• сабота, 15 август 2026

Во Струмица се одржа комеморација во спомен на Иван Котев, големиот струмички и македонски фолклорист

Во Струмица се одржа комеморација во спомен на Иван Котев, големиот струмички и македонски фолклорист

Струмица, 15 јули 2026 (МИА)-Синоќа во Младинскиот центар во Струмица се одржа комеморација во спомен на Иван Котев, големиот струмички и македонски фолклорист, кој почина на 26. минатиот месец.

На комеморацијата присуствуваа членови на семејството, негови соработници, пријатели и почитувачи на неговото дело, а голема поддршка на настанот и почит кон ликот и делото на Котев даде и градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков.

Во своето обраќање тој истакна дека Иван Котев не ги собираше само народните песни и преданија, туку ја собираше душата на Македонија и струмичкиот крај чувајќи ги од заборав.

-Неговото заминување претставува голема загуба за македонската култура, за науката, за фолклористиката, но и за сите што веруваат дека идентитетот на еден народ се чува преку неговото паметење, рече градоначалникот Јанков.

Директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“, професор д-р Зоранчо Малинов, истакна дека Иван Котев повеќе од половина век бил надворешен соработник на Институтот, во чија архива се чуваат бројни теренски материјали собрани од овој регион.

-Сите ние сме излезени од неговиот „шинел“ – така историјата го парафразира Достоевски, мислејќи на големиот Гогољ. Сите ние денес сме негови, на Иван, ученици и воспитаници, кои го сведочевме времето кога тој, скромниот и ненаметлив наш учител, во своето мало торбиче носеше лист и пенкало, собирајќи ги зборовите како жетвар околу стожер, подвлече професорката Ана Витанова-Рингачева, негова соработничка и познавач на неговото дело.

Иван Котев е автор на повеќе од 220 стручни и научни трудови и на 18 книги. Во фаза на подготовка останаа уште три книги, со кои требаше да се заокружи бројката од 21 – токму толку колку што тој посакуваше: по една книга за секој век

Иван Котев почина на 86 - годишна возраст и зад себе остави илјадници фолклорни материјали собрани во повеќе книги и филмувани приказни.рт/вг/

Фото: Општина Струмица