Заврши третиот летен франкофонски камп
- Триесет ученици од училиштата од цела држава, победници од дел од државните натпревари по француски јазик, ужива во убавините на Охридското Езеро во рамки на третиот национален франкофонски камп во организација на фондацијата „Бел Идеал“ од Париз.

Крива Паланка, 22 јуни 2025 (МИА) - Триесет ученици од училиштата од цела држава, победници од дел од државните натпревари по француски јазик, ужива во убавините на Охридското Езеро во рамки на третиот национален франкофонски камп во организација на фондацијата „Бел Идеал“ од Париз.
Кампот се одржа од 15 до 20 јуни во Струга, а учествуваа најдобрите ученици, победници на натпреварите организирани од Здружението на професорите по француски јазик во Македонија во текот на учебната 2024/2025 година како и добитници на награди од националната франкофонска вечер која се одржа во Свети Николе организирана од фондацијата Бел Идеал.
-Учениците поделени во групи според нивото на познавање на францускиот јазик , имаа можност преку најразлични работилници на француски јазик да ги усовршат своите јазични вештини, да стекнат нови пријателства преку друштвените игри на француски јазик, но и да уживаат покрај езерските води. Фондацијата Бел Идеал, претставена од пет аниматорки, воедно и професорки по француски јазик со голем ентузијазам го реализираше најновото издание на летниот франкофонски камп, каде што во текот на една недела, 30 ученици, поделени во четири групи: сина, бела, црвена и жолта, според нивото на знаење на францускиот јазик работеа на работилници на француски јазик за театар, креативно пишување, ракотворби и поентилизам, како и франкофонска музика, информираат организаторите.
Во текот на оваа незаборавна недела, исполнета со нови откритија, креативност и франкофонија, учениците и оваа година, бесплатно ги усовршуваа своите јазични вештини и стекнаа нови пријателства.
-Кампот е само една од активностите со кои во текот на годината се промовираат и изучуваат францускиот јазик и култура, се тоа е наша врвна цел, со што директно влијаеме на отворање нови можности за младите франкофони од државата, додаваат од „Бел идеал“.ид/вј/
Фото: Фондација „Бел идеал“