Кувајтската одбрана неутрализирала „непријателски“ дронови и ракети
- Армијата на Кувајт денеска соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана пресретнале „непријателски“ ракети и дронови, но не прецизираше од каде биле лансирани.
Кувајт Сити, 28 мај 2026 (МИА) - Армијата на Кувајт денеска соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана пресретнале „непријателски“ ракети и дронови, но не прецизираше од каде биле лансирани.
Во соопштението се наведува дека силните експлозии што се слушале низ земјата биле последица на дејствувањето на системите за ПВО, кои ги неутрализирале заканите. Властите ги повикаа граѓаните да ги почитуваат безбедносните упатства и инструкциите издадени од надлежните институции.
Инцидентот следува откако претходно американските сили извршиле напади врз, како што соопшти Вашингтон, иранска операција со дронови што претставувала закана за американските сили и трговскиот поморски сообраќај во Ормуската Теснина.
Од друга страна, Иран ја потврди американската акција и соопшти дека возвратил со напад врз американска воздухопловна база во 4:50 часот по локално време, откако САД рано утрово нападнале област во близина на аеродромот во пристанишниот град Бандар Абас. Техеран не откри каде точно се наоѓа базата што била цел на нападот.
Кувајт, каде што е стационирана американска воздухопловна база, засега не соопшти дека пресретнатите ракети и дронови биле ирански. аб/јт
фото/МИА архива