• четврток, 25 април 2024

Грчкиот Парламент одржа седница и избра претседател, а попладнево ќе се распушти

Грчкиот Парламент одржа седница и избра претседател, а попладнево ќе се распушти

Атина, 29 мај 2023 (МИА) – Со широко мнозинство, односно со 270 гласа „за“ и 26 воздржани, пратеникот од Нова демократија Константинос Тасулас одново доби доверба од пратениците и беше реизбран за претседател на грчкиот Парламентот, меѓутоа во текот на денот се очекува Парламентот да се распушти во пресрет на изборите на 25 јуни, јави дописничката на МИА од Атина. 

За Тасулас гласаа сите партии, со исклучок на Комунистичката која беше воздржана. 

По изборот на претседател на Парламентот, пратениците гласаа и за заменици и секретари. 

Се очекува во текот на денот да биде издаден претседателски декрет за распуштање на Парламентот и распишување избори на 25 јуни, со што и официјално ќе започне новиот предизборен период во Грција.

Новите 300 пратеници избрани на изборите на 21 мај вчера положија свечена заклетва, а ќе имаат еден од најкусите пратенички мандати.

Мнозинството пратеници положија религиозна заклетва, дел одбраа граѓанска, а четворица пратеници положија заклетва пред Куранот.

Новиот парламентарен состав го сочинуваат пратеници од пет партии кои на изборите го преминаа прагот од три отсто за влез во Парламентот.

Нова демократија има 146 пратеници, СИРИЗА 71, ПАСОК- Движење на промена 41, Комунистичката партија 26, а Грчко решение има 16 пратеници. ср/паг/

Остани поврзан