• петок, 27 септември 2024
МИА Општински пул

 20 септември 2024

 

Кавадарци - Се крадат грозје, садници, делови од системи за наводнување и од земјоделски машини, алати и други предмети од ниви и земјоделски имоти на територијата што ја покрива Секторот за внатрешни работи - Велес. Оваа информација ја потврди за МИА, Биљана Ѓаковска, портпарол во СВР - Велес.

- Од почетокот на годината до 18 септември, во СВР - Велес пријавени се вкупно 35 кражби во ниви и земјоделски имоти. Притоа, во четири случаи било одземено грозје од лозови насади. Исто така, граѓаните пријавувале дека им биле одземени дрвја - садници, делови од системи за наводнување, делови од земјоделски машини, алати и други предмети, појасни Ѓаковска.

Инаку, кавадаречката полиција на 15 септември приведе три лица од Кавадарци, поради кражба од нива. 

- Полициски службеници од ОВР - Кавадарци ги лишиле од слобода Н.В., на возраст од 43 години, Р.В., 20-годишно лице и 41-годишната С.В., поради извршена кражба од нива во близина на Кавадарци, сопственост на Л.Р., 54-годишно лице од кавадаречкото село Ваташа, беше тогаш официјалната информација од СВР - Велес. 

Оттаму тогаш додадоа дека по документирање на настанот, против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави. 

Тетово - Во Уметничката Галерија Тетово изложени се дела мозаици од авторот Изет Зеќири, актуелен ректор на Универзитетот Мајка Тереза-Скопје, професор по економски науки и поранешен пратеник.  Ова е неговата четврта изложба на мозаици која сега е насловена „Наследството во камен“.  Овие неколку дена јавноста ќе има прилика во просториите на Уметничката Галерија да види 27 изложени дела мозаици.

-Секој мозаик е монументален доказ за пожртвуваноста и издржливоста на нашите предци. Тие содржат целосни архитектонски секвенци од урбани и рурални средини, како што се: тврдините, џамиите, улиците, мостовите на некои наши градови: Скопје, Тетово, Дебар, Елбасан, Скадар итн. Но, пред сè, во фигуративниот аспект доминира мотивот на архитектонскиот пејсаж и фигурата на човекот како градител насето она што го содржат овие мозаици. За издвојување е ликот на жената Албанка, која некогаш се појавува како мајка, а некогашкако домаќинка, односно се појавува во улога на оската на албанското општество. Во меѓувреме, друга доминантна карактеристика во овие мозаици е - мостот, која е дел од град или село, што во утилитарна смисла го претставува објектот за поврзување на едната страна со другата страна на локалитетот. Додека во неговата уметност го симболизира оној објект која низ вековите ги поврзува културите, традициите, времињата и народите, се вели во стручниот осврт на проф. Миџаит Положани за каталогот на изложбата, информираат од Уметничка Галерија Тетово.

Мозаичните слики содржат структури изградени или врежани во камен, се вели во освртот на Положани кој посочува и дека секоја од има историско, културно, архитектонско и уметничко значење.

Скопје -  Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) според последниот извештај имало вкупно 1 490 повици на  Единствениот број за итни случаи 112.

- Од нив „реални“ повици биле 54,69 отсто, а 40,54 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 71,60 отсто, кон Итната медицинска помош 24,51 отсто, a кон пожарникарите 2,33 отсто од реалните повици кон 112, се вели во соопштението. 

ЦУК информира дека во последното деноноќие немало регистрирани пожари на отворено на територија на цела држава.

Скопје  - Град Скопје го објави јавниот повик за доделување финансиски средства за спроведување проектни активности од областа на средното образование од интерес на главниот град.

Со овој јавен повик, како што информираат градските власти, ќе се финансираат проектни активности на здруженија, фондации и други правни лица преку грантови за проекти кои ќе се реализираат во средните училишта под надлежност на Град Скопје. 

- Со јавниот повик ќе бидат поддржани проектни активности во кои како приоритетни области се определени: унапредување на дигиталната писменост на сите членови на училишните заедници,  психосоцијална помош на членовите на училишната заедница за справување со врсничко и со сајбер-насилство, унапредување на животната средина преку подигање на свеста на средношколците за личната одговорност во одржувањето на чистата и здрава животна околина, истражувања и промоција на родовата рамноправност, ученичките права, слободи и развој на креативноста на средношколците и организирање манифестации на кои ќе се презентираат училишните постигнувања, ќе се промовираат најдобрите ученици и наставници и ќе се претстават резултатите на воспитно-образовната дејност пред пошироката јавност, се вели во соопштението. 

Скопје - Дел од скопската населба Карпош денеска ќе биде без вода, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.

-На ден 20.09.2024 поради уличен дефект од Ф-200мм на ул. „Бледски договор“ раскрсница Карпошево Востание во населба Карпош 3, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. „Бледски договор“ (потегот од Карпошево востание до Бул.Илинден), дел од „Карпошево Востание“, „Драгиша Мишовиќ“,„Трифун Пановски“, „Роберт Кох“,и со намален притисок ке биде Воена Болница, соопштија од „Водовод“.

Оттаму додаваат дека водоснабдувањето ќе биде прекинато од 8:30 часот до санирање на дефектот.

Скопје - Во периодот 16-ти до 20 септември 2024 година, Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје изготви вкупно 16 едукативно-информативни записници за граѓани и правни субјекти затекнати при непрописно одлагање големи количини градежен отпад на јавни површини во скопските општини Центар, Гази Баба, Чаир, Карпош, Кисела Вода и Аеродром.

Како што информираат од јавното претпријатие, екипите на Претпријатието отстраниле и повеќе диви депонии лоцирани на улиците „Војвода Васил Чакаларов“ во општината Карпош и „Цветан Димов“ во општината Чаир, како и на булеварот „Партизански одреди“ во општината Центар. 

Остани поврзан