• среда, 25 септември 2024
МИА Општински пул

 24 септември 2024 

Битола - Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола денеска организира еднодневен дополнителен трет упис за студенти бруцоши.

На Високата медицинска школа може да се пријават и запишат уште пет студенти за редовно студирање, 77 со партиципација и 47 вонредени студенти, на Ветеринарен факултет може да се запишат само 32 студенти, додека на ФИКТ огласени се 116 слободни места.

Дополнителен конкурс за запишување студенти во прва година на прв циклус студии се организира на Технички факултет каде слободни се 287 места, 84 индекси за студирање се слободни на Технолошко-технички факултет во Велес, во Прилеп на Економски факултет може да се запишат уште 181 студент, а во Охрид на Факултет за туризам и угостителство огласени се 186 места.

Факултетот за безбедност-Скопје, членка на битолскиот Универзитет, во третиот уписен рок може да запише 119 студенти, но за редовни студенти има само едно слободно место во насоката Криминологија и криминална политика, додека останата можност е за студирање со партиципација или вонредно студирање.

Од УКЛО-Битола информираат дека слободни места за упис има и на Правен факултет-Кичево, Педагошки факултет-Битола и Факултет за биотехнички науки-Битола.

Кавадарци – Протестираат транспортери кои возеа за поранешно „Фени“, бараат исплата на два милиона и сто илјади евра. Ова го истакна во изјава за МИА, Трајче Пеовски, претседател на Здружението „Киперски транспортери“ – Кавадарци. На мирниот протест денеска во центарот на Кавадарци, транспортерите дојдоа со своите товарни возила.

Пеовски појасни дека ова е мирен протест на транспортерите кои возеа за поранешно „Фени“, барајќи си ги парите. Тој рече дека причината за овој мирен протест е наплатата на нивните побарувања по основ на извршен превоз кон „Еуроникел индустри“ во стечај, како и директното влијание на банката во стечајната постапка.

– Ни беше ветено дека ќе се изнајде решение за решавање на нашиот проблем, но, до ден денес, нема ништо од тоа. Ова е организиран мирен протест за да го искажеме нашето незадоволство, нагласи Пеовски.

Тој подвлече дека бараат средба со надлежните во државата, за изнаоѓање решенија за решавање на нивниот проблем.

- Ние нема тука да застанеме, туку во периодот што следува ќе ги радикализираме нашите протести на повеќе локации во градот и државата, се до остварување на нашите барања, истакна Пеовски.

Куманово - Вечерва почнува 27-то издание на меѓународниот театарски фестивал „Денови на комедија 2024“. Вечерва на репертоарот е велешкиот театар, а кумановци ќе имаат можност да видат единаесет претстави од театри од земјава и соседните држави.

- Куманово како и секоја година и оваа ќе живее заедно со Фестивалот, и годинава како и секоја очекуваме овој фестивал да го задржи приматот на најпосетен театарски Фестивал во Македонија. Публиката е таа за која го правиме и која го одржува сите овие изминати 27 години. Фестивалската вечер ќе биде отворена во вторник 24 септември со доделување на наградата Васил Иљоски на овогодишниов лауреат, актерот Сашко Коцев која се доделува за особен придонес во театарската дејност особено во делот на комедијата за што претходно едногласно одлучија членовите на советот на фестивалот, изјави директорот на НУЦК „Трајко Прокопиев“, Сашо Тодоровски.

Велешкиот театар настапува со „Вечера за глупаци“, утре е претставата „Секс, лаги и љубомора“ на народен театар Охрид. Кумановци ќе ги видат и комедиите „Фустан за бегство“ на драматичен куклен театар од Враца, Република Бугарија, „Автопат Сагбама“ на Позориште „Бора Станковиќ“ од Врање, Србија, „Пар распар“ на Театар Комедија од Скопје, „Итроштините на Патук“ од тетовскиот театар, „Се бара нов маж“ од Драмско куклен театар Плевен, Бугарија, „Мажи во влечки“ на албанската драма на Театар Куманово, „Женидба“ на Народен театар Штип, „Кокошке“-Народен театар од Ниш. На 8 октомври ќе биде изведена премиерата на „Ноќ спроти Водици (Како што сакате)“ на Театар Куманово во режија на Срѓан Јаниќиевиќ кој традиционално ја затвора фестивалската програма со нова претстава на репертоарот.

Скопје - Со изложби, креативни работилници, концерти, базари, саеми и други културни настани стартува третото издание на „Маалски фестивал“. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека со фестивалот општината гради традиција на различни културни вредности.

-Маалски фестивал е уникатен сам по себе затоа што нуди навистина различни аспекти од културното изразување на уметниците и Здруженијата кои имаат учество во фестивалот. Станува збор за тридневен фестивал кој е во организација на Културниот Центар Јадро. Истиот започнува во петок има навистина богата програма за сечиј вкус и за секоја возраст. Овој мултимедијален и инклузивен колаж од збиднувања има за цел да ги анимира и инспирира граѓаните, односно уметниците и публиката кои заеднички ќе учествуваат во создавање на една неповторлива и автентична маалска приказна, вели Герасимовски.

Тој најавува дека Фестивалската програма започнува во петок на 27 септември со Креативна работилница за изработка на све и свашта за у Маало која започнува во 10 часот, а потоа и работилница за изработка на урбана опрема под водство на Никола Писарев.

Маалскиот фестивал вклучува танц, музика, книжевност, прошетки по маало, филмски промоции, театарски претстави и уличен базар. Овој мултимедијален и инклузивен колаж од збиднувања има за цел да ја анимира и инспирира локалната заедница.

Скопје - Во текот на вчерашниот ден, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје реализираа активности за отстранување две диви депонии лоцирани на улицата Цветан Димов во општината Чаир, при што се подигнати 20 кубни
метри претежно градежен и кабаст отпад.

ЈП Комунална хигиена-Скопје соопшти дека вчера се расчистени и неколку обемни диви депонии во скопската општина Ѓорче Петров, лоцирани на главната улица, како и на улиците Лука Геров и Волковска. Во рамките на активностите во оваа скопска општина се отстранети 25 кубни метри непрописно одложен кабаст и мешан комунален отпад.

Скопје - Поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа утре без струја ќе бидат делови од општините Гази Баба и Сарај.

Без напојување со електрична енергија во период од 08:30 – 09:30 часот ќе останата корисниците од улицата „ Лазар Поптрајков“ зграда бр. 25 во општина Гази Баба.

како што информираат од РЦУК, во период од 08:30 до 13:30 часот, без струја ќе бидат корисниците на дел од село Кондово во општина Сарај. 

Скопје - Со изложби, креативни работилници, концерти, базари, саеми и други културни настани стартува третото издание на „Маалски фестивал“. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вели дека со фестивалот општината гради традиција на различни културни вредности.

-Маалски фестивал е уникатен сам по себе затоа што нуди навистина различни аспекти од културното изразување на уметниците и Здруженијата кои имаат учество во фестивалот. Станува збор за тридневен фестивал кој е во организација на Културниот Центар Јадро. Истиот започнува во петок има навистина богата програма за сечиј вкус и за секоја возраст. Овој мултимедијален и инклузивен колаж од збиднувања има за цел да ги анимира и инспирира граѓаните, односно уметниците и публиката кои заеднички ќе учествуваат во создавање на една неповторлива и автентична маалска приказна, вели Герасимовски.

Куманово - Повеќе лица се лесно повредени во сообраќајна несреќа што се случи синоќа во 22 часот на крстосница на регионалниот пат Куманово-Свети Николе и булеварот „Трета МУБ“, соопштија денеска надлежните институции.

Од кумановската општа болница информираат дека повредените по опсервација се пуштени на домашно лекување.

-Сообраќајната незгода се случила помеѓу патничко возило „форд“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од А.Ѓ.(21) од Куманово и возило комбе „фолксваген крафтер“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.Т.(53) од Свети Николе, по што возилото „форд“ удрило во запрено патничко возило „волво“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Ф.Д.(35) од Куманово. Во незгодата со телесни повреди се здобиле возачите А.Ѓ. и М.Т. и девет сопатници од возилото „крафтер“, констатирани во болницата во Куманово, информираа денеска од МВР.

Остани поврзан