• недела, 16 август 2026

Во тек реконструкцијата на улицата „Индустриска“ во Куманово

Во тек реконструкцијата на улицата „Индустриска“ во Куманово

Куманово, 16 јули 2026 (МИА) - Екипите на избраната градежна компанија интензивно работат на реконструкцијата на улицата „Индустриска“, една од најзначајните сообраќајници во индустрискиот дел на Куманово. Во оваа фаза, како што информираше градоначалникот на општина Куманово, Максим Димитриевски се врши гребење на постојниот асфалтен слој и поставување нови бетонски рабници.

Проектот предвидува целосна реконструкција на руинираната коловозна конструкција, со вадење на старите рабници, машински ископ, продлабочување на тампонскиот материјал и поставување нов тампонски слој со машинско набивање. Со реконструкцијата ќе бидат изградени и нови тротоари, ќе се постават нови бетонски рабници, нов носив и завршен асфалтен слој, како и сливници за надолжно и попречно одведување на атмосферските води.

Улицата „Индустриска“ ги поврзува населбите „Железничка станица“ и „Бедиње“ и претставува важна сообраќајна врска за компаниите лоцирани во една од најстарите индустриски зони во градот. Сопствениците на фирмите кои работат во овој дел од Куманово со години бараа подобрување на инфраструктурата, посочувајќи дека оштетениот асфалт, бројните дупки и нерамнини  го отежнуваа движењето на товарните и патничките возила. Со реализацијата на проектот се очекува да се подобри безбедноста и проточноста на сообраќајот, како и условите за работа на стопанските субјекти во индустриската зона. ам/са/

Фото Општина Куманово