Авганистан тврди дека убил 58 пакистански граничари во одмазднички операции
- Авганистанските сили убија 58 пакистански војници и привремено зазедоа повеќе од 20 пакистански воени пунктови во одмазднички ноќни операции долж линијата Дуранд, изјави портпаролот на талибанската влада, Забихула Муџахид, на денешната прес-конференција во Кабул.
Кабул, 12 октомври 2025 (МИА) - Авганистанските сили убија 58 пакистански војници и привремено зазедоа повеќе од 20 пакистански воени пунктови во одмазднички ноќни операции долж линијата Дуранд, изјави портпаролот на талибанската влада, Забихула Муџахид, на денешната прес-конференција во Кабул.
Муџахид додаде дека во судирите загинале и девет авганистански војници. ДПА нагласува дека бројките не се потврдени од независен извор.
Портпаролот нагласи дека борбите биле прекинати на барање на Катар и дека талибанските сили во моментов се во дефанзивна положба, иако тврди дека пакистанските напади сè уште продолжуваат. Катар, Саудиска Арабија и Иран ги повикаа Авганистан и Пакистан на воздржаност.
Ова доаѓа откако во четвртокот навечер, пакистански воздушни напади за првпат беа насочени кон Кабул, додека дополнителни напади погодија пазар во пограничната провинција Пактика. Како одговор, талибанските сили започнаа одмазднички напади долж спорната линија Дуранд, која ги дели Авганистан и Пакистан.
Муџахид тврди дека ќелиите на терористичката Исламска држава – провинција Хорасан (ИСКП) оперираат од Пакистан со поддршка од елементи на пакистанската војска. Тој изјави дека неколку напади врз авганистански функционери, верски лица и странски мисии биле планирани и извршени од пакистанска територија.
Владиниот портпарол именуваше високи наводни членови на ИСКП – вклучувајќи го и Шахаб ал-Мухаџир, кој е меѓународно баран – и го повика Пакистан да ги предаде или протера.
Муџахид, исто така, го обвини Пакистан за ширење дезинформации на меѓународно ниво и ескалирање на тензиите преку прекугранично бомбардирање и прекршување на воздушниот простор. Тој предупреди дека Авганистан ќе одговори на секоја понатамошна агресија и го задржува правото да го брани својот суверенитет.
Портпаролот ги отфрли тврдењата на Пакистан дека талибанците засолнуваат исламистички борци од групата Техрик-и-Талибан Пакистан (ТТП), тврдејќи дека на ниту еден милитант не му е дозволено да дејствува во Авганистан. Бегалците во пограничниот регион Вазиристан ги опиша како мирни цивили кои живеат таму со години. ссм/
фото: архива