• четврток, 19 ноември 2026

Ана Таневска од Шведската фабрика за вештачка интелигенција за МИА: Ќе соработуваме со „Везилка“, има брз развој на ВИ и луѓето многу лесно може да изгубат осет со реалноста

Ана Таневска од Шведската фабрика за вештачка интелигенција за МИА: Ќе соработуваме со „Везилка“, има брз развој на ВИ и луѓето многу лесно може да изгубат осет со реалноста

Скопје, 22 септември 2026 (МИА) - Македонската Национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“ и Шведската фабрика за вештачка интелигенција се очекува набргу да потпишат меморандум за соработка, со што ќе се овозможи размена на искуства и тренинзи. Соработката ја иницираа д-р Ана Таневска, тренинг-координатор и експерт за доверливост за вештачка интелигенција во Шведската национална фабрика за вештачка интелигенција, која докторирала когнитивна роботика во Италија, а магистерските и додипломските студии ги завршила токму на ФИНКИ, каде што се јадрото на македонската фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“ и професорите што го предводат овој проект. 

Во интервју за МИА таа вели дека вештачката интелигенција е нејзин голем интерес, а поспецифично како можеме да имаме одговорен развој и регулацијата на Европската Унија и актот за вештачка интелигенција. Таневска минатата недела беше во Скопје на средба со професорите на ФИНКИ за формално да почнат договорите за соработка меѓу Шведската фабрика за ВИ и „Везилка“. 

- Првиот чекор ќе биде потпишување меморандум за соработка помеѓу Шведската фабрика за вештачка интелигенција и македонската антена „Везилка“. Со тоа се надеваме дека ќе имаме малку поубава рамка за нашата соработка. Ова се проекти што се замислени да продолжат без фиксен крај. На европско ниво во пракса финасирањето е три години, но се обновуваат така што ние сакаме да го имаме како активна соработка, сакаме да имаме заеднички настани за тренинзи, од „Везилка“ спомнаа дека сакаат да имаат тренинзи и за нашите студенти на ФИНКИ бидејќи тимот е тука. Ние имаме можеби малку повеќе искуство од страна на Шведска со соработка со клиенти од индустријата и тоа е нешто што ние можеме да придонесеме - вели Таневска.

„Везилка“ и Шведската фабрика за вештачка интелигенција, како што објаснува Таневска, имаат различни фокус-области, но она што може да се направи се тренинзи за пренесување знаења. 

Македонската има фокус на земјоделството, на здравството, на јавната администрација, на културата... Во Шведска имаме малку повеќе на life science (системско проучување на живите организми и животните процеси, што опфаќа биологија, медицина, биотехнологија, material science (мултидисциплинарна област која ја проучува врската помеѓу атомската структура, обработката, својствата и перформансите на цврстите материи - метали, керамика, полимери, полуспроводници, композити, наноматеријали), индустријата на видеоигри и автономни системи, односно роботика. Тоа се нашите четири главни области на фокус, што значи дека немаме големо преклопување таму, но сите фабрики за вештачка интелигенција и нивните антени имаат посебни тимови за организирање тренинзи за пренесување знаења.

Јас сум координатор на тренинг-тимот во Шведска и тоа беше првата точка на контакт што ја имавме тука со професорот Игор Мишковски, кој исто така е одговорен за тренинзи и почнавме да зборуваме како може да организираме заедничка платформа за споделување тренинзи, како може да имаме заеднички настани, вебинари или работилници... Тоа е првата област во која ќе се обидеме со соработка - посочува Таневска во интервјуто за МИА.

Во последните пет години, а особено во последната година, има особено брз развој на вештачката интелигенција, вели Таневска, особено кај големите јазични модели, кои се имаат многу распространето и се импленентираат во системи во кои луѓето многу лесно може да изгубат осет со реалноста.  

- Оваа година, кога ќе се спомне терминот вештачка интелигенција, повеќето од луѓето мислат на „Чет џи-пи-ти“, на „Клод“ и на другите, што е мал дел од генеративната вештачка интелигенција што користи големи јазични модели. Тоа е тоа што се има многу распространето и што веќе почнува да се имплементира во системи во кои луѓето може многу лесно да изгубат осет со реалноста, да не знаат дека имаат интеракција со агент од вештачка интелигенција... - предупредува Таневска. 

Македонската Национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“ функционира како придружна единица или ВИ-антена на европската фабрика за вештачка интелигенција Pharos во Грција.

Во продолжение интегрално ви го пренесуваме интервјуто со д-р Ана Таневска, тренинг-координатор и експерт за доверливост за вештачка интелигенција во Шведската национална фабрика за вештачка интелигенција

Како почнавте да работите во Шведската фабрика за вештачка интелигенција?

- Во Шведска стигнав за мојот втор постдокторски период. Инаку, јас сум од Скопје, завршив студии во првата генерација на ФИНКИ. Почнав со додипломските студии во компјутерски науки и инженерство во 2011 година, кога почна факултетот. Дипломирав во 2015 во областа на роботиката и исто така имав една година магистерски студии во истата област во 2016. По магистратурата, се преселив во Италија за докторатот. Таму го завршив докторатот во март 2020. Имав еден период на постдокторски истражувачки студии таму и потоа се преселив во Шведска. Генерално, мојата заднина е во роботиката. Во 2022, кога се преселив во Шведска, почнав специјализација по Етички доверлива роботика и тоа исто така имаше големо преклопување со вештачката интелигенција. Така почнав со работа потоа и во Шведската фабрика за вештачка интелигенција. Вештачката интелигенција ми е голем интерес, а специфично како можеме да имаме одговорен развој што ја следи регулацијата на Европската Унија во однос на ЕУ-актот за вештачка интелигенција.

Која е причината што сте деновиве во Скопје?

- Сакав да организираме средба со ФИНКИ. По почнувањето со работа во Шведската фабрика за вештачка интелигенција на почетокот на август годинава, веќе првиот ден испратив имејл на „Везилка“ и на професорите што ги знаев од моите студентски денови за да почнам соработка. И така секако требаше да дојдам овој викенд за свадба на пријател и веќе кога знаев дека доаѓам, се договоривме со професорот Димитар и со професорот Игор за состанок.

Што конкретно се договоривте на средбата со „Везилка“?

- Првиот чекор ќе биде потпишување меморандум за соработка помеѓу Шведската фабрика за вештачка интелигенција и македонската антена „Везилка“. Со тоа се надеваме дека ќе имаме малку поубава рамка за нашата соработка. Ова се проекти што се замислени да продолжат без фиксен крај. На европско ниво во пракса финасирањето е три години, но се обновуваат така што ние сакаме да го имаме како активна соработка, сакаме да имаме заеднички настани за тренинзи. Од „Везилка“ спомнаа дека сакаат да имаат тренинзи и за нашите студенти на ФИНКИ бидејќи тимот е тука. Ние имаме можеби малку повеќе искуство од страна на Шведска со соработка со клиенти од индустријата и тоа е нешто што ние можеме да придонесеме.

На кој принцип работи Шведската фабрика за вештачка интелигенција и како на „Везилка“ може да им користат овие искуства?

- Мислам дека областите на фокус и развој малку ни се разликуваат. Македонската има фокус на земјоделството, на здравството, на јавната администрација, на културата... Во Шведска имаме малку повеќе на life science или системско проучување на живите организми и животните процеси, што опфаќа биологија, медицина, биотехнологија, material science (мултидисциплинарна област, која ја проучува врската помеѓу атомската структура, обработката, својствата и перформансите на цврстите материи - метали, керамика, полимери, полуспроводници, композити, наноматеријали), индустријата на видеоигри и автономни системи, односно роботика. Тоа се нашите четири главни области на фокус, што значи дека немаме големо преклопување таму, но сите фабрики за вештачка интелигенција и нивните антени имаат посебни тимови за организирање тренинзи за пренесување знаења. Јас сум координатор на тренинг-тимот во Шведска и тоа беше првата точка на контакт што ја имавме тука со професорот Игор Мишковски, кој исто така е одговорен за тренинзите. И почнавме да зборуваме како може да организираме заедничка платформа за споделување тренинзи, како може да имаме заеднички настани или вебинари или работилници... Тоа е првата област во која ќе се обидеме со соработка.

Како се собираат информации во Шведската фабрика за вештачка интелигенција за сите овие области што ми ги набројавте? 

- Шведската фабрика за вештачка интелигенција работи како и сите други со сите сектори, значи работиме со јавниот сектор, со администрацијата, работиме со академскиот, истражувачките групи на универзитетите, со индустријата, со мали и големи претпријатија... Сите тие од наша перспектива се потенцијални клиенти на фабриката за вештачка интелигенција. Поентата е да бидеме национален центар за примена на вештачка интелигенција. Тоа значи дека ние даваме поддршка. Доаѓаат клиентите што може да се стартапи, од видеоиндустријата, да биде истражувачка група од некој универзитет... Доаѓаат кај нас со своето прашање. Можеби сакаат да почнат со примена на вештачка интелигенција, можеби немаат никаква примена во моментот, немаат модел на вештачка интелигенција, но сакаат да имплементираат и нашите експерти може да помогнат тие да научат како би можело да се реализира тоа. Или можеби е стартап што веќе користи вештачка интелигенција активно, но им треба пристап до повеќе ресурси. Тоа се супер компјутери. Тоа е во моделот на сите фабрики за вештачка интелигенција во ЕУ. Фокус-областите значи дека таму имаме ние експерти. Во секоја фокус-област имаме тим од експерти што исто како јас се со истражувачка заднина. Тоа се луѓе што имаат докторат и кои работеле како истражувачи и имаат знаење од нивната фокус-област и вештачка интелигенција. Тоа е значајниот момент.

Има ли истражувања колку се користи вештачка интелигенција во Шведска и каде најмногу?

- Мислам дека, генерално, е распространета употребата со тоа што има разлика помеѓу лична употреба, луѓе што користат четботи во секојдневниот живот и помеѓу професионална или истражувачка употреба. Шведска е една од државите во Европската Унија, каде што има навистина посветени истражувачки групи за етика и вештачка интелигенција, што мене, на пример, ми беше многу значајно и тоа играше улога во мојот избор за Шведска, што има посветени групи што ги истражуваат и негативните последици од вештачката интелигенција и на индивидуална основа, но исто така и како општество. Мислам дека тоа е многу значаен елемент тука. Претпоставувам дека како и во остатокот од Европа се користи секаде вештачката интелигенција. Имаме доста компании, доста индустрија што ја користат веќе на понапредно ниво, што гледаме според бројот на клиенти што аплицираат веќе со готов проект или модел на вештачка интелигенција и само им треба пристап до супер компјутери. Од состанокот денека со тимот на „Везилка“ забележавме дека клиентите тука во Македонија претежно бараат поедноставни апликации за вештачка интелигенција, како четбот за нивната веб-страница.

Од кои индустрии имате најмногу побарувања за пристап до супер компјутери?

- Голем дел се од индустријата за видеоигри и автономни системи, значи со роботика, но исто така сега почнуваат да бараат сè повеќе и повеќе компании што се во life и material science. Најчесто сега за сега се стартапи што сакаат да испробаат нови модели за кои им треба полесен пристап. Тоа е моделот и на Шведската, но и на другите фабрики за вештачка интелигенција. Пристапот е бесплатен до пресметување со високи пеформанси.

Кога би направиле споредба на примената на вештачката интелигенција во Шведска и Македонија, од она што го имате како искуство, каде сме ние?

- Споредба не ми доаѓа лесно да направам. Од комуникацијата со тимот и со професорите немам впечаток дека е назад, барем групата. Кога зборуваме за Шведската фабрика за вештачка интелигенција и за „Везилка“ како македонска антена, прилично сме и двете напредни. Не гледам разлика. Можеби има разлика во општествата на кој начин разни компании ја користат и тоа има врска со нивото на дигитализација во општеството. Во Шведска е прилично високо и речиси секоја компанија, без разлика од која област доаѓа, од кој сектор на индустријата има дигитално писмени луѓе и тимови што се фокусирани на тоа. Мислам дека можеби Македонија сега станува понапредна во тоа исто така, но зависи исто така од фокус-областите.

Што прават Шведска и ЕУ за справување со злоупотреби на вештачката интелигенција и правилна употреба од страна на населението, особено младите?

- Мислам дека она што имаме видено во последните пет, а особено во последната година, е особено брз развој на вештачката интелигенција, особено кај големите јазични модели (large language model), тоа е генеративна вештачка интелигенција. Оваа година, кога ќе се спомне терминот вештачка интелигенција, повеќето од луѓето мислат на „Чет џи-пи-ти“, на „Клод“ и на другите, што е мал дел од генеративната вештачка интелигенција, што користи големи јазични модели. Тоа е тоа што се има многу распространето и што веќе почнува да се имплементира во системи во кои луѓето може многу лесно да изгубат осет со реалноста, да не знаат дека имаат интеракција со агент од вештачка интелигенција... Развојот на стандарди и на регулативи за етичка примена на вештачката интелигенција бележи почеток од 2018/2019 година во ЕУ кога првпат се собра групата на експерти. Тоа е високо ниво на експерти, кои ги формираа AI Act-стандардите. Тоа се првите стандарди што излегоа како препораки, не беа обврзувачки, но беа препораки за етичка и доверлива етичка вештачка интелигенција и кои почнаа да се применуваат. Како прва област беа истражувачките групи. Првите неколку години тоа беше применливо само во науката. Никаде во индустријата немавме никаква регулатива. Oд август стапи во сила актот за вештачка интелигенција на ЕУ и тоа е првиот чекор. Тој акт ги има земено овие стандарди и ги има формулирано во членови како да се применат. Првиот што се применува е член 50, мислам, кој е за високоризични системи, и најбитниот прв чекор е транспаретноста на системот. За сите овие четботи што се користат на платформи, секаде каде што има корисник и има интеракција со вештачка интелигенција, а четботот е тоа, мора да се има целосна транспаретност. Мора корисникот да знае дека во тој момент има интеракција со вештачка интелигенција, а не со друго човечко битие, и мора да има регулатива за тоа како тие може да споделуваат информации.

Како во Шведска се применува актот за вештачка интелигенција во ЕУ?

- Во моментот сега само првиот акт е задолжителен и тоа значи дека сите системи што се со вештачка интелигенција од индустријата треба да имаат дисклејмер. Она што немаме сè уште, во ниедна од државите во ЕУ, но полека се воведува, е централно национално регулативно тело што има дозвола да проверува прекршоци. Сега она на што работиме во Шведската фабрика за вештачка интелигенција е платформа за процена на сите наши клиенти што имаат проекти со вештачка интелигенција, може да одат низ оваа платформа, за процена и да проверат колку се во согласност со сите членови од актот за вештачка интелигенција. Сè уште легално немаат потреба да бидат усогласени со сите членови, само со тој за транспаретност, но преку ова ние сакавме да им направиме лесен пристап до платформа каде што може сè да проверат. Тоа е нешто за што денеска дискутиравме многу. Мислиме дека тоа е многу значајно да им дадеме многу лесен пристап и ако сакаат да имаат со нас подетален состанок со нашите експерти за вештачка интелигенција, каде што ќе имаме дискусија, ќе седнеме заедно и ќе почнеме чекор по чекор да гледаме како се вклопуваат во побарувачките за транспаретност, во кибербезбедноста, безбедноста на податотоците, кое е нивното ниво на ризик на системот... имаме платформа каде што сè тоа е возможно.

Кога станува збор за вештачката интелигенција, како работат Швеѓаните со младите, дали има одредени програми за едукација, како е регулирано тоа?

- Мислам дека тоа е нешто што сега се истражува како да се воспостави. Она што сега се обидуваат во шведската влада да спознаат е кое е нивото на аналогна едукација што би сакале да се врати. Она што го видовме во последните пет години, особено во скандинавските земји, каде што имаше обид да воведат задолжителна дигитална едукација и задолжително користење компјутери и таблети, тоа што се гледа и на ниво во цела Европа, е дека стапките на читање, на критично размислување, опаѓаат. Мислам дека сега се почнува во Данска со враќање на учебниците и рачно пишување, што е многу важно според мене, зашто паралено може да оди дигиталната едукација, но исто така и да се развиваат и вештини на критичко размислување и да се вратат основните вештини на читање и пишување, што дигиталната едукација, кога се прави сеопфатна на такво ниво, не може да ги покрие. Планот е сепак да се нуди дигитална едукација, но веќе да не биде на тоа ниво на кое сите предмети ќе се учат на таблет. Веќе имаме лонгитудинална студија од пет години во скандинавските држави, каде што се гледа дека не е баш сè така розово.

Кога повторно планирате да дојдете во Македонија?

- Планот е, најверојатно, на почетокот на следната година. Сакаме да видиме во кој формат. Во склоп на проектите за фабрики за вештачка интелигенција имаме нешто што се вика AI factory mobility network, што е мрежа на патувања и на соработка и би сакале да испратиме апликација таму за соработка со македонската фабрика бидејќи тогаш ќе биде многу полесно да се реализираат средбите. ев/вг/

ФОТО МИА: Фросина Насковиќ