• среда, 25 септември 2024

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  25 септември 2024

 

Тетово - По втор пат се одложи повторното судење за пожарот во тетовската модуларна болница откако на повторно судење го врати Апелацискиот суд Гостивар по јавната седница во април 2024 година, по првичната пресуда од 5 јуни 2023 година. Судијата Јордан Велковски информираше дека причината е отсуство на Самоил Филиповски, адвокат на Артан Етеми, еден од двајцата обвинети директори на Клиничка болница Тетово. Рочиштето е закажано за 5 ноември 2024 во 10 часот.

Првиот обид за рочиште беше закажано за 26 јуни, но се одложи за денес поради отсуство на претставници на Клиничка болница Тетово.

Апелацискиот суд во април годинава донесе решение со кое наложи да има повторно судење за поранешните директори на тетовската болница Флорин Бесими и Артан Етеми, како и Јавната здравствена установа Клиничка болница Тетово како правен субјект. За докторот Бобан Вучевски, Апелацискиот суд во април 2024 година ја одби жалбата на Обвинителството и ја потврди првостепената ослободителна пресуда за него.

На 5 јуни 2023 Основен суд Тетово одреди условна осуда за обвинетите директори Флорин Бесими и Артан Етеми за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека правното лице ЈЗУ Клиничка болница беше прогласено за виновно за делото „предизвикување општа опасност“ во судскиот процес по пожарот во модуларната болница во Тетово во 2021 година кога животите ги загубија 14 луѓе. Судот тогаш одлучи да има ослободителна пресуда за докторот Бобан Вучевски и Клиничка болница за делото „непостапување по здравствени прописи“.

Според пресудата, на обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми им беше утврдена казна затвор од по една година и шест месеци, условна осуда и утврдената казна затвор нема да се изврши доколку обвинетите секој за себе во време од по три години не сторат ново кривично дело. Правно лице требаше да плати парична казна во висина од еден милион денари, 30 дена по правосилност на пресудата.

Првиот судски процес се водеше откако на 8 септември 2021 година 14 луѓе ги загубија животите во пожарот во модуларната болница во рамки на Клиничка болница Тетово. 

Куманово - Во Куманово вчера свечено беше отворен 27-тиот меѓународент фестивал „Денови на комедија“. На отворањето на фестивалот беше доделена наградата „Васил Иљоски“ на актерот Сашко Коцев, за неговиот особен придонес во комедијата. Лауреатот Коцев пред кумановци рече дека за него најважна е реакцијата на публиката.

- За театар се потребни двајца, едниот од оваа сцена да игра, а другиот да гледа тоа сте вие. Ние никогаш не би можеле да постоиме без вас. После ова за мене е уште потешко, затоа што одговорноста е уште поголема и очекувања ссе уште поголеми. Верувам дека нема да ја изневерам публиката и тука сакам да се заблагодарам на советот на фестивалот, на публиката за огромното признание, рече Коцев.

Фестивалот го отвори кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски кој рече дека фестивалот го отсликува градот и менталитетот на кумановци.

- Сака да се заблагодарам на сите актери кои се вградија во овој фестивал, на гостите кои изминативе 27 години беа гости на фестивалот, рече Димитриевски.

Први пред кумановската публика на првата вечер настапи велешкиот театар со „Вечера за глупаци“, вечерва е претставата „Секс, лаги и љубомора“ на народен театар Охрид. Кумановци ќе ги видат и комедиите „Фустан за бегство“ на драматичен куклен театар од Враца, Република Бугарија, „Автопат Сагбама“ на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ од тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ од драмско куклен театар Плевен, Бугарија, „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар Штип, „Кокошке“-Народен театар од Ниш. На 8 октомври ќе биде изведена премиерата на „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ на Театар Куманово во режија на Срѓан Јаниќиевиќ кој традиционално ја затвора фестивалската програма со нова претстава на репертоарот. Освен, официјалната програма на фестивалот како новина е планирана и изведба на студентски претстави. Гледачите ќе имаат можност да проследат две претстави на 30 септември и на 7 октомври

Традиционалниот фестивал е поддржан од Министерството за култура со 600.000 денари, а општината со 350.000 денари. 

Дебар - Одделението за внатрешни работи-Дебар поднесе кривична пријава против жител на градот поради напад врз полициски службеници.

- Кривична пријава е поднесена против М.Р.(51) од Дебар, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста“, информираше Стефан Димоски, портпарол на Секторот за внатрешни работи-Охрид.

Додаде дека Р.М. во неделата (22 септември) во просториите на ОВР Дебар бил агресивен кон полициските службеници при што се обидел со нож да ги нападне. Веднаш бил приведен и лишен од слобода. 

Крива Паланка – Општина Крива Паланка стратешки ја планира заштитата на животната средина во претстојниот период од шест години, отпочнувајќи постапка за изработка на Локален еколошки акциски план ЛЕАП) за периодот  2025 – 2031 година.

-Локалниот акционен екоплошки план е основа за планирање на заштитата на животната средина во период од 6 години, . преку проценка на моменталната состојба, идентификација на проблеми, дефинирање мерки за заштита, зголемување на јавната свест и следење на имплементацијата.  Во изминатиот период претставници од општината и консултантскиот тим од Г-онсалтинг ДООЕЛ Скопје одржаа состанок, на кој беа дадени насоки за изработка на овој исклучително важен стратешки документ за подобрување на животната средина на општината, поради што ги повикуваме и граѓаните активно да се вклучат во изработката на истиоти и на тој начин да учествуваат во мапирање на приоритетните еколошки проблеми, давајќи ги: своето, мислење, предлози и ставови за изработка на документот преку формуларите достапни на општинската веб-страница. Вклучувањето на јавноста во изработката на овој стратешки документ е од суштинско значење, посочуваат од Општина Крива Паланка.

Од локалната самоуправа на општината ги повикуваат граѓаните активно да се вклучат преку работни групи или потполнување анонимен анкетен прашалник достапен на веб-страницата на општината, за изработка на овој важен стратешки документ за подобрување на животната средина.

-Oчекуваme јавноста да го изрази своето мислење преку пополнување на анонимниот анкетен прашалник за испитување на јавното мислење околу проблемите со животната средина, охрабрувајќи ги активно да учествуваат и во работните групи за изработка на ЛЕАП, додаваат од Општина Крива Паланка.

Струмица - Преку Форуми на заедниџите, од кои првиот ќе се одржи вечер, Општина Струмица и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) заедно со граѓаните на Општината ќе одлучуваат како да се намали загадувањето, но и кои мерки да се преземат.

Форумските сесии ќе се одржат во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот“, а според информацијата од локалната самоуправа целта на првата форумската сесија е да се претстават резултатите од мониторингот на квалитетот на воздухот и главните извори на загадување на воздухот во Струмица, мерките и активности за справување со загадувањето на воздухот и да се одговори на прашањето како да се идентификуваат потребите на најранливите групи на граѓани за почист воздух.

- Учесниците на првиот форум, исто така, ќе имаат можност да дискутираат за одредени мерки и предлози за начинот на кој може да се унапреди квалитетот на воздухот во нивната општина, се додава во информацијата.

Форумот на заедниците предвидено е да има две сесии. На втората сесија пред граѓаните ќе се претстават неколку конкретни мерки, со цел да се одберат најсоодветните кои општината заедно со УНДП ќе може да ги спроведе во текот на 2025 година. Тие мерки може да се фокусираат на зголемување на енергетската ефикасност на училиштата, замена на нееколошките системи за греење во јавните општински објекти, поставување на системи за производство на струја од обновливи извори, изградба на велосипедски патеки, креирање на парк-шуми и слични активности.

Фондот за спроведување на мерките изнесува околу 340.000 американски долари, а Општината се очекува да кофинансира половина од средствата за оваа намена.

Ресен - Со театарската претстава „Златка и трите мечки“ и драмската претстава „Ум со Ѓум“, синоќа во Ресен почна традиционалната манифестација „Преспански јаболкобер 2024“.

Според програмата, вечер во кино салата во Ресен ќе бидат отворена уметничка изложба „Низ четката на преспанските уметници“, а веднаш потоа членовите на Драмско студио „Престиж“ кое работи во рамки на Дом на култура „Драги Тозија“-Ресен ќе ја одиграат претставата „Магепсаното момче“.

Од секторот за односи со јавност на Општина Ресен најавија штандовска презентација на производи од јаболка која утре напладне ќе се одржи на градскиот плоштад, а во петок, на 27 септември, според востановената традиција, во Преспа ќе биде откинато првото јаболко од годинешниот род.

Во рамки на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ ќе се одржат повеќе концерти и спортски манифестации, потврдија од тамошната локална самоуправа.

Кавадарци - Дела од ликовни уметници, членови на Здружението ,,Роднокрајци", беше отворена синоќа во Музеј галеријата во Кавадарци. Изложени се дела од десетмина уметници, помеѓу кои е и еден фотограф. 

Елизабета Ристова, кустос во музејот, рече дека ова е одбележување на извонредниот талент на овие уметници и прославување на богатата културна традиција, што нивните дела ја носат.

- Оваа изложба ни овозможува уникатна можност да ја истражиме разновидноста на уметничките изрази во нашиот регион, прикажувајќи широк спектар на стилови, техники и перспективи. Секое дело ја одразува личната визија на уметникот, но, заедно, тие создаваат колективен наратив за нашата заедничка идентичност, историја и пределите што не опкружуваат, подвлече Ристова. 

Таа додаде дека ова е потсетник за тоа како уметноста има моќ да не поврзува со нашите корени, со нашиот роден крај. 

- Овие уметници го вложиле своето срце во создавање дела што зборуваат за убавината, предизвиците и соништата на нашата заедница. Преку нивната уметност, тие не покануваат да застанеме, размислиме и да се вклучиме во светот на подлабок и позначаен начин, истакна таа. 

Ристова нагласи дека уметноста, на крајот на краиштата, не е само одраз на општеството, таа, исто така, го обликува, предизвикува и инспирира. 

Цветанка Тодоровска Митрева, историчар на уметност, вработена во Музеј - Демир Капија, посочи дека овие уметници си поставија пред себе задача и цел трајно да го зачуваат културното наследство на својот роден крај на својствен начин, секој за себе, притоа формирајќи го сопствениот ликовен израз.

- Формирано во 2021 година, Здружението ,,Родокрајци" што обединува различни видови уметности, широко ги отвори вратите за сите кои создаваат и творат различни видови уметности, поттикнати од љубовта кон својот роден крај, притоа оставајќи свој сопствен белег и траги во времето. Денеска членовите на ова здружение не се само ликовни уметници, писатели или фотографи, туку една движечка сила на културата и уметноста. Тие се докажани професионалци, секој во својата област на делување, со високи дострели, постигнати успеси и награди, подвлече Тодоровска Митрева. 

Таа додаде дека многу од тие дела, денес се наоѓаат во многу држави во светот и практично се амбасадори, што го промовираат не само уметникот кој го создал делото, туку и Тиквешкиот регион, долгата и богата историја, традицијата, обичаите, пејзажите.

Досега, како здружение, имаат реализирано повеќе групни изложби. Изложбата ќе трае до 2 октомври. 

Пред присутните се обрати и директорот на Музеј галеријата, Јаким Зимоски. 

Битола - Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ претпаднево во Битола продолжува со прес конференција на која ќе учествуваат кинематограферите Пабло Лозано и Душан Хусар, и со панел „Од Трајбек до Манаки, зад сцената“.

Во битолското Кино „Манаки“ продолжува проекцијата на филмови во категорија „Кратка програма“, а прв ќе биде емитуван филмот „Состојба на умот“ на Александра Кардалевска во кој кинематографер е Душан Кардалевски.

Во 15 часот на Широк сокак ќе бидат откриени ѕвезди на Валтер Карваљо, Кристијан Бергер и Роби Милер. Организаторот, во чест на лауреатот Роби Милер ќе го емитува филмот „Живеење на светлината“.

Во вечерната програма, во големата сала на НУ Центар за култура ќе се емитуваат филмовите кандидати за златна „Камера 300“,  „Зло непостои“ во кој кинематографер е Јошио Китагава и филмот „Сценарио од соништата“ во кој кинематографер е Бенјамин Леб.

ИФФК „Браќа Манаки“ завршува на 27 септември. 

Скопје - Општина Аеродром објави повик за доделување мали грантови за граѓанските организации на тема „Зајакнување на заедниците за одржливо управување со отпад од пакување“.

Целта на повикот, како што соопштија од Општина Аеродром, е да се променат навиките на локалното население за селектирање отпад од пакувања во своите домаќинства и да се научат на правилна селекција на отпадот, пред сè, пластика и лименки.

Вкупниот износ на финансиските средства за грантот изнесува 25.000 евра обезбедени преку проектот финансиран од Европската Унија „Clean AirDrom – нула цврст отпад во Општина Аеродром“.

Минималната вкупна сума што може да ја добие една граѓанска организација е 2.500 евра, додека максималниот износ по грант изнесува 5.000 евра во денарска противвредност.

Јавниот повик е отворен за граѓански организации што се формално регистрирани на територијата на Град Скопје најмалку 2 (две) години пред објавата на овој повик.

Предност ќе имаат оние организации што во својата мисија и статут имаат заложби за зајакнување на заедниците за одржливо управување со отпад и кои во својот фокус ги имаат младите.

Проектите може да бидат со времетраење од 3 месеци, односно да се спроведат во периодот од ноември 2024 година до јануари 2025 година.

Предлог-проектите мора да се спроведуваат исклучиво на територијата на Општина Аеродром.
Рокот за поднесување на предлог-проектите е до 16.10.2024 година, најдоцна до 15:00 часот во Архивата на Општина Аеродром (соба број 7 на први кат) или електронски преку е-адресата CleanAirDrom@aerodrom.gov.mk. Подетални информации за повикот може да се добијат на телефонскиот број 075/572-830.

Документацијата за поднесување на предлог-проектите може да се преземе на следниов линк: http://aerodrom.gov.mk/kategorija/oglasi .

Скопје - Од ЈП Водовод и канализација - Скопје информираат дека денеска поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул. „Леринска“ бр.51, прекинато водоснабдување ќе имаат дел од корисниците од улиците „Ловченска“ и дел од „Леринска“.

Прекинот на водоснабдувањето во овие улици во Општина Карпош, ќе биде од 09:00 часот до завршување.

Остани поврзан