши корекција на постоечкиот проект за реконструкција на предвидената спортска салa. За ова училиште, во кое што се поставени и фотоволтаици, предвидено е зголемување на енергетската ефикасност, за што ќе се изработува и целосен проект.

 

Крива Паланка - Уредувањето на просторот кај комплексот згради до градскиот зелен пазар во Крива Паланка е во завршна фаза, а наскоро на оваа локација граѓаните ќе добијат модерно, урбано зелено катче што ќе го облагороди, раззелени и разубави просторот што со децении беше неискористен и нефункционален.

Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски денеска изврши увид во работите на терен од проектот „ПАРКС“ и најави дека во завршна фаза се активностите на терен каде на вкупна површина од над 2000 метри квадратни се уредува парк и се разубавува околниот простор што ќе ја промени целосно сликата на овој реон од градот. 

Битола - Во Битола се одржа информативната сесија „Граѓанска регистрација и бесплатна правна помош – бидете видливи, регистрирајте се!“, организирана од заеднички проекти на ЕУ и Совет на Европа за консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош во Северна Македонија и интеграција на Роми.

Секој граѓанин треба да знае дека има право на бесплатна правна помош, а во Битола таа е обезбедена во подрачното одделение на Министерството за правда во Битола, во две регистрирани и овластени здруженија на граѓани кои може да дадат бесплатна правна помош, како и правната клиника при Правниот факултет во Битола, изјави Андријана Марковска, консултантка на Совет на Европа.

Македонска Каменица - Во Македонска Каменица спроведена е акцијата Генералка викенд 2025. Акцијата, како што информираше градоначалникот на Општината, Димчо Атанасовски финишираше денес, со учество на вработени во повеќе институции во градот.

-Денеска и во текот на изминатиот викенд, во заедничка акција со ЈП „Камена Река“, Здружението на пензионери, Дневниот центар за лица со посебни потреби, вработени во општествено одговорни компании и волонтери при Црвениот Крст од Македонска Каменица, успешно беше спроведена „Генералка Викенд" - екоакција која опфаќа чистење и уредување на повеќе јавни површини на територијата на нашата општина, истакна Атанасовски.

Скопје - Во Основното училиште „Круме Кепески“ денеска се одржа симулациска вежба за евакуација и постапување во случај на елементарни непогоди и вонредни ситуации. Вежбата се реализираше во соработка со „Премиум сејфти солушн“ и Црвениот крст и претставува дел од редовните активности што Општина Кисела Вода ги спроведува во сите образовни установи со цел унапредување на безбедносната култура кај учениците и вработените, информираат попладнево од локалната самоуправа.

Целта на ваквите симулациски вежби, како што се појаснува во соопштението, е навремено подигнување на свеста и подготвеноста за справување со потенцијални ризици, преку практична обука и запознавање со процедурите за евакуација и заштита. Учениците и персоналот имале можност да поминат низ целосна симулација на евакуација од објектот, водени од стручни лица.

Кавадарци - Граѓаните се уште не ги знаат своите права и обврски затоа се одлучивме да спроведеме еден информативен караван со што сме поблиску до корисниците на поштенски услуги, истакна денеска директорот на Агенцијата за пошти Сретен Миладиноски. Тој имаше обраќање пред кавадарчани во општинската сала, во рамки на посетата на информативниот караван во овој град. 

- Се работи за активност организирана заедно во координација со Канцеларијата на народниот правобранител. Целта е корисниците на поштенски услуги да ги разберат своите права. На давателите на поштенски услуги, пак, да им се објасни како подобро да функционираат, изјави Миладиноски.  

Куманово - Националната установа Музеј Куманово организира богата програма за посетителите и бесплатен влез за граѓаните по повод 18 Мај - Меѓународниот ден на музеите, информираа на денешната прес-конференција надлежните од установата. Програмата е различна, интерактивна, наменета за сите возрасти и има за цел да го афирмира културното наследство и приближување на музејската дејност до пошироката јавност.

- Вчера се одржа едукативната активност „Археолог на еден ден“ каде учениците имаа можност да се запознаат со археологијата преку практична работа со вистински алатки и предмети. Денеска се промовира „Мапата на спомениците на културата“ во Куманово и регионот се одржува креативна работилница. Утре ќе се прикаже етнолошкиот документарен филм „Свадбата во Кокино“, изјави директорката на НУ Музеј Куманово Марија Живачки.

Скопје - Состанок посветен на разгледување на можностите за децентрализација на социјалните услуги се одржал денеска во просториите на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС). Се дискутирало за иницијативата центрите за социјална работа да преминат под надлежност на локалната самоуправа. Овој чекор, според ЗЕЛС, се гледа како клучен во насока на подобрување на пристапот и квалитетот на социјалните услуги, како и за зајакнување на координацијата меѓу локалните и централните институции.

Општина Кисела Вода информира дека со пренесувањето на надлежноста, општините би добиле поголема улога во управувањето со центрите за социјална работа, кои и понатаму би функционирале во соработка со Министерството за труд и социјална политика. Тоа би овозможило поконкретен и поефикасен пристап во грижата за граѓаните, особено за ранливите категории.

Куманово - Претставници од локалната власт на Куманово и на територијалната противпожарна единица денеска во просториите на општината остварија работна средба со претставници од Австрија, за реализација на развојниот план и програмските активности, за заштита од пожари на територијата на Општината.

- Во пријателска атмосфера, беше нагласена успешно воспоставената комуникација и соработка со претставниците од Австрија, започната во изминатиот период, која резултираше со низа проектни активности од витално значење за граѓаните на Куманово, особено од областа на противпожарната заштита, информираше денеска кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

Остани поврзан