• сабота, 13 април 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 6 јуни 2023 (МИА) - СВР Тетово поднесе кривична пријава против А.Г.(34) поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. На 14.10.2022 во сервис за возила, пријавениот, претставувајќи се како сопственик на рент а кар фирма, со сопственикот на сервисот склучил договор за продажба на гуми за неговите возила, а плаќањето да биде на фактура. Во периодот од 14.10.2022 до 07.11.2022 пријавениот во неколку наврати со различни возила доаѓал во сервисот, каде купувал и менувал гуми и за тоа лично примил и потпишал шест фактури, но не платил ниту една.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против двајца 17- годишници од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „одземање моторно возило“. На 10.05.2023 на ул.„Гоце Делчев“ во Тетово, пријавените одзеле патничко возило „застава“, кое било оставено со клучевите на брава. Набргу, по преземени мерки лицата и возилото биле пронајдени.    

На 06.06.2023 во 03.55 часот во СВР Скопје, од Казнено-поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека во просторија во полуотвореното одделение бил пронајден починат затвореникот В.Л.(50) од Скопје, кој издржувал казна затвор од 11 години. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт без видливи траги на насилство, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено на обдукција.

На 05.06.2023 во 09.20 часот во СВР Скопје, од Казнено-поправната установа Идризово било пријавено дека во установата бил пронајден починат осуденикот Б.А.(82) од Скопје. Лекар од Итна медицинска помош констатира смрт без видливи траги на насилство. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот било дадено за обдукција.

На 05.06.2023 во 14.15 часот во СВР Скопје, вработен во Затворска полиција пријавил дека околу 12.50 часот во една просторија во Казнено-поправната установа Затвор Скопје бил физички нападнат од осуденикот Ф.Д.(30) од Скопје. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.                      

Денеска (06.06.2023) во 15.05 часот на ул.„Анри Барбис“ во Скопје, полициски службеници од Оперативен тим потраги при СВР Скопје и од Одделението за криминалистички работи при ЕВР Гази Баба го лишиле од слобода А.М.(47) од Скопје. Тој бил осуден на казна затвор од шест години и 10 месеци за сторени кривични дела по член 215 и член 237 од Кривичниот законик, а бил баран по централна потерница врз основа на наредба од Казнено-поправната установа Затвор Идризово за доиздржување на три години и девет месеци од казната. Лицето ќе биде спроведено во казнено-поправната установа за доиздржување на казната.

На 05.06.2023, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.А.(36) од Скопје. Тој се сомничи дека во август и септември 2022 година извршил три тешки кражби, при што од две товарни возила на приватна фирма и од автобус на ЈСП украл гориво. Во службен разговор во Полициската станица Кисела Вода тој признал дека на 16.08. и на 17.08.2022 во два наврати од цистерна на приватна фирма одзел вкупно 300 литри гориво и дека на 22.09.2022 од автобус на ЈСП одзел 150 литри гориво. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 05.06.2023 во 23.00 часот на регионалниот пат Богданци-Дојран, на место викано „Паљурци“, полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Стар Дојран го лишиле од слобода Б.Н.(31) од Скопје. При контрола во возилото во кое се превезувал и по извршените проверки било констатирано дека за него била распишана потерница по наредба од Основен суд Скопје 1 за спороведување во Казнено-поправната установа Затвор Скопје за издржување на казна затвор. Лицето било спроведено во надлежната казнено - поправна установа за издржување на казната.

На 05.06.2023 во 14.50 часот на улица „Ѓорче Петров“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода Љ.В.(31) од Тетово затоа што кај него биле пронајдени и одземени два шприца, од кои едниот исполнет со течност, како и две игли. Лицето било задржано во полициска станица и по расчистување и документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

На 05.06.2023 во 20.10 часот на улица „Борис Кидрич“ во Тетово, полициски службеници од СВР Тетово ги лишиле од слобода С.А.(52) и А.А.(24), двајцата од Тетово, затоа што се однесувале агресивно и попречувале инспектор од УЈП при вршење службени дејствија. Лицата биле задржани во полициска станица и по целосно документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.

ОВР Струга поднесе кривична пријава против Ф.Р.(37) од Скопје поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед извршен на улицата „ЈНА“ во Струга, полициските службеници кај него пронашле и одзеле хероин.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Б.Р.(22) и А.А.(27), двајцата од кичевското село Србица, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед на моторно возило „голф“, во кое пријавените се превезувале,  извршен на 06.04.2023 во близина на кичевското село Другово, полициските службеници кај нив пронашле и одзеле марихуана.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против В.Р.(43) од Кичево поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Тој, во текот на мај 2023 година, на социјална мрежа постирал содржини со кои промовирал и поттикнувал говор на омраза.  

На 05.06.2023, полициски службеници од Полициската станица Бит Пазар извршиле службен разговор со С.С.(23) од с.Кондово, скопско. Тој се сомничи дека околу 17.15 часот на ул.„Киро Глигоров“, поради недоразбирање во сообраќајот, со остар предмет се заканувал на Г.Х.(43) од Скопје и го оштетил неговото патничко возило „ауди“ со скопски регистарски ознаки. По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

На 05.06.2023 во 18.20 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, П.Р.(42) од Скопје пријавил дека на 02.06.2023 околу 15.00 часот во Унгарија, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неговиот тренер по ракомет, В.К.

На 05.06.2023 во 18.20 часот во СВР Скопје, П.О.(70) пријавил дека на подрачјето на Ѓорче Петров бил физички нападнат од неговиот сосед Т.Г.. Се работи на расчистување на случајот.

На 05.06.2023 во 23.00 часот во Полициската станица Драчево, Х.К.(52) од Скопје пријавила дека околу 12.50 часот на ул.„Славка Динкова“ нејзината малолетна ќерка била физички нападната од три малолетнички, од кои едната ѝ го одзела мобилниот телефон. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 06.06.2023 во 03.38 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачје на Бутел четири лица кои дошле со возило, поставиле експлозивна направа на банкомат и се обиделе да одземат пари, но не успеале. Од детонацијата се оштетени три возила. Нема повредени лица. Во тек е увид од полициски службеници во координација со ОЈО и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.06.2023 во 12.10 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ј.Н.(60), Б.А.(75) и Д.Ј.(41), сите од Скопје, при што биле употребени и тврди предмети. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 05.06.2023 во 20.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека во кино сала во трговски центар на подрачје на Карпош, А.Ш.(45) физички нападнал малолетничка од Скопје откако, според пријавеното, таа претходно удирала со нозете по седиштето на кое тој седел. Се работи на расчистување на случајот.

На 05.06.2023 во 08.10 часот во СВР Скопје, К.С.(42) од Скопје пријавил дека во здравствена установа на подрачје на Кисела Вода бил физички нападнат од М.А.(28) и М.К.(41), двајцата од Скопје, вработени како обезбедување во установата. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 05.06.2023 во 14.02 часот во СВР Скопје, К.Ц.(41) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Аеродром била физички нападната од Т.Ј.. Се работи на расчистување на случајот.

На 04.06.2023 во 04.27 часот во СВР Скопје, С.С.(33) од Скопје пријавил дека околу 04.20 часот пред угостителски објект на подрачјето на Аеродром бил физички нападнат од неколку лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.06.2023 во 11.50 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Аеродром, по претходна расправија, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Б.Д.(39) и Д.С.(28), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 05.06.2023 во 21.00 часот во СВР Скопје, К.К.(53) од Скопје пријавила дека околу 13.30 часот во основно училиште на подрачјето на Аеродром нејзината малолетна ќерка била физички нападната од нејзина соученичка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.06.2023 во 19.40 часот во СВР Скопје, С.Б.(61) од Скопје пријавил дека околу 13.00 часот во продажен објект на подрачјето на Карпош бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.06.2023 во 11.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Ѓорче Петров, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ј.Т.(68) и В.Н.К.(69), двете од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.

На 05.06.2023 во 17.00 часот во СВР Скопје, Б.К.(23) од Скопје пријавила дека околу 13.30 часот на подрачјето на Чаир таа и нејзиното дете биле физички нападнати од М.Ј., неговата сопруга М.Ј. и нивното дете. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 05.03.2023 во 11.20 часот во Полициската станица Центар, И.Д.(44) од Скопје пријавил дека на бул.„Партизански Одреди“ неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 05.06.2023 во СВР Битола, Г.Г.(42) од Битола, пријавил дека во Градскиот парк во Битола неговото малолетно дете било каснато од куче скитник.

На 05.06.2023 околу 12.00 часот, Ѓ.Б.(53) од Кичево во полициска станица пријавила дека на улица „11 Септември“ во Кичево била касната од куче скитник. Истиот ден, Б.Н.(24) од Кичево пријавил дека на улицата „Рудничка“ бил каснат од куче скитник.

Нa 05.06.2023 во СВР Куманово, В.Т.(55) и М.И.(51) од Куманово пријавиле дека во централното градско подрачје биле каснати од куче скитник, додека С.Б.(38) пријавила дека во населба „Вера Которка“ во Куманово нејзиниот малолетен син бил каснат од куче скитник.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Виница поднесе кривична пријава против М.М.(20) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „овозможување на употреба на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“. На 09.04.2022 во Градскиот парк во Виница, полициски службеници го затекнале М.М. со уште четири лица, при што кај него била пронајдена и одземена марихуана.  

СВР Струмица поднесе кривична пријава против С.А.(43) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. На 21.03.2023 во Струмица, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле марихуана, мешавина од амфетамин и метамфетамин и таблети МДМА.

 

Фото: МИА архива


,

 

 

 

Остани поврзан