• петок, 15 мај 2026

„Дипфејк“ слики од Мелони се шират на интернет, премиерката предупредува на злоупотреби

„Дипфејк“ слики од Мелони се шират на интернет, премиерката предупредува на злоупотреби

Рим, 6 мај 2026 (МИА) - Италијанската премиерка Џорџа Мелони го осуди ширењето на лажни „дипфејк“ фотографии генерирани со вештачка интелигенција, вклучително и една на која е прикажана во долна облека, откако тие масовно се проширија на интернет.

„Во последните денови кружат неколку мои лажни слики, генерирани со вештачка интелигенција и претставени како вистински од страна на некои премногу ревносни противници“, напиша вчера Мелони на Фејсбук. 

„Морам да признаам дека оние што ги направиле... дури и ме разубавиле“, напиша таа на шеговит начин, додавајќи дека „факт е дека луѓето, за да напаѓаат и шират лаги, сега се подготвени да користат апсолутно сѐ“.

Во објавата, Мелони сподели една од спорните фотографии – наводно прикажана како седи на кревет во долна облека – која стана вирална и предизвика реакции кај дел од корисниците кои ја сметале за автентична, пренесе „Гардијан“.

Еден корисник напишал дека „појавувањето на премиерка во вакво издание е срамно и недостојно за институционалната функција“.

Мелони ваквите содржини ги оцени како форма на кибер-малтретирање и предупреди дека сликите генерирани со вештачка интелигенција стануваат сѐ поопасна алатка која може да доведе до заблуда и да им наштети на поединци.

„Прашањето оди подалеку од мене. Дипфејковите се опасна алатка бидејќи можат да измамат, манипулираат и да насочат напади кон секого. Јас можам да се одбранам. Многу други не можат. Затоа едно правило секогаш треба да важи: проверете пред да поверувате и размислете пред да споделите“, порача таа.

Борбата против ризиците од вештачката интелигенција и дипфејковите е дел од агендата на владата на Мелони. Минатиот септември Италија стана првата земја од ЕУ што усвои сеопфатен закон за регулирање на употребата на вештачката интелигенција, воведувајќи и затворски казни за злоупотреба на технологијата, вклучително и за создавање дипфејк содржини, како и ограничувања за пристап на деца.

Законот следуваше по скандал со порнографска интернет-страница која објавувала манипулирани фотографии од познати италијански жени, меѓу кои и Мелони и лидерка на опозицијата Ели Шлајн, што предизвика силни реакции во јавноста.

Фотографиите, преземени од социјални мрежи или јавни настапи и изменети со вулгарни и сексистички натписи, биле споделувани на платформа со повеќе од 700.000 претплатници. Италијанската полиција нареди затворање на страницата, а обвинителството во Рим отвори истрага за повеќе кривични дела, меѓу кои незаконско ширење експлицитни содржини, клевета и изнуда. мв/ссм/

Фото: Фејсбук профил на Мелони

 

 

Остани поврзан