Жанета Вангели со изложбата „Архивски документи“ пред истанбулската публика
- Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, во соработка со Национална галерија на Македонија, на 8 мај 2026 година со почеток во 19:00 часот, ќе ја отвори изложбата „Архивски документи“ на истакнатата македонска уметница Жанета Вангели.
Скопје, 6 мај 2026 (МИА) - Македонскиот културно-информативен центар во Истанбул, во соработка со Национална галерија на Македонија, на 8 мај 2026 година со почеток во 19:00 часот, ќе ја отвори изложбата „Архивски документи“ на истакнатата македонска уметница Жанета Вангели.
Изложбата, како што информираат од Македонскиот КИЦ Истанбул, претставува комплексна синтеза на четиридецениско творештво, во кое архивата освен како сведоштво за минатото, функционира и како активен и динамичен простор на современа интерпретација. Преку внимателно конципирана селекција од дигитални визуелизации и фотографија, Жанета Вангели артикулира повеќеслоен дискурс за времето, меморијата и феноменологијата на присуството. Нејзините дела го трансформираат архивскиот материјал во визуелно и концептуално поле каде што личното и историското се вкрстуваат во континуиран процес на преосмислување на стварноста.

Во својата уметничка практика, Жанета Вангели создава визуелен јазик кој се движи помеѓу реалното и метафизичкото, помеѓу документот и личното сведоштво. Делата во изложбата го повикуваат гледачот да го почувствува сегашниот момент преку трагите на одминатите времиња, претворајќи го архивот во интимно и современо искуство.
Жанета Вангели е едно од најпрепознатливите имиња на современата македонска и меѓународна уметничка сцена, а нејзиното долгогодишно творештво остава значаен белег во областа на визуелната уметност и современите медиуми.
Изложбата ќе биде отворена за посетителите до 15 мај 2026 година во галеријата на македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул. дма/са/
Фото: Македонски КИЦ Истанбул