
29 септември 2023
Куманово - Кумановскиот театар вечерва ќе ја игра претставата „Трнорушка“, а собраните средства ќе ги уплати за потребите за лекувањето на девојче од Куманово, соопштија денеска од НУЦК „Трајко Прокопиев“ Куманово.
- Претставата ќе се игра со почеток во 18: 00 Часот, ги очекуваме кумановци да ја проследат детската претстава која има хуманитарен карактер. Се надеваме дека ќе помогнеме на детето за потребите за нејзиното лекување, изјави директорот на НУЦК Сашо Тодоровски.
Цената на билетот е 100 денари.
- Сиот приход ќе биде уплатен на сметка на Јована Илиевска, девојче кое боледува од церебрална парализа, повикаа од театарот.
Во претставата која ја режира Бојана Краљевска играат Сања Русеска, Марко Трајковиќ, Владанка Димковска, Нина Максимова, Жарко Јовановиќ и Давид Илиќ.
- Како една од најстарите уметнички форми, бајката e потреба низ сон, мечтаење, имагинација да се наткрили животот. Таа со својот јасен и цврст етички кодекс (борба за добро, правда, еднаквост, љубов) ни открива и подвлекува некои суштински животни вредности. Бајката на сцена не толкува, објаснува, ниту докажува, туку повеќе потшепнува и предизвикува, запрашува и провоцира и, оддалечувајќи нè од животот, ни зборува за животот. Таква е и нашата „Трнорушка“ – пишува драматург, Зоран Зафировски.
Сценографијата е на Крсто Богојевски, избор на костими на Нина Максимова, а кореографијата е на Сања Русеска. Драматург е Зоран Зафировски, а за музичка илустрација беше задолжен Зоран Зафировски.
Битола - Француската амбасада синоќа на ИФФК „Браќа Манаки“ одржа француска филмска вечер, а во пресрет на емитувањето на играниот филм „Анатомија на едно паѓање“, амбасадорот Сирил Бомгартнер, приреди прием во битолскиот Офицерски дом.
Во изјава за МИА, амбасадорот Бомгартнер истакна дека врската со фестивалот е природна бидејќи станува збор за најголемиот филмски фестивал во Северна Македонија кој го носи името на браќата Манаки, податок кој како што рече, нам ни одѕвонува како браќата Лимиер.
-Ние имаме една цела историја на соработка меѓу француската амбасада, францускиот институт и фестивалот „Браќа Манаки“ и таа врска е природна бидејќи станува збор за најголемиот филмски фестивал во Северна Македонија и го носи името на браќата Манаки, податок кој нам ни одѕвонува како браќата Лимиер. Ние дефакто сме предодредени да работиме заедно затоа што имаме долга историја на соработка. Да потсетам на фестивалот во Битола гостувале најголемите француски ѕвезди како што се Катрин Денев и Жили Димаж. Во историјата на фестивалот се наградувани повеќе познати и големи француски кинематографери, пред се Ањес Годар и Рау Култар, а листата на наградувани е уште поголема и затоа ние сакаме да се впишеме во оваа традиција, и истовремено да иновираме и затоа оваа година приредивме француска вечер со омаж за современото уметничко творештво во Битола, изјави амбасадорот Бомгартнер.
На фестивалската сцена во Битола беше емитуван филмот „Анатомија на едно паѓање“, во режија на Жустин Трие, филм ремек дело кој на фестивалот во Кан ја доби наградата „Златна Палма“, со што на високо ниво беше потврдена соработката во областа на културата меѓу двете држави.
-Соработката во областа на културата датира од поодамна и е почната под знакот на солидарноста. Имено, по страшниот земјотрес што го погоди Скопје во 1963 година, во големиот бран на солидарност имаше донација на слики од француски сликари со што беше формирана француската колекција во Музејот на современа уметност. Подоцна во Скопје е формиран Францускиот Институт кој денес е една етаблирана институција, насекаде присутна, на некој начин светилник, носител на културната соработка меѓу двете земји. Врската меѓу двете земји е двонасочна, и во таа смисла можам да најавам дека наскоро во Битола ќе отвориме изложба „Париски рефлексии“, најави амбасадорот Бомгартнер.
На приемот во Офицерски дом, присуствуваа градоначалникот Тони Коњановски, почесните битолски конзули, претставници на јавниот и културниот живот на Битола.
Скопје - Поради дефект на приклучна цевка на улица „Пере Тошев“ 4, денеска прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Како што информираат од ЈП Водовод и Канализација - Скопје, водоснабдувањето е прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на
дефектот.
Тетово - Културно уметничкото друштво „Бранко Чајка“ од Тетово утре по повод 30-годишниот јубилеј ќе одржи концерт и изложба со фотографии во Центар за култура „Иљо Антевски-Смок“. Концертот ќе биде во големата сала, додека фотографиите ќе бидат изложени во фоајето на оваа установа.
Изложбата на фотографии е насловена „Од нашата ризница на народни носии“. Покрај домаќините, на концертот настапуваат и членовите на КУД „Рацин“ од Кичево.
- КУД „Бранко Чајка“ делува во состав на истоименото Здружение на Срби и Македонци од Тетово. Здружението е формирано 1992 година, а веќе од следната, 1993, започнува да работи Културно-уметничкото друштво. На почетокот друштвото го носи името „Фолклор“, а од 2006 до денес „Бранко Чајка“. На својот репертоар подеднакво го негува и српскиот и македонскиот фолклор. Со тоа придонесува во подобрувањето на билатералните односи помеѓу двете соседни држави на најдобриот можен начин – преку негување на културата и традицијата, информира Соња Андонов, претседателка на Здружение на Срби и Македонци од Тетово.
Друштвото брои успешни настапи во градот, регионот, државата, Србија и пошироко: Тетово, Скопје, Радовиш, Долнени, Грачаница, Власина, Врање, Требиње, Нови Сад, Ниш, Дољевац, Бујановац, Зрењанин … како и на бројните мултикултурни фолклорни смотри и Денови на македонската култура во повеќе градови во Србија. Во досегашното 30 годишно постоење добитник е на многубројни награди и признанија. Во 2012 година добитник е на Плакета на Општина Тетово во знак на благодарност за постигнатите резултати во областа на културата.
Најголем успех доживува 2008 година на Првиот Меѓународниот фолклорен фестивал „Дукат“ во Бања Лука, БиХ, каде во конкуренција од 14 фолклорни друштва го добива највисокото признание Гран при. Истата година успешно се претставува на фолклорниот фестивал во Долеман, Турција.
- КУД „Бранко Чајка“ делува во град со мултиетничка структура на населението, па поради тоа ја организира фолклорната манифестација „Фолклорни игри под Шара“ на која настапуваат фолклорни друштва од сите заедници на подрачјето на општина Тетово и околината со што придонесува во негувањето на мултикултурализмот, истакна Соња Андонов.
Следната недела, од 6 до 8 октомври, КУД „Бранко Чајка“ ќе учествува на манифестацијата „Опленачка берба“ во градот Топола, Република Србија.
Делчево - Во Делчево по пауза од 4 години се враќаат ,,Пијанечки денови на сливата", манифестација со која се слави пијанечкиот бренд-сливата како најзастапена овишна култура во регионот Пијанец. Настанот кој ќе се одржи денес со почеток од 12 часот ќе биде збогатен со повеќе содржини и богата културно-уметничка програма.
-Главна цел на манифестацијата која ќе се одржи на летната сцена е да се прикаже подготовката на сите традиционални производи од слива карактеристични за овој крај. Во рамки на настанот предвидено е печење на сливова ракија, а ќе се подготвува мармалад и слатко од сливи кои ќе можат да се дегустираат. На штандовите ќе бидат изложени традиционалните производи подготвени по старинските рецепти, но и модерните рецепти кои ќе можат да се купат, информираа од Општина Делчево.
За ,,Највеселата ракија" предвидени се две награди, првата во износ од 8 илајди денари, а втората 6 илјади.
-За највкусниот мармалад или слатко ќе бидат доделени 3 илјади денари. Исто така, посебна награда во износ од 3 илјади денари, ќе се додели за најдобро украсен штанд, додадоа од Општина Делчево.
Организатори на манифестацијата се Општина Делчево и НУ Центар за култура „Никола Јонков Вапцаров“ Делчево со финансиската поддршка е од Министерството за култура на РСМ.
Струмица - Утре во Струмица ќе се одржи 13-то издание на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“, а програматаќе се реализира во НУ Центар за култура „Антон Панов“.
Како што информираат организаторите, најпрвин ќе биде промовиран годинешниот зборник „100 Илјади поети за промена“ и ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети од Србија, Грција, Бугарија и Македонија. Покрај тоа, ќе биде отворена и изложба на плакати и ќе се одржи музичко-сценски перформанс.
На конкурсите годинава се вклучиле повеќе од 200 поети и 20 дизајнери.
Манифестацијата е поддржана од градоначалникот и Општина Струмица, како и Фондацијата „Заев-едно општество за сите“.