ЕУ воведе санкции за 1.600 поддржувачи на воените напори на Русија (ДПЛ)
- Денеска одобрените мерки се насочени против добавувачи од средно ниво, кои го претставуваат јадрото на руската воена индустрија. Овие компании остваруваат годишен промет од најмалку 20 милијарди евра и вработуваат повеќе од 250.000 луѓе.
Брисел, 12 октомври 2026 (МИА) – Советот на Европската Унија денеска усвои дополнителни рестриктивни мерки против 1.569 лица и компании од рускиот военоиндустриски комплекс, што претставува најголем број санкционирани субјекти што некогаш ги одобрила ЕУ во еден пакет. На одобрените списоци се наоѓаат 826 руски компании кои испорачуваат клучни компоненти за најсовремените руски системи за оружје, како и 743 извршни директори во тие компании, соопшти Советот на ЕУ.
Со оваа одлука, вкупниот број физички и правни лица опфатени со санкцискиот режим на ЕУ за поддршка на територијалниот интегритет на Украина достигна речиси 4.600.
Денеска одобрените мерки се насочени против добавувачи од средно ниво, кои го претставуваат јадрото на руската воена индустрија. Овие компании остваруваат годишен промет од најмалку 20 милијарди евра и вработуваат повеќе од 250.000 луѓе.
Покрај тоа, Советот на ЕУ одлучи да воведе санкции и против 77 лица кои учествувале на незаконските „избори“ за руската Државна дума во септември 2026 година, спроведени на украинските територии што Русија привремено и незаконски ги окупираше.
Списокот вклучува 74 кандидати кои учествувале на изборите во таканаречените „Доњецка Народна Република“ и „Луганска Народна Република“, во Запорошката и Херсонската Област, како и на Крим и во Севастопол. Со учеството на овие фиктивни избори, како што се наведува во соопштението, овие лица активно придонеле за обидите да се оправда руската агресивна војна против Украина и да се одржи незаконската руска окупација. Санкции се воведени и против тројца членови на Централната изборна комисија на Руската Федерација поради организацијата на овие избори.
За сите санкционирани лица и организации се применува замрзнување на имотот, а забрането е и директно или индиректно ставање финансиски средства и економски ресурси на нивна располагање. За физичките лица дополнително е воведена и забрана за патување во ЕУ. ссм/
фото: архива