• сабота, 15 август 2026

Кипарското прашање и влезот на Кипар во Шенген зоната во фокусот на средбата Христодулидис – Лајен

Кипарското прашање и влезот на Кипар во Шенген зоната во фокусот на средбата Христодулидис – Лајен

Атина, 14 јули 2026 (МИА) – Кипарското прашање и целосното приклучување на Република Кипар во Шенген зоната беа во фокусот на средбата меѓу кипарскиот претседател Никос Христодулидис и претседателката на Европската комисија. Урсула фон дер Лајен, информираше во писмената изјава алтернативниот портпарол на кипарската Влада Јанис Андониу, јави дописничката на МИА од Атина.

Христодулидис и Лајен се сретнале денеска во Париз, со оглед на тоа што и двајцата се таму по повод прославата на Националниот ден на Франција, по покана на францускиот претседател Емануел Макрон

Кипарскиот претседател, според Андониу, ѝ се заблагодарил на претседателката на ЕК за именувањето на извршниот потпретседател на Комисијата, Рафаеле Фито за специјален пратеник на ЕУ за кипарското прашање, а изразил благодарност и за клучната улога на Европската комисија во напорите на генералниот секретар на ОН за одново започнување на преговорите за решавање на кипарското прашање врз основа на договорената рамка.

- Фон дер Лајен спомена дека именувањето на комесарот Фито за специјален пратеник ја одразува силната посветеност на Европската комисија кон повторното обединување на Кипар и го потврдува интересот на ЕУ за кипарското прашање, чие решавање се смета за приоритетна тема. Исто така, рече дека во оваа насока, ЕУ ќе ги искористи сите расположливи инструменти, имајќи предвид дека Република Кипар ќе продолжи да биде земја-членка на Унијата и по решавањето на кипарското прашање, информираше алтернативниот портпарол на кипарската Влада во писмената изјава.

Дополнително, за влезот на Кипар во Шенген зоната, претседателката на ЕК изразила поддршка, а на средбата било изразено задоволство што земјата успешно ги заврши сите технички обврски, „а сега останува носењето политичката одлука“. ср/ми/

Фото: Кабинет на кипарскиот претседател