• четврток, 17 јули 2025

„Битолски хорологион II“ ново дело на Марјан Танушевски, новинар на МИА

„Битолски хорологион II“ ново дело на Марјан Танушевски, новинар на МИА

Битола, 22 јуни 2025 (МИА) - Новинарот на МИА, Марјан Танушевски ја промовира авторската книга „Битолски хорологион II“, издание на Македонско научно друштво - Битола. Книгата е мотивирана од сончевиот часовник, ремек дело изработено од мермер во 157 (CLVII) година, Хорологион, пронајден во Хераклеа Линкестис и содржи новинарски приказни од Битола и Битолско, објавени од МИА, матична куќа на Танушевски.

-Во 1985 година во Радио Битола ми беше доверена задачата да ја уредувам и водам младинската радио емисија „Од млади, за млади“. Токму тогаш, се запознав со верните пријатели – Што, Кој, Каде, Кога, Зошто и Како! Со нив, како вистински патоказ, движењето во овие 40 години во медиумскиот простор, за мене секогаш е со јасна фреквенција и вибрација. Секако, годинава не ја чувствувам како јубилејна! Велат, историјата е филозофија која подучува со примери. Таа е сведок на времето, живот на спомените, весник за минатото. Врз овие принципи е публикувана книгата како продолжение од битолски приказни, објавени и во мојата матична куќа МИА, каде работам 20 години, посочи Танушевски.

Според промоторот, професор д-р Љупчо Јаневски, со „Битолски Хорологион II“, авторот проф. д-р Марјан Танушевски магично го враќа читателот низ децениите и вековите во кои Битола имала свој автентичен шарм и мирис потсетувајќи ги сегашните жители на овој македонски град за објектите пред кои поминувале, поминуваат и ќе поминуваат, а многупати не ја знаат вистинската историја која треба да се почувствува и прераскаже на сите патници добронамерници кои патуваат низ овој крај.

-Леснотијата на неговиот навидум едноставен стил на пишување разбирлив за скоро сите, не нурнува во книгата која не можеме да ја оставиме се до нејзината последна страница создавајќи една кохезија помеѓу читателот и страниците кои се листаат низ рацете на читателот. Се што авторот посочува во „Битолски Хорологион II“, карактеризирано од моја страна како живи приказни за градот Битола и нејзината околија, како ретко кој писател од овој крај на Македонија создава автентична мапа, како пајажина или народно кажано туристички крвоток на градот пред кој не треба да се сврти поглед, туку треба да се прочита и прераскаже на другите, истакна Јаневски.

За книгата на Танушевски говореше и м-р Валентин Соклевски и рече дека книгата содржи одлично избрани теми, временски избалансирани, повеќеслојни, преполни со универзални вредности споени во духовно јадро кое зрачи со убавина и ненаметлива едукативност.

-Време, земја, културни хоризонти, природа, флора, фауна, уметнички креации, архитектура, куќи, цркви, џамии, икони, резби, обичаи, навики, книги, легенди.... Не би можел да кажам што е поубаво, поинтересно, поедукативно. Тешко е да одлучам. Зборови, приказни, сведоштва, вредности. Марјан Танушевски ја стави Битола во центарот на временскиот виор, човекот во центарот на настаните. Тој создаде повеќе димензионални, безвременски спомени на минатото кои се наследство за иднината, нагласи Соклевски.

Книгата „Битолски хорологион II“ е 15 авторско дело потпишано од Марјан Танушевски, новинар на МИА. МИА

Фото: МИА

Остани поврзан