• петок, 19 април 2024

Преку националниот акциски план до намалување на родовиот јаз во спортскиот сектор

Преку националниот акциски план до намалување на родовиот јаз во спортскиот сектор

Скопје, 4 јуни 2023 (МИА) - Структурни промени и мерки кои влијаат на отстранување на културолошките бариери и родовите стереотипи се сочинети во Националниот план за родова еднаквост и поголема застапеност на жените на раководни позиции во спортот 2023-2028 на Олимпискиот комитет на Северна Македонија (ОКСМ). Преку пет главни цели, планот предвидува квоти за родова застапеност на жените на раководни структури, редовно креирање и имплементација на програми за лидерство, подготовка на политики поврзани со процесот на регрутирање и мониторинг и евалуација за потенцијални подобрувања.

Првите две цели од планот се однесуваат на воведување на таканаречени квоти за родова застапеност на жени на раководни структури, односно минимум 30 отсто во Управниот одбор на ОКСМ, а што се однесува до родовата застапеност во комисиите, стручните тела и менаџментот на Олимпискиот комитет предвидена е 40 до 60 проценти родова застапеност до 2024 година. 

Под раководни позиции се подразбираат улоги како претседател/ки, потпретседател/ки, членови на извршното тело/одбор, генерален секретар/ки, извршен директор/ки, претседатели/ки на комисии, шеф на мисија, персонал со директна одговорност за управување или персонал со работно место како „директор/ка“ или „раководител/ка“,. 

Освен во структурите на Олимпискиот комитет, планот обврзува и на минимум 30 проценти родова застапеност во Генералното собрание, односно делегатите кои се назначени од страна на националните спортски федерации. 

- Со оваа порака претендираме да ги поддржиме федерациите да направат промени во своите структури и да номинираат жени делегатки на следното изборно собрание. Секако, ќе ги охрабриме декларативните заложби да ги поддржат со статутарни измени со цел поголем број на жени да можат да придонесат при креирањето на спортските политики и во матичните федерации, вели Силвија Митевска, претседателка на Комисијата за родова еднаквост при ОКСМ.

Останатите цели се однесуваат на редовно креирање и имплементација на програми за лидерство кои ќе опфатат жени од различни спортски федерации, со цел нивно зајакнување и поддршка при кандидатура на некои од следните избори, подготовка на политики поврзани со процесот на регрутирање, со цел истите да обезбедуваат родово-сензитивни процеси на вработување и еднакви услови за работа и мониторинг и евалуација на планот за потенцијално подобрување.  

Компетентни жени со спортско искуство има, потребно е да им се даде можност

Според Митевска, најголемиот родов јаз меѓу сите општествени сфери има токму во спортскиот сектор. 

- Кај нас мажите ја имаат монополизирано моќта на националните спортски федерации. Околу 90 отсто се раководени од мажи, оттаму, потребно е воведување на системски промени во политиките на спортските субјекти. Олимпискиот Комитет на Македонија како највисока спортска организација, ќе истапи како позитивен пример кој се надеваме ќе поттикне промена и на индивидуално ниво, но и на организациско ниво кај националните федерации и спортски клубови, вели Митевска.

Во однос на досегашните регулативи коишто се залагале за родова еднаквост во спортот, таа ја издвојува само родовата анализа што беше изработена со поддршка од UN Women во Скопје, која покажа дека нашите спортски политики се родово слепи. 

- Тоа значи дека сите досегашни програми и мерки во чии рамки се развивал и регулирал спортот не одговараат на потребите и спецификите на спортот во женска категорија. Односно, долго време спортот бил креиран од мажи за мажи и оттаму недостасуваат родово-сензитивни политики кои во многу примери ги дискриминираат жените на правото за еднаков пристап до ресурси, посочува Митевска.

Вели дека при воведување на квоти, една од перцепециите и најчестата дилема што ја имаат федерациите, е дека нема доволен број на жени кои ќе можат да се вклучат и дека овие бројки ќе останат само симболика и на хартија.

- Ова е повеќе субјективна дилема отколку објективна слика на реалноста. Прво, силно верувам дека во Македонија постојат многу компетентни жени со спортско искуство кое може на значителен начин да придонесат кон подобро функционирање на една спортска организација, без разлика дали станува збор за спортски клуб или федерација. Верувам дека имаме компетентни жени и во полето на тренери, судијки, администраторки, спортски психолози и друг профил на спортски работници/чки. Дури, многу често жените во спортскиот сектор имаат завршено и повисок степен на образование од своите колеги, па ставот дека нема компетентни жени не соодветствува со реалноста, потенцира Митевска, дополнувајќи дека е многу потежок патот на една жена да се докажува и пробива во домен кој е исклучително доминиран од мажи.

Причините за недоволна вклученост на жените во спортскиот сектор, според неа, се многубројни и можат да варираат од негативното влијание на социо-културните норми и традиционалните родови улоги кои создаваат перцепција дека спортот не е погоден или соодветен за жените, како и ограничените можности и ресурси во споредба со мажите во однос на пристапот до ресурси како што се квалитетен тренинг, капацитети, опрема и финансирање.

Издвојува дека во планот ќе бидат опфатени и различни лидерски програми кои се таргетирани кон жените и кои опфаќаат обуки за комуникациски вештини, вмрежување и развој на меки вештини.

- Овие обуки најмногу имаат за цел да ги зајакнат и да ги поттикнат жените да веруваат во својот потенцијал и на тој начин да ги охрабриме да размислуваат во насока на номинирање за одредена позиција. Дополнително, овие обуки ќе овозможат и вмрежување меѓу самите спортистки и спортски работнички, што секако е голема предност при понатамошен кариерен развој, смета таа.

Волјата за промени - клучна за реализацијата на планот

Митевска посочува дека во рамки на планот федерациите ќе бидат охрабрени да направат и статутарни промени и да номинираат жени како делегати на собрание, а во однос на најскорешни следни активности поврзани со оваа тема вели дека побарале од секоја национална федерација да назначи лице за контакт, односно координатор за родова еднаквост. 

- Сметаме дека освен што на овој начин ќе се олесни комуникацијата помеѓу Комисијата за родова еднаквост при ОКСМ и матичната федерација, истовремено ќе работиме и на градење на капацитети на назначените координатори. Една од првите обуки се однесува на воведување на родовата перспектива во спортските политики, која со поддршка на UN Women канцеларијата треба да се случи во наредниот период, посочува таа.

На прашањето дали спортските организации во нашата држава се отворени за родово-еднакви придвижувања и каков фидбек очекуваат, Митевска вели дека тоа е повеќе прашање дали постои волја за промени отколку прашање на подготвеност. 

- Родовата еднаквост во спортот веќе подолго време е приоритет на сите светски и европски федерации, па оттаму и македонските национални федерации се на некој начин охрабрени, а во некои случаи и обврзани да имплементираат родово-одговорни политики. На пример, европската биатлон федерација не дозволува учество на генералното собрание доколку делегациите од националните биатлон федерации немаат родова застапеност, што значи од тука треба да отпатуваат еден маж и една жена. Оваа мерка освен што ве обврзува да креирате услови и да „поканите“ жена на настани од висок профил, ве стимулира и да размислувате на поинаков начин, да вклучувате родова перспектива во сите ваши локални иницијативи. Дополнително, федерациите имаат можности и да црпат фондови од интернационалните федерации со цел креирање на различни програми кои ќе овозможат позитивна промена и вклучат поголем број на жени во спортот, вели Митевска.

Се надева дека се користат сите можни финансиски инструменти,  вклучувајќи ја и ставката за жени и спорт при програмата за финансирање од Агенцијата за млади и спорт.

- Но, истовремено сакам да потенцирам дека при користење на овие средства, од фундаментална важност е сите активности, без разлика дали се тоа можеби креирање на специфични политики, настани или медиумска кампања за подигнување на свеста, да бидат развиени со поддршка од лице со експертиза за родова еднаквост за истите да бидат ефективни и ефикасни, дополнува Митевска.

Зголемување на учеството на жените и воспоставување на стратешки механизми - приоритет на ОКСМ

Претседателот на ОКСМ, Даниел Димевски вели дека иако еднаквоста во спортската арена е од суштинско значење, сепак тоа не е доволно за вистинска еднаквост во спортот. 

- Наш приоритет ќе биде зголемување на учеството на жените во сите аспекти на спортот и програмата на ОКСМ за 2024/2028 година ќе подразбира и воспоставување на стратешки механизми за зајакнување на родовата еднаквост во олимпиското движење. Целта е да постигнеме суштински и видливи резултати и да ги отстраниме бариерите што ги спречуваат жените и девојките да учествуваат во спортот. Она што ќе ни биде исклучително важно е да креираме систем за редовна комуникација со жените вклучени во федерациите кои се дел од ОКСМ како и навремена повратна комуникација за резултатите од нашата работа, за учество на идните настани поврзани со родова еднаквост и споделување на други новости, појаснува Димевски.

Посочува дека еден од приоритетите на ОКСМ е зголемување на партиципацијата на девојки во спортот во олимписки и неолимписки спортови. 

- Спортот е една од најмоќните платформи за зајакнување на жените и девојките и промоција на родова еднаквост. Оваа цел ќе ја реализираме преку програмата за промоција на олимписки вредности и таргет група се млади девојки кои треба да се мотивираат да бидат активни во спортот, посочува тој.

Според него, мажите играат подеднакво важна улога во заложбата за родова еднаквост во спортот и можат активно да се вклучат на повеќе начини.

- Ние треба да промовираме начела на инклузивност и на партиципативност на сите членови, без да се дозволат дискриминаторски практики или родови стереотипи кои негативно влијаат на развој на кариерата кај жените. Привилегиите и моќта во спортската заедница треба да се искористат за поддршка на рамноправноста и заложба за еднаков пристап и еднаква поддршка во секој сегмент од спортот, нагласува Димевски.

Во однос на регионалните активности на ОКСМ  по ова прашање, тој вели дека имаат започнато повеќе иницијативи кои меѓу другото вклучуваат промоција на женски спорт, креирање на програми за поддршка и развој на спортистките, воведување на политики за рамноправност при водечките позиции и решавање на проблемите со дискриминација во спортот.

- Моментално имплементираме неколку Еразмус проекти токму на темата на родова еднаквост, а во рамки на овие активности ќе се развијат продукти што ќе бидат на располагање на сите национални федерации. На овој начин сакаме да ги поддржиме и мотивираме нашите членки во процесот на унапредување на родовата еднаквост во рамки на нивните структури, вели Димевски, дополнувајќи дека Националниот акциски план е од големо значење и верува дека неговата имплементација ќе ги даде очекуваните резултати.

Покрај ОКСМ, кој на последното Генерално собрание го усвои Планот подготвен во рамки на Еразмус проект предводен од Канцеларијата на Европскиот Олимписки Комитет во Брисел, акциски планови за родова еднаквост развиени се и во Националните Олимпски Комитети на Германија, Турција, Грција, Латвија, Ирска и Белгија, со континуирана поддршка од консултантска фирма од Велика Британија.

Ангела Рајчевска

Фото: Фросина Насковиќ

 

Остани поврзан