Во Хрватска почнува трката за Пантовчак - Кандидатите од денеска собираат потписи
- Во следните 12 дена мора да соберат 10.000 избирачки потписи, а секој избирач со својот потпис може да поддржи само еден кандидат.
Загреб, 29 ноември 2024 (МИА) - Кандидатите за претседател на Хрватска денеска почнаа да собираат потписи за учество во изборната трка на 29 декември. Во следните 12 дена мора да соберат 10.000 избирачки потписи, а секој избирач со својот потпис може да поддржи само еден кандидат.
Актуелниот претседател Зоран Милановиќ, кој се кандидира за уште еден претседателски мандат, денеска во Чаковец ќе почне да собира потписи.
Кандидатот на ХДЗ Драган Приморац ќе биде во Загреб како и кандидатката на партијата „Можемо“ Ивана Кекин.
Независната Марија Селак Распудиќ ќе почне да собира потписи во Загреб додека кандидатот на Мост, Миро Буљ ќе почне да собира потписи во Сињ, чиј градоначалник е.
Влегување во трката за претседателските избори на 29 декември најавија и адвокатот и историчар Томислав Јоњиќ, претседателот на Автохтоног - ХСП Дражен Келеминец, претседателот на партијата Право и Правда Мислав Колакушиќ, претприемачот Нико Токиќ Картело, Антон Филиќ, поранешен новинар на Вечерњи лист и поранешен претседател на Сојузот на хрватските новинари.
Кандидати се и Бранка Лозо, кандидатка на партијата ДОМИНО, независната Аурора Вајс и Каролина Видовиќ Кришто, поранешен пратеник во парламентот, основач и претседател на партијата Одлучност и правда (ОИП).
Рокот за пристигнување на претседателските кандидатури во Државната изборна комисија е 10 декември на полноќ.
Тогаш ДИК има рок од 48 часа да ги провери потписите и да ја објави листата на кандидати за претседател на Хрватска, а кога ќе го стори тоа, ќе започне официјалната изборна кампања, што трае до 27 декември (петок) на полноќ кога ќе започне изборниот молк. зш/