• петок, 27 септември 2024
МИА Општински пул

19 септември 2024

Битола - Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во соработка со организацијата ФАО ќе ја решаваат приватно-јавната сопственост за подобро управување и владеење со земјоделското земјиште во Пелагонија.

Пред пелагониските земјоделци, министерот Цветан Трипуновски денеска најави дека процесот за решавање на деценискиот проблем ќе биде забрзан и во интерес на земјоделците.

-Почнува решавање на децениски проблем за земјоделците од Пелагонија, односно околу 2000 земјоделци кои што со денационализација добиле земјоделско земјиште со кое моментно располага ЗИК Пелагонија. Со оваа активност ќе се реши овој проблем и земјоделците ќе може земјиштето да го имаат во владение, а со тоа и да бидат корисници на сите мерки и привилегии што ги нуди државата.  Заедно со ФАО предвидовме одреден рок за активностите кои што заедно со администрацијата на МЗШВ ќе го забрзаме овој процес и проблем кој долги години стои како отворена ситуација, истакна Трипуновски.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство потврдија дека во последните два месеца исплатени се околу 15 милиони евра субвенции, а со ребалансот обезбедени се дополнителни 20 милиони евра кои со соодветна динамика ќе бидат исплатени на сите земјоделци со што сите субвенции заклучно со 2023 година ќе бидат исплатени.

Во изјава за медиумите, министерот Трипуновски го повика Јавното обвинителство да не молчи за предметите што се процесуирани, и како што рече, ги повикувам и граѓаните да бидат партнери со нас во справувањето со криминалот. Во МЗШВ ќе се водат постапки и за лица вработени во министерството кои го прекршиле законот, нагласи Тришуновски.

Прилеп - Со пригодна програма и презентација на резултати во развојот пригодно беа одбележани шест години од отворањето на дневниот Центар за лица со церебрална парализа во Прилеп.

Услугите за психофизички развој во Центарот ги користат 13 лица и наскоро треба да биде прифатено уште едно лице, со што ќе бидат задоволени потребите во градот. Работата на Центарот заеднички ја координираат прилепската локална самоуправа и меѓуопштинскиот Центар за социјални работи.

- Центарот не е само место за рехабилитација, тој е место каде се подаруваат внимание, љубов и на сите корисници им овозможуваат нормален, квалитетен пристап до социјалниот живот. Локалната самоуправа донираше и еден вертикализатор кој ќе му биде потребен на Центарот и се надеваме дека понатаму и локалната самоуправа и општествено одговорните компании ќе може да донираат други средства за развој на штитениците, рече Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Во дневниот центар работат физиотерапевт, медицинска сестра, а ангажирани се и две лица со попречености кои им помагаат во активностите на штитениците. Неопходно е што побрзо да се реши прашањето со дефектолог.

- На Центарот итно му е потребен дефектолог.Очекуваме што поскоро тоа да се реши а воедно ќе се прими и уште еден штитеник со што ќе се задоволат потребите, рече Зоран Малкоски, в.д. директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Прилеп.

Штип - На Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)- Штип денеска почна 11. Меѓународна конференција „Општествените промени во глобалниот свет“. Деканката на Правниот факултет  при УГД-Штип, Олга Кошевалиска изјави дека оваа година има над 100 учесници од повеќе земји, а главната тема е општествените промени во глобалниот свет која треба да ги опфати дигитализацијата, еколошките промени, модернизација на правото на политиките, но и да ги покрие делот за реформата за правното образование и потребата од клиничкото образование. 

-Нашата конференција традационално ја организираме со голем број на учесници, а оваа година имаме над 100 учесници од неколку земји вклучувајќи ја Македонија, Србија, Шведска, Италија, Албанија, Бугарија, Холандија и така натаму. Главната тема е да ги покрие целиот оној инпакт кој што го има, а тоа се  дигитализација, еколошките промени и предизвици, модернизација на правото на политките и на новинарството, рече Кошевалиска.

Според судијата на Врховниот суд Мирјана Лазарова Трајковска, во државата бавно и полека се учат лекциите од грешките, меѓутоа тоа се процесите и треба истите да поминат, а за истото потребно е време. 

Охрид – Активностите за заштита од болестите кај животните како што е африканската чума кај свињите и неодамна појавената маларична чума кај малите преживари во регионот, како и превентивните мерки за спречување на ширењето на болестите преку примена на препораките и позитивните искуства на одредени држави во справувањето со предизвиците, се главни теми на дискусија на дводневниот состанок на Постојаната експертска група за болеста африканска чума кај свињите што се одржува во Охрид.

На работната средба во прусуство на претставници на ветеринарните служби од Русија, Украина, Молдавија, Естонија, Полска, Латвија Литванија, Германија, Шведска, Чешка, Словачка, Унгарија,Романија, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Косово, Бугарија и Италија, како и на Европската Комисија, Организацијата за земјоделство и храна на Обединетите Нации и на Светската организација за здравствена заштита на животните, на експертско ниво се разговара за актуелната состојба со прекуграничните болести кај животните, се креираат насоки за справување со предизвиците и се детерминираат механизмите за сузбивање на заболувањата и мерките за спречување на ширењето на заразата.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, истакна дека ситуацијата со заразните болести кај животните во земјата моментално е стабилна, но оти мора да се следи ситуацијата постојано и активно да се работи на спречување на појава на нови жаришта.

Куманово - Утврдени се зоните на смирен сообраќај покрај училиштата во Куманово, како дел од „Планот за одржлива урбана мобилност“ (ПОУМ), соопштија денеска надлежните од секторот за урбанизам од општина Куманово.

Планот за одржлива урбана мобилност треба да ги реши потребите на кумановци во однос на повеќе пешачки зони, велосипедски патеки...

- Куманово, покрај изработката на Генералниот Урбанистички План (ГУП) изработи, а Советот го усвои „План за одржлива урбана мобилност“, (ПОУМ) во кој се предвидени повеќе мерки во пет различни столба. Едниот и дел од мерките веќе се почнати за спроведување како мерката зона на смирен сообраќај околу училиштата, подготвени се проектите, добиена е согласност од МВР за траен режим на сообраќај, потребна е реализација од страна на општината, изјави раководителката на секторот за урбанизам, Емилија Сларидис Јаневска.

Во рамките на планот предвидена е пешачка зона во три фази, дел е почнато да се реализира со тековната реконструкција на малиот градски плоштад, по што треба да следи спојувањето на двата плоштади. Во тој столб од планот предвидено е поттикнување и користење на други алтернативни превозни средства покрај автомобилите, мерка која во општината се спроведува преку бесплатниот јавен превоз. Од секторот за урбанизам нагласуваат дека носењето на планот има десетгодишен период и општината ќе инсистира еконосмките опретаори да го вметнат планот при изработка на сообраќајната студија.

- Најважна ни е сообраќајната студија и сме во фаза на подготовка на тендерската документација, секако во обврска на економскиот оператор кој ќе ја изработува студијата ќе биде максимално почитување на планот за одржлива мобилна да го вгради, студијата да оди чекор напред да даде но визија на сообраќајот на градот, предводена од европските стандарди и нормативи. Само така ќе можеме за реализација да црпиме европски фондови, повеќе велосипедски патеки, пешачки зони и бидејќи и градот се шири да се додадат нови автобуски линии, ќе се даде предлог за формирање ново на јавно претпријатие за автобуски превоз тоа останува да покаже самата студија и да бидат изработени, вели Сларидис Јаневска.

Крива Паланка - Во организација на Одделението за внатрешни работи Крива Паланка започна серијата едукативни работилници на тема безбедност во сообраќајот во рамки на превентивните активности за основците од општина Крива Паланка.

-Полициските службеници од оделението за внатрешни работи Крива Паланка реализираа едукативна работилница тематски посветена на безбедноста во сообраќајот во основното општинско училиште „Свети Јоаким Крчовски“ за учениците од шесто одделение. Во рамки на предавањето, полициските службеници ги запознаа децата со основните сообраќајни правила и прописи, потоа како да се однесуваат како учесници во сообраќајот, односно пешаци, но и кога возат велосипед или тротинет, особено електрични тротинети. Исто така стана збор и за задачите и обврските на еден униформиран полициски службеник- сообраќаец, информираат од ОВР Крива Паланка.

Работилници ќе бидат реализирани и во претстојниот период, за основците од двете основни училишта во градот,со цел превенција и зголемена безбедност на младите, учесници во сообраќајот, без оглед на тоа дали се движат пеш или управуваат велосипеди, тротинети или мопеди.

Куманово - Јавното претпријатие „Водовод“ Куманово го подготви финансискиот извештај за вонредните трошоци на претпријатието кое беа предизвикани од обилните дождови кои го зафатија северисточниот регион во мај годинава, информираа денеска надлежните од претпријатието. За три месеци, мај, јуни, јули во филтер станицата за вонредната состојба трошоците изнесуваат 5.580.000 денари. Трошоците за оваа намена се однесуваат на потрошена електрична енергија за прочистување, за хемиски анализи, вонредна набавка на хемикалии, споредно со 2023, 2022 и 2021 се неколкукратно повисоки.

- Ако граѓаните ја почувствува кризата седум дена, јавното претпријатие повеќе од 80 дена се справуваше со лошиот квалитетна сурова вода. Извештајот ќе биде доставен до АД Водостопанство „Кумановско-липковско поле“, она што постапуваме по заклучок изгласан од Советот на општината. Дописот ќе биде доставен и до Општина Куманово и до Владата, изјави директорот на претпријатието, Оливер Стојамновски.

Во овие трошоци од над 5, 5 милиони денари не се вметнати и трошоците за ангажирање на човечки ресурси, ноќна смена, зголемен број на работници, не се влезени сервиси на пумпи кои често се случуваат. Во тој период кумановци се соочија со забрана за консумација, бидејќи до филтер станицата стигнуваше матна вода по обилните врнежи во липковско каде се наоѓаат браните Липково и Глажња. Градот остана без вода, седум дена. По предупредувањето, водата беше сопрена и матната вода се испушташе во канализациската мрежа, а извесен период водата се користеше како техничка сè додека Агенцијата за храна и ветеринарство, по неколкукратните испитувања на Центарот за јавно здравје, Институтот за јавно здравје соопшти дека водата е безбедна за пиење.

Скопје - Општина Центар распиша оглас за доделување на стипендии за талентирани ученици од сите осум основни училишта од областа на културата, спортот, науката, техниката и посебните вештини. Заинтересираните ученици кои сакаат да аплицираат за дадените огласи ќе може да поднесат документи само на еден (1) оглас од областа на култура, науки, техника и посебни вештини или спорт. Доколку ученикот поднесе документи во различни категории, истите нема да се разгледуваат. Комисијата при изборот на ученици стипендисти ќе го вреднува успехот постигнат во последните три учебни години.

Стипендиите за учениците од областа на науката, техниката и посебните вештини изнесуваат од 3.000,00 до 3.500,00 денари месечно, за учениците од областа на културата 2.500,00 денари и 3.000,00 денари месечно и за талентираните спортисти стипендијата изнесува од 2.500 до 3.500 денари месечно за осум месеци во текот на учебната 2024/2025 година.

Општина Центар има за цел од секое училиште да се избере најмалку еден ученик, иден стипендист, кој во наведениот период постигнал одредени резултати и ги исполнува условите на огласот. Доколку од некое училиште нема ученик што целосно ги исполнува критериумите и условите, Комисијата ќе избере ученик што покажал највисоки резултати на одредени натпреварувања и својата одлука за тоа му ја доставува на градоначалникот за донесување решение.

Скопје - Над 7.500 ученици од сите основни училишта и оваа година добиваат бесплатни училишни униформи составени од две блузи, две маички и дуксер, соопшти Општина Аеродром.

-В. д. градоначалникот на Општина Аеродром Дејан Митески денеска присуствуваше на доделувањето на униформите во ООУ „Александар Македонски“ во Реонски центар Аеродром, каде што дечињата со радост ја добија својата нова училишна облека. Целта на овој проект е да обезбеди подобри и посовремени услови за одвивање на наставата, истовремено водејќи сметка во голема мера да се растовари и буџетот на семејствата кои имаат основци, се наведува во соопштението.

Општина Аеродром за набавка на овие униформи издвои речиси 19 милиони денари.

-Сакаме сите ученици да имаат еднаков пристап до образованието, а ние како Општина ќе продолжиме да вложуваме во училиштата и во подобрување на условите за наставата, велат од Општина Аеродром. 

Остани поврзан