Засилена доставата на помош во Газа
- Доставувањето хуманитарна помош во Газа е засилено откако Хамас потврди дека утре наутро ќе почне со ослободување на израелските заложници.
Газа, 12 октомври 2025 (МИА) – Доставувањето хуманитарна помош во Газа е засилено откако Хамас потврди дека утре наутро ќе почне со ослободување на израелските заложници.
„Гардијан“ информира дека камиони со помош пристигнале утрово на преминот Рафа, на границата меѓу Египет и јужниот дел на Газа. Согласно условите на првата фаза од мировниот договор, испораките на помош во Газа треба да бидат зголемени, а хуманитарните организации се подготвуваат да испраќаат околу 600 камиони дневно со храна и медицински средства.
Висок службеник на Хамас, Осама Хамдан, потврди дека движењето ќе почне со ослободување на израелските заложници утре наутро, додека примирјето што стапи во сила во петокот сè уште се почитува.
Израелската армија соопшти дека ја завршила првата фаза од повлекувањето од Газа согласно договорот за примирје постигнат со посредство на Катар, Египет и Турција. Хамас има рок до утре во 12 часот по локално време да ги ослободи сите 20 живи заложници во замена за ослободување на речиси 2.000 палестински затвореници.
Американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот египетски колега Абдел Фатах ел-Сиси утре ќе претседаваат со мировен самит за Газа кој ќе се одржи во египетското летувалиште Шарм ел-Шеик. јт/
Фото: ЕПА